Кратово, Лисец, врв Бреза, Осоговска планина 26-28 јули 2014
Кога говориме за планините во Македонија и нивните врвови обично мислиме на западот, на младите масиви и нивните силни врвови кои ненадејно се издигаат во остри врвови. Нив и почесто ги посетуваме, секако поради својата моќ, надморска висина, но можеби и поради некоја инерција и поради тоа што тој терен е релативно поистражен. Овој пат решив да тргнам малку кон неоправдано запоставениот исток. Да се истражи тоа непрегледно пространство на старите планини, чии падини и ниски врвови се протегаат во недоглед.
Навикнат на западот на Македонија, на врвовите од каде се гледа барем пола Македонија и сите околни планини, сите врвови кои можете јасно да ги наброите на добро и прегледно време, ми беше сосема интересно и несвојствено доживување движењето по Осоговијата. Се движев со часови по тој карпест предел, по долината на Крива река, за да стигнам барем до првото малку поизразено врвче. Идејата беше да ги посетам врвовите Бреза и Лисец.
Тргнав од Кратово, најблиското место до нив, откако поминав една вечер таму. Беше сабота и градот беше посебно жив. Музика ечеше од сите кафулиња, засилувајќи се природно со одбивање од околните карпи. Сепак Кратово е сместен во карпеста дупка или да бидеме попрецизни во кратер! Ова значајно гратче за историјата на Македонија, сместено на западните падини на Осоговската планина е сместено во карпите на стар вулкански кратер. Доказ за тоа е и изобилството од метал во тие планини, од каде и многуте рудници од каде тој метал се ископувал низ историјата, правејќи го ова место и околината значаен рударски и трговски центар.
Тоа го покажува и богатата историја на местото која е во распон од праисторијата и карпестата уметност, преку римското царство, отоманската империја и нејзините кули и мостови, па се до крајот на минатиот век кога во транзицијата ова место почнува да го губи својот сјај.
Кратово беше присутно на сите историски мапи како значаен центар, мапи кои ја прикажуваа историјата на Македонија од XV век па се до денес, кој ги гледав на една изложба на стари мапи во музејот на Македонија пред некоја година. Дури и во 80тите години,во социјализмот,кога Кратово е под владеење на „феудалецот“ Ѕинго, овој град е доста жив. Такво е и моето сеќавање за овој град каде сум поминал доста време од моето рано детство. Град доста жив, со доста млади и светла иднина. Но, во времето на независноста и очајната транзиција изведена од социјалистичките остатоци, целото тоа значење почнува да бледнее. По доста време отсуство од него, сега за среќа повторно го среќавам во поубаво светло.
Чаршијата е обновена, исто така и музеите, дел од саат кулите се претворени во музеи, сите клучни историски места, кулите и мостовите се обележани со имиња. Многу туристи циркулираат шетајќи по музејот на карпеста уметност или во историскиот музеј сместен во саат кулата. Вистинската вредност на градот Кратово е откриена. Град кој тежи од својата историја.
Шетав доста низ градот и се потсетував на местата по кој сум поминал како мал, евоцирајќи ми носталгични реминисценции од детството, а веќе наредниот ден тргнав кон горно Кратово, село оддалечено на час и половина одење низ недогледните карпести пејзажи на Осоговијата. Поминав низ горно маало и покрај вировите во кој како мал ме носеа да се капам, се движев покрај долината на реката. Чувствово беше како да се наоѓам на друга планета. Падините беа карпести и голи, со ниска вегетација која се пробива низ пукнатините создадени од жешкото сонце, но и од студените зими. Се движев долго, а под мене се влечеше и Крива река, реката која поминува низ Кратово. Теренот не го познавав, но со мене имав една ловечка и една топографска мапа останати од чичко ми. Во моите планински ескапади, мапи обично не користам, туку едноставно го истражувам теренот со обиди и грешки, но сега добро ми дојде да ги лоцирам врвовите и потемелно да се запознаам со истокот и Осоговијата. Проблемот со овој дел, за разлика од западните планини, беше што теренот е непрегледен. Дел од теренот е низок, што значи во шума, па според тоа автоматски е непрегледен. Иако мислите дека сте се упатиле во вистинскиот правец, тука ве очекува голем дол па морате да го заобиколувате со часови. Маркации секако нема никаде, бидејќи овие планини и врвови не се регуларните дестинации, ниту на планинарите, ниту на туристите. Според ова немаше многу простор за грешка.
Врвот се гледаше во далечината, но сепак според кратките разговори со ретките патници кои пешки ја поминуваат оваа дестинација од своите села до Кратово, не е баш блиску. Јас сепак бев убеден во својата брзина и точна процена, па дадов максимум час време. Час време помина, а јас дури сега се наближував до селото Горно Кратово каде еден од селаните ме праша: -До дека бе момче? – До лисец – му одговорив. Ееее… – беше неговиот краток одговор, кој и не беше баш утешителен. Сепак продолжив понатаму, обновувајќи ги резервите со вода, кој овде во овој дел од Македонија беа вистински непроценливи. Чешмите не беа како на западот. Водата не извираше на секој чекор, туку со црева беше носена до овие чешми со километри! Којзнае од каде, а и чешмите беа ретки за толкаво растојание. И селото беше несвојствено за некоја конвенционална претстава која ја имав и тоа воопшто не изгледаше на село туку на разделени една од друга куќи, расфрлани на огромно пространство.
