Средба со моќниот Кораб

Корабски водопади, Рибничка скала, Кабаш, Гури куј, 7-8 јуни 2014

Месец јуни. Летото би требало да е започнато, иако календарски сè уште пролет. Период од годината кога на планините снегот веќе би требало да е истопен или да се топи. Кога потоците и рекичките се полни со вода. Кога од секаде тече, извира, кога е се мокро, кога сѐ се буди и раззеленува. Кога и планинарите се раздвижуваат од зимскиот сон. Кога треба да се посетат Корапските водопади, едно од помагичните места на ова парче земја. Највисокиот водопад на Балканот. Така и ние, меѓу другото тргнавме со таа цел. Да го посетиме во овој период од годината кога водопадот има најмногу вода, да искачиме некој врв од масивот, како Рибничка скала и Мал кораб и да направиме средба и заедничка интензивна тура и последни подготовки со екипата која се припрема за искачувањето на Мон Блан ова лето.

Овој текст е екстензивен. Еднакво како што и Кораб е најголемиот и најекстензивен масив во оваа земја. Како што има толку многу места да се посетат, видат, истражат…CIMG4337До овој водопад се пристигнува од селото Рибница. Барем ние пристапивме така иако се пристапува и од Нистрово, а и од Бибај. Сепак патеката од Рибница е добра, од скоро и маркирана. По патот меѓу Маврово и Дебар се врти во десно, но не каде што се врти за пристапување кон караулата од каде се искачува до врвот Голем кораб, туку на следното вртење на местото каде Рибничка река се влива во реката Радика. Има знак кој е доволно видлив, па патот неможе да се погреши. Свртевме токму таму, уште пет километри по земјениот пат и паркиравме на ширинката после мостот. Од тука по макадамот, низ бачилото каде не поздравија опасните карамани и шарковци и нивните газди со овците, па нагоре низ ниската зимзелена шума. Патеката на почетокот е тесна, но е фино обележана. Газиме низ поточиња и барички. На почетокот на селото е првата чешма, а до крајот на дестинацијата има уште две чешми со прекрасна планинска вода. Поминуваме покрај брезите и излегуваме на првата ливада, потоа втората, по често маркираната патека. По следната ливада влегуваме во густата букова шума. По интензивно одење низ можеби најмистичната шума низ која сте оделе изнурнуваме над шумата веднаш под врвот Рибничка скала. Од тука можеме веднаш да почнеме да се искачуваме кон него, но ние продолжуваме до водопадот каде прво сакаме да го поставиме кампот, а потоа се останато. За денес искачување на Рибничка скала, а утре кон Мал кораб.CIMG4343Лизгаме по работ на долината, покрај Рибничка, поминуваме под Кабаш. Од десната страна е масивот на Кораб низ чија јужна страна течат бројни потоци, каскади и водопади. Сонцето пече, додека над Мал кораб се постојаните сиви облаци, кои се надеваме таму и ќе останат. Горе, долу, па пак горе, долу по издолжената траса до нашата крајна дестинација. Го поминуваме ‘видиковецот’, што значи дека само уште само малку и ќе го здогледаме водопадот. Откако го здогледуваме поминуваме покрај третата и последна чешма и се спуштаме во долината покрај длабока река каде го избираме релативно најрамното место за поставување на кампот.

