врв Сандакташ, 1981 м.н.в., 2 август 2014
Од Бистра го познавам секој рид. Секој пристап. Секое село и патека. Сезонава на врвот Меденица бев десет пати. Тоа му доаѓа отприлика по еднаш месечно па и повеќе. Дали од Маврово, Кичиница, дали од Галичник, од Бачилото кај Тони вода, сум пристапувал и од Беличица, од Царевец, па дури и од Лазарополе. Не дека е некој врв, но ете. Некако судбината ме поврзала со Бистра. Нежна и убава. Сиво-жолта. Уште прв пат кога на неа стапнав една зима, во сета своја белина.
Овој втори август, најголемиот македонски празник, пак бев некаде таму. На Бистра. Требаше да се оди некаде. Но не сакав повторно да се сретнам со Меденица. Не сакав повторно да одам во Лазарополе, иако секој слободен момент се обидувам да го поминам таму. Остана само една веројатна опција, еден дел од Бистра кој најмалку го посетував, а кој вреди да се посети поради својата издвоеност и висина на целиот масив на Бистра. Врвот Сандакташ. 1981 метри надморска висина.
Тргнав утрото на втори од браната. Пешки до Ниќифорово. Има доста пат по асфалт. Пат кој сум го поминувал доста, а кој реално нема поента да се поминува, освен ако изостанува друга опција. Сепак има нешто интересно и во тоа, иако асфалтот ве забавува за разлика од тоа ако одите по земјен терен. Поминувате повеќе од половина езеро по неговиот брег. Околината е убава, а бидејќи е рано утро нема возила, а ни луѓе. Вчера врнеше и се уште е облачно. Се надевав дека онаа магла над источната страна на Бистра наскоро ќе исчезне. И додека стигнав до Ниќифорово тоа навистина и се случи.
Додека се подготвував за нагоре и полнев свежа вода на спомен чешмата на загинатите селани во втората светска војна, до мене дојде и селското куче. Млад пес од некоја година и пол со убави заби. Убав и голем кафен овчарски пес кој ми се радуваше и сакаше да си игра. Кога тргнав нагоре и тој тргна со мене. За миг се спријателивме како отсекогаш да сме биле заедно. Одевме покрај селската црква и последните куќи, па по патеката навлеговме во шумата. Тој пред мене како да го знаеше патот, а јас побавно берејќи шумски јагоди, кој во овој дел од шумата ги имаше во навистина големо изобилство. Ако не ги изедам јас сега, ќе се исушат и нивниот моќен вкус ќе остане невкусен. Тогаш зошто воопшто зрееле? Зошто воопшто го обликувале тој привлечен вкус?
Првиот дел од патеката е низ шумата. Облаците испаруваа па шумата ни правеше ладовина по утринското сонце кое веќе почна да се засилува. Патеката е маркирана, но на моменти се излегува на пат со ненадејни скршнувања па може да се застрани. Патеката треба да не однесе до чешмата Пет леба, па оттука до бачилото од каде по сртот почнува искачувањето на врвот. Низ шумата има уште една чешма со партизанска спомен плоча. Овој дел од шумата и селото се доста значајни за анти-фашистичката борба и доста партизани загинале тука, а и во самото село, од страна на италијанскиот окупатор. Интересно совпаѓање да се посетат овие споменици на овој ден.
Кога излеговме надвор од шумата, маркацијата води по патот направен за тракторите кои од тука ја влечат брутално исечената бука, но ние влеговме директно по ливадата пред нас, за да го скратиме кружењето. За кратко бевме до бачилото, непосредно под трите врвови. Се спуштивме до бачилото на кратко да се поздравиме и поразговараме со овчарите и нивните песови, а тука беше и Меца, една убава бела кучка со нејзините мали. А по тоа ни остана само уште да го качиме врвот.