По кратко движење теренот почна да го менува својот облик и од карпестиот пејзаж почнав да навлегувам во шума. Врвот се уште изгледаше дека е тука некаде, но никако да се наближам до него. Требаше да го заобиколам овој рид и веќе требаше да се појави искачувањето кон врвот. Но тој рид никако да го заобиколам. Навлегов во подлабока шума, што беше навистина несвојствено, но за кратко, покрај една куќа и нејзиниот пес чувар, се искачив непосредно под Лисец. Тргнав директно нагоре до сртот на Лисец, а од таму почнав да се спуштам кон патот кој води до селото Нежилово и од каде започнува искачувањето на врвот Бреза, кој е за малку повисок. Некаде под врвот конечно за промена имаше убава студена изворска вода, но и многу комарци, кој беа уште една значајна карактеристика на ова екскурзија. Од сртот врвот повторно изгледаше близу и лесно достапен, но таа слика повторно се покажа како оптичка илузија. Навлегов во шума и врвот се изгуби. Се движев по јасна шумска патека и иако сакав по обичај да скршнам директно кон врвот за да скратам, сепак останав на патеката која претпоставував ќе ме однесе на голата површина под врвот. Веќе беше навистина доцна, скоро пред зајдисонце и не сакав да губам време во експерименти, иако беше и повеќе од јасно дека патот назад ќе го враќам во темница. Само што го помислив тоа, се изненадив со една прекрасна слика. Малини! Многу малини по целиот пат кон врвот. Иако по сите планини во лето јадев навистина многу боровинки, но малини беа навистина реткост (освен можеби кај компирите под Кобилица) и со тоа уште повеќе ме израдуваа.
За кратко искачување по непрегледната шумска патека, бавчите со компири и високата трева, бев скоро на врвот. Дури и тука под врвот имаше шума. Секако, како и на секое планинско место кое е под 1800 метри. А за кратко бев на врвот Бреза, највисоката точка во овој дел од Осоговијата, до кој може да се стигне од Кратово пешки за еден ден. Погледот беше нестварен. Иако релативно низок врв, барем за онаа претстава за врвовите која ја знаеме, погледот допираше во недоглед. Слоеви и слоеви ридови кои не сопираа, освен во далечните облаци низ кој се пробиваше зајдисонцето, кое тука и го дочекав.
Кога ќе се искачите на некој од овие врвови тие и не изгледаат баш така остро како што ви изгледаат од перспективата од која сте набљудувале. Од другата страна се претопува во друга падина и пејзаж, преминувајќи кон друг врв, кој исто така можеби и не е баш така остар како што изгледа. Така којзнае до каде. Сигурно до највисоките точки Царев врв или Руен кои единствени на истокот достигнуваат до 2000 метри надморска височина. Од Руен, планината понатака продолжува и во пиринска Македонија.
Немав многу време за уживање, морав да стигнам барем до шумската патека долу пред мрак. А за тоа немав многу време. Решив да скратам дел од патот и се спуштив директно преку една падина до шумата. Тука некаде се спушти мрак. Се симнував низ карпестите кањони во ноќ. Само јас штурците кој звучат бавно, асоцирајќи на доцна летна ноќ, роевите комарци кои безмилосно ме напаѓаа и ѕвездите кои една по една се појавуваа оцртувајќи го најјасниот млечен пат кој досега сте го виделе. Во таа беспрекорна темна и топла ноќ, само ѕвездите ми го осветлуваа патот.
* * *
Пред полноќ бев повторно во градот. За среќа ќе поминам тука уште една ноќ, која како и саботната беше исто така жива поради неработниот ден понеделник. Шетав низ суптилно осветлените, стрмни сокаци и калдрми, навраќајќи се во мемориите од детството и во нив препознавајќи еден прекрасен и возбудлив град со многу потенцијал. Знам многумина кои би се фасцинирале од некој мал средновековен медитерански град, можеби на Француското крајбрежје или пак можеби некое мало утврдување во Италија. Но ете, не знаеме да го препознаеме потенцијалот, вредноста, убавината и правековната историската димензија во овој наш град. Ниту ние кој живееме во оваа земја, ниту самите жители кој се тука со децении, не знаат да го препознаат и искористат тој потенцијал. Но, многуте странци кои тука почнуваат да циркулираат, очигледно знаат.
Останав тука и утредента. Во ден да ги уживам кејот, кулите, градот во целост, искачувајќи се по околните брда налик на пирамиди од некоја древна цивилизација, од каде се гледа целиот, како со векови лежи во кратерот. Останува уште многу да се истражува овој град, Осоговијата чиј само мал дел ете овие денови поминав и секако целиот исток, кој крие којзнае какви магии и скриени богатства во своите непрегледни ридови.
Тони Димитров
skimacedonia


























































Ubavo napisano ,so mali nepreciznosti okolu informaciite