Граѓани, обединети во иницијативата „Заштита на убавините на Лазарополе“, се противат на изградбата на нова викенд-населба во ова планинско место, откако Владата одлучила да дозволи трајна пренамена на земјоделско земјиште во градежно во близина на селото, на територија која е дел од Националниот парк Маврово.
Според одлуката на Владата, пренаменето е земјиште со вкупна површина од 416.369 квадратни метри во општината Маврово и Ростуша, со цел да се изработи урбанитсички план вон населено место за изградба на викенд-населба. Според информациите кои ги има граѓанската иницијатива, на местото е предвидена изградба на 300 парцели за викендички, 2 хотела и хелиодром.
Граѓаните се жалат дека Владата ја донела одлуката набрзина, без консултација со сопствениците на парцелите и на нетранспарентен начин. Според нив, со ова ќе се наруши природниот баланс на Лазарополскиот крај и ќе се направи несогледлива штета на една од последните недопрени, еколошки чисти средини во Македонија.
Лазарополци се гневни бидејќи, како што велат, државата со урбанизацијата целосно ќе го уништи еден од најубавите простори во Македонија богат со природни убавини, поради што е и заштитен со закон како природно наследство. По одлуката да се градат две мали хидроцентрали, „Луково Поле“ и „Бошков мост“ во границите на самиот НП „Маврово“, за кои наиде на жесток отпор од невладините организации кои се залагаат за заштита на животната средина, сега Владата оди чекор потаму и решава да урбанизира нови 40-ина хектари во истиот национален парк.
skimacedonia