Ден први: водопадот и Рибничка скала

И минатата година спиев токму тука, под водопадот, но за жал на почетокот на септември, кога тој беше само сува карпа. Ништо магично, освен сувата долина и Мал кораб над она што требаше да биде водопад и секако сртот на Кабаш над мене од левата страна. Затоа крајот на пролетта и почетокот на летото е најпрецизниот термин кога можете да ја видите оваа долина и водопадот во сиот свој раскош и големина. Водопадот се напојува од вечните снегови што се топат под Мал кораб, кои во големи количини можат да се забележат тука, ете и во септември. Се наоѓа на источната страна на врвот Мал Кораб, во горниот тек на Длабока Река, поточно веднаш под Мала корапска врата или на почетокот  на кањонот на Длабока река. Висината е 138 метри што го прави највисокиот не само во Македонија, туку и на Балканот. Горната точка на водопадот е на околу 2.050 надморска височина, а долната е на надморска висина од околу 1.950 метри. Е ние бевме токму на толку. Го поставивме кампот на една порамна површина веднаш под водопадот, непосредно до длабока река со што добивме прекрасна свежа вода, што е многу значајно во овие услови. Кога веќе не можете да имате оган, барем да имате доволно вода.CIMG4363И веднаш се упативме назад скоро до почетокот на патеката под северната страна на Рибничка скала(2305 м), т.е. до видиковецот, од каде требаше да започне искачувањето на врвот. Од целиот јужен срт на Кораб кој се протега долж долината на Длабока река познат како Кабаш, Рибничка скала е најпристапниот врв. Но тоа сепак не значи дека е лесен. Можеби е еден од потешките „нормални“ или пристапни врвови. Започнуваме да качуваме директно од таа точка нагоре по сериозниот наклон кој континуирано се протега сè до врвот. Движиме со брзо темпо. Се грабаме за тревните снопчиња. Лазиме. Лизгаме по сипарчињата. Туркаме камења кој прават мали лавини под нас. Групата е сериозно спремна и брзо напредува, за по кратко време да се искачиме на самиот врв.

Пред нас се протега прекрасниот поглед кој можете да го добиете само од овој срт! Од десно се Мал кораб и Солема на северозапад. Од тука убаво можеа да се видат обемните снежни наслаги на Мала корапска врата, од каде требаше да се пристапи кон Мал кораб(2683 м), нашата утрешна дестинација (беше јасно дека искачувањето на Мал кораб ќе биде тежок или скоро невозможен со опремата која ја имавме (поточно ја немавме), пред се поради обилниот снегот на северозападна страна која беше доста изложена). Понатака на север е Голем кораб со своите цели 2764 метри надморска височина. Назад во лево кон југозапад е Дешат со целиот распон на врвови по сртот од Веливар, преку  Голем крчин, Рудина и Црвна плоча, а подолу на југ е секако Стогово и на југоисток Бистра. Пред вас погледот го дели како скалпел остриот срт на Кабаш – можеби најопасниот срт и врв воопшто во Македонија – нашата следна дестинација!

Кабаш – file under: don’t try this at home  

Откако без поголем проблем го искачивме врвот Рибничка скала, се порадувавме на погледот, се сликавме. Идејата беше дел од екипата по сртот да премине на запад кон Кабаш(2395 м), која откако го виде длабокиот премин, остриот срт, лизгавите распаднати падини, се десеткуваше. Остана само мала група од најхрабрите двајца која требаше да ја предводам кон овој деликатен врв. Иако кога ќе погледнете од дистанца кон врвот, си здогледувате патчиња и места од каде би можеле да преминете, кога ќе дојдете до нив тие и не се баш такви како што изгледаат од дистанца. Па така дури и наједноставните премини беа одвратно лизгави. Не знаеш што е полошо  дали лизгав сипар или мокра земја со трева по која можете да отидете долу по падината. Некако успевавме да се лизгаме по остриот срт заобиколувајќи ги високите карпи пред нас. Но во еден момент една од тие вертикали не можеше да се заобиколи. Од десно си е константната провалија, а од лево лизгав дел кој води во провалијата на југ. Единствено можеше да се надмине со искачување кон карпата пред нас. Не беше толку проблем тоа, колку што беше проблем, под еден: распаднатата карпа, под број два: што не знаете дали кога ќе излезете од неа има уште една таква вертикала или ќе излезете до врвот.CIMG4384Претпазливо тргнав да ја искачувам карпата и да ги обмислувам потезите. Е, тука останав сам. Остатокот од екипата реши да се врати назад. Ризикот беше преголем. Ова не беше ни планинарење, а не беше ни алпинизам. Ова беше само еден куп распаднати камења фрлени на едно место по кое требаше да се движам! Се што ќе фатам се распаѓа на допир. Се што ќе згазнам оди во провалијата под мене. Мораше на секој потег да застанам некоја минута, добро да ја разгледам околината, да ги опипам опциите, да размислам за секој милиметар движење.CIMG4429Го искачив тој дел. Малку по остриот срт и… О, не! Уште една вертикала пред мене! Избор немав. Назад секако не може. Тргнав уште еднаш нагоре. Излегувам и над оваа вертикала. Малку по сртот. И уште една карпа! Тргнувам да ја искачам и оваа, надевајќи се дека е последната пред врвот. Додека се обидував да излезам од тој карпест хорор и размислував за враќањето, некако ми надојде сеќавање дека читав текстови како некој планинари сепак се имаа искачено на овој врв. А тоа значи дека сепак не мора да се враќам по овој пат назад, што едноставно беше невозможно. Доколку ме послужи концентрацијата, среќата и доколку Кабаш се смилува на мене и ме прими на своите плеќи, ќе излезам од другата страна. Некако ќе најдам начин брзо да излезам од него дали од запад дали од југ. И да се спуштам до кампот, а кога таму ќе стигнам ќе одморам во наредните два дена, во што искрено и сам не си поверував.

Сепак, по интензивната борба, Кабаш дозволи да се искачам. За кратко бев на врвот. Најозлогласениот врв на Кораб, а воедно и на Македонските планини. Барем јас не знам, ниту сум бил на потежок, покомпликуван, понедостапен и опасен врв. Ниту знам, спорд она што сум читал и слушал, дека повеќе од петмина го искачиле. Минатата година исто така тргнав да го искачувам овој срт малку подолу, на еден од позападните врвови, во што успеав. Еднакво лизгаво, проблематично, со еднакво  комплексни детали, но Кабаш беше можеби 20 пати покомпликуван.CIMG4386По брзото разгледување, веќе барав излез од него, страна од каде  би можел да се симнам. Тоа единствено беше јужната падина, која како срт се спушташе надолу од левата страна, спротивно од долината каде требаше да се спуштам. Сепак излез имаше. Претпоставував дека тоа е падината по која оние планинари за кои читав се искачиле. Тргнав да се спуштам по неа и да заобиколувам кон Рибничка скала по лизгавиот терен. Лизгав но барем можеше да се движам по него, само да не треба да се спуштам сосема до долу од спротивната страна. За кратко бев на најниската точка каде Рибничка се спојува со Кабаш. Веднаш влегов во процепот и покрај карпата почнав да лизгам надолу. Во дел од падината имаше и снег, што беше олеснителна околност и многу подобра опција за симнување. Дури и да се излизгам, можам да сопрам, за разлика од лизгавиот сипар или тревата, што ми укажа на тоа дека искачувањето на овој врв можеби би било подостапно во зимски услови кога има снег или мраз.

За кратко бев во долината. Му заблагодарив на Кабаш што ме прими и задоволен што бев со него, продолжив кон кампот.