Од тука имаме избор да одиме на кој врв сакаме. Дали директно кон Сандакташ во лево, на средниот врв малку понизок од него или сосема во десно наспроти Меденица со поглед кон Тресонче, а од таму по сртот да одиме кон Сандакташ и да ја изодиме целата падина и да видиме повеќе од планината. Се одлучивме за директно искачување кон средниот врв, кој од ова перспектива изгледа повисок од Сандакташ, но е за малку понизок. Под нас е Мавровското езеро, а спроти Меденица. Споредувајќи ја висината би требало да сме тука некаде. Меденица и Сандакташ се разликуваат за само 182 метри. За кратко го искачуваме средниот карпест врв кој на него има камена кота. Седнавме да одморивме и да поуживаме во погледот. Ни се приближи стадото, а со нив и овчарот. Пред да тргнеме понатака си поприкажавме и со него, неговите кучиња се обидоа да ни се приближат, но сепак се откажаа. Мојот пес беше надмоќен и доста заштитнички настроен, иако ова сепак беше нивна територија. Сепак овчарот не предупреди да внимаваме на стадото кое се наоѓа од другата страна на Сандакташ. Стадото кое е во сопственост на братот на Али Ахмети имало доста опасни кучиња. Сепак ние тргнавме и натаму, без воопшто да размислуваме на тоа. Имавме конкретно поставена цел. А и бевме двајца.
Се спуштивме по сртот, а после кратко искачување. На врвот не дочека купче камења и камената плоча со испишаните бројки 1981. Традиционално го забодев стапот кој го понесов од шумата на врвот и го наместивме апаратот за едно заедничко селфи. Кога тргнав да направам и некоја фотографија на околината, надојдоа и облаци од северната страна. Езерото се затвори, а над Кораб очигледно имаше бура. Времето тој ден беше сосема пристојно, сончево но со повремени облачиња кој го олеснуваа движењето, но сепак никогаш не знаете што може да следува. Си ја поделивме храната, барем она што и тој можеше да го јаде од мојот вегетаријански оброк и решивме да се спуштиме малку подолу на една камена тераса каде се уште грееше сонце.
Тука некаде, иако се обидовме да не не забележат, сепак не забележаа претходно споменатите пци и ни го нарушија раатот. Иако не се приближуваа до мене, сепак овој пат им беше поинтересен мојот пес, кој им беше навлегол на нивна територија. А и тие на него му беа интересни, па им се приближи со намера да ме одбрани од нив. Почнаа да ’ржат и да се буткаат, а тука влетавме со овчарот за да ги одвоиме. Целиот пат понатака, се до долу не следеа и се пуштаа кон него, но без да се обидат да ни се приближат.
Очигледно беше од самиот старт на нашето дружење дека тој беше спремен да направи се за мене, еднакво како што јас бев спремен да го направам тоа за него. Беше тоа онаа безусловна љубов која само пес може да ја почувствува и има. Сепак не беше тоа дресиран пес, туку пес со свој идентитет и волја, независен и со сите свои природни инстинкти развиени во планината во слобода. Не можев да го натерам да направи нешто со сила и да сакав.
Како што тргнавме, така и се вративме назад во селото. Тука некаде, каде што се сретнавме, тука и се разделивме. Се обидов да му ги дадам остатоците од храната. Но тој беше непоткуплив и само сакаше да ми каже дека награда не прифаќа, се што направи, направи од љубов, затоа што навистина сакаше, а не заради некаква награда.
Јас продолжив по патот, а тој остана да лежи во мир на августовското сонце.
* * *
Турата беше прилично кратка па на враќање, пред да си заминам, имав време да поминам и во пештерата. Уште едно фасцинантно место скриено во срцето на оваа прекрасна планина. Недоволно истражена, во утробата на Бистра, недалеку од скијачките терени е пештерата Шаркова дупка. Сталактити, сталагмити, драперии и сите можни формации во оваа галерија, прикажувајќи го сиот раскош со кој оваа навидум едноставна жолто-сива планина има да го понуди. Ова е она кое ние го знаеме од тој раскош. Којзнае уште колку има да понуди, а од нас е скриено.
Тони Димитров
2 август 2014
skimacedonia
















