Во пресрет на големиот македонски празник Илинден во планинското село Лазарополе, на падините на Бистра, на 1.350 метри надморска височина, опиени од најчистиот воздух на Балканот, пеесетина дечиња на возраст од 3 до 12 години беа дел од ликовната работилница „Мало Мијаче“.
За содржината и за начинот на реализација се погрижи академската сликарка Јана Манева Чупоска, која исто така е задолжена за ликовниот дел на манифестацијата „Креативни викенди во Лазарополе“, која се одржува еднаш месечно, трета година по ред.
Децата не се исплашија од дождот
– Навистина сме задоволени од интересот кај најмладите, кои деновиве со своите родители, баби и дедовци, кои потекнуваат од овој крак, престојуваат во Лазарополе. Инаку, ова е петто издание на „Мало Мијаче“ и секогаш има интересни случувања. Годинава првпат се одржува манифестацијата во рамките на „Креативните викенди“. Досега имавме најразлични содржини за најмладите: правење икебани, сликање, поетски работилници, а еве сега се одлучивме тоа да биде цртање на тема „Подарок“. Основачот на манифестацијата Јован Ламбевски, кој го иницира и одржувањето нa „Лазарополефест“, кој сега е во мирување, токму денеска (31 јули) го слави својот роденден, па затоа сите творби ќе му бидат посветени нему – ни рече во почетокот на манифестацијата уметницата Јана Манева Чупоска.
Таа работи како професорка по графички дизајн на Европскиот универзитет. Владимир Мартиновски е задолжен за настаните од областа на литературата, за оние за фотографија е задолжена Ана Лазаревска, а Гоце Цветановски ги подготвува работилниците за анимирани филмови.Инаку, работилницата се одржа на платото пред хотелот „Калин“, а дождот што почна да паѓа не го наруши нејзиниот тек. Веднаш беше спуштена стреата, па работата можеше да продолжи. Откако го добија потребниот материјал, малите рачиња се зафатија за работа и се родија „нацртаните“ подароци за Јован: торти, сладоледи, цветови и што ли уште не. Имаше и понекоја куќа, чекмеџе, украс со детали од Лазарополе… Потоа сите деца влегоа во банкет-салата на хотелот „Калин“, каде што обично се одржуваат културни настани, изложби, литературни читања… Таму беа изложени сите цртежи, а нешто подоцна беа прогласени и најдобрите.
Првото место ѝ припадна на Анисија Трпкова, втора беше Стела Танев, а трет беше Никола Ламбевски. Тој го подели третото место со Максимилијан Цветаноски, Јована Павлеска, како најмлада учесничка, и со Марко Ковачевиќ
Куќичка стара
На ридот куќичка стара
со порта и спуштено резе,
одамна во неа нема
никој тука да влезе.
Едно пролетно утро
сите заминаа рано,
далеку некаде таму
дури зад океанот.
Некогаш весело беше
играа деца во дворот,
веселби, празници, свадби
наше македонско оро.
Еве и сега е пролет
славеј на трендафил пее,
куќата сама и тажна
пролетно сонце ја грее.
Некој деновиве велат
порака од далеку пратил,
сакал во родната куќа
повторно да се врати.
– Таму е детството мое
птиците, цветниот мај,
ќе дојдам повторно тука
ме вика родниот крај.
Наум Попески
Најдобрите цртежи ќе патуваат за Париз
Трите првонаградени цртежи ќе бидат прикажани и на „Креативниот викенд“ што ќе се одржи во Париз, на 14 октомври, во културниот центар „Ла женерал“
– Во Париз ќе имаме шанса Македонија, освен со својата култура, да се претстави и со природните убавини, гастрономијата, традицијата, етносот… Ќе бидат претставени и дела од други креативни викенди во Лазарополе, за фотографија и ликовна уметност, а ќе настапи и Тони Димитров со амбиентална музика – вели Ламбевски.
Во август „Креативниот викенд“ ќе биде на тема „Макрофотографија“, со слики на кои авторите ќе претстават детали од природата. Кој сака може да ги следи активностите и на страницата на „Креативни викенди во Лазарополе“ на Фејсбук.
Идната година ќе има пообемна програма за најмладите, со куклен театар, сликарска колонија, поетска и други работилници – велат организаторите.
Инаку, во Лазарополе на Илинден беа промовирани две значајни книги: „Лазарополе“ од д-р Блаже Смилевски и „Лазарополски зографи“ од Петре. Р. Колоски. Исто така, во дворот на црквата „Свети Ѓорѓија“ беше откриена и бистата на гордоста на овој крај Ѓурчин Кокале, кој со многу нешта го задолжил своето родно место, а финансиски го помогнал и изградувањето на светиот храм. Неговиот лик во бронза е дело на уметничкото семејство Нанески.
skimacedonia