Ден втори – Гури куј

Се разбудив доста рано. Т.е. не знам дали воопшто и спиев. Беше ладно. Секако од искуство ми беше јасно дека температурата ќе падне до 4-5 степени над нулата, што секако се случи. И покрај уморот од претходниот ден, не можев да заспијам. Тоа е некој стандард за мене, па уште и возбудата од сите овие убавини, а и летниот шатор си го направија своето. Но ништо од тоа не беше битно. Доволни ми беа 2 часа дремка за да продолжам понатаму. Алармот го наместив некаде во три, а идејата беше до четири часот да бидам горе на сртот на врвот над нас за да го сликам изгрејсонцето. Во три часот сè уште беше темно, а богами и ладно, па решив да останам во шаторот до разденување. Кон четири и триесет се измолкнав од вреќата. Го отворив патентот на шаторот, а пред мене на исток се отвори бакарно-синото небо на влезот од долината каде беше насочен влезот на шаторот.CIMG4437Во кампот сите спиеја. Сакав да тргнам сам. Не сакав да ги будам, а не сакав ни да ги изложам на опасноста која следуваше. Кратки подготовки. Ги извадив сите непотребни работи од ранецот, го подготвив апаратот и бев спремен за уште еден опасен врв. Се понадевав дека ќе биде по едноставно од вчера. Не бев расположен за дополнителни проблеми. Сакав само да го искачам, да сликам и да се вратам да уживам во остатокот од прекрасниот ден. Но и овој врв не излезе баш така едноставен како што очекував. Иако мислев дека треба да се искачи само стрмната страна кон врвот и потоа едноставно да се искачи самиот врв по сртот, комплексните влезови, карпести камини, стрмни, мокри падини и распаднати блокови беа бонус кој не го очекував. Се влечев за тревата, лазев по карпите, се додека не излегов на сртот, каде кога мислев е скоро крајот, ме очекуваше изненадувањето. Задната страна од каде сакав да пристапам до врвот беше целата окована во снег, а зад неа беше провалијата која стрмоглаво се навалуваше кон југ. Тоа не беше опција за искачување, па најдов алтернатива, која беше не помалку опасна – едно вертикално карпесто каминче кое излегува во следниот тревен дел. Со надеж дека тој дел продолжува поедноставно до врвот. По Кабаш не бев расположен за опасности, но знам и дека не се откажувам лесно, па почекав малку пред да влезам во каминот. Ја  опипував карпата, гледав нагоре, размислував, проценував и оценував, гледав и надолу, каде би можел евентуално да се задржам. Никаде! Дури и доколку искачам нагоре и нема од каде да излезам понатака, опција за враќање назад нема. Такви беа и Кабаш, но и овој врв кој според топографската мапа која подоцна ја опсервирав, најверојатно беше Гури куј.CIMG4469Откако излегов од каминот следеше тревен дел кој иако изгледаше релативно полесен за движење поради големите снопови трева и смрекичките, сепак беше изложен кон провалијата на југ, беше ужасно лизгав затоа што толку рано, росата сè уште се немаше исушено. Некако по работ успевав да балансирам за да искачам до она што мислев дека би требало да е врв. Но не беше! Од тој врв имаше уште една повисока точка која навистина беше врвот, а до таму се стигнуваше по едно нагло спуштање по остар изложен срт, а од таму по карпеста вертикала нагоре! Уф! Е тука можеше да биде крајот. Се враќам назад. Но каде? Помислата на тоа да го враќам истиот тој одвратен дел беше ужаснувачка. Остануваа две опции: или да се помолам или да почекам да се отвори некое решение. Да соберам сила и да продолжам понатаму. Да ја замолам планината повторно да ме пушти. Умот работеше забрзано, но конфузно. Сè беше веќе мачно. Опциите беа стеснети, а провалијата оди до долу без можност за сопирање. Еден погрешен потег и ќе се најдам во Жужње. Подобро не. Потсвесно ги чувствував своите пориви и мојот следен потег, па иако овој пат бев најблиску до враќање назад, веќе барав сигурни фаќалишта и беше јасно дека ќе продолжам понатаму.CIMG4474И тука се постави прашањето како назад. Не знаев ни дали има излез, не знаев ни дали некој воопшто стапнал на овој врв. Едноставно мораше да постои излез од другата страна!  Тргнав нагоре, излегувајќи до последниот дел пред врвот. И конечно ми дозволи да стапнам на него. Наместо разгледување на околината, разгледував од каде би можел да излезам. Западната страна продолжуваше во оној остар срт кој води од Рибничка, преку Кабаш, овој врв и понатака кон Мал кораб. Иако беше доста остар, за среќа беше со трева па се понадевав дека посигурно ќе се излизгам до точката од каде ќе можам надолу. Што и навистина се случи. Падината надолу беше пострмна од онаа под Кабаш. Имаше и доста снег што повторно го олесни симнувањето. Сепак овие врвови можеби би било полесно да се искачат во зима кога се оковани во снег, па со дерези и цепин да најдете посигурен пристап. Проблемот беше што дури и да сакате да се обезбедите, распаднатата карпа не го дозволува тоа. Останувате сами вие, планината и ризикот помеѓу вас.

Откако ја спуштив падината, сакав да го видам водопадот од блиску, па продолжив право под него. Се искачив до него седнав и уживав во акробациите кој ветерот ги правеше со водата. Ја разнесуваше лево, десно, па дури и ја враќаше нагоре. Тоа беше магијата на водопадот во сиот свој раскош. Во рана пролет. Тоа беше она за кое и воопшто тука дојдовме.CIMG4460Овие врвови се за македонски услови просечно високи. Висината од околу 2300 м.н.в. и не е толку значајна, колку нивната деликатност, комплексност, стрмност и изложеност, остриот срт пресечен со вертикални и распаднати карпи, постојаните водотеци кој ја пресекуваат, што ги прави навистина тешко пристапни. Дури и големите масивни, па дури и стрмни врвови се сосема обични во споредба со овој срт. Освен можеби Рибничка скала и Кабаш за кој сигурно знам дека барем некој ги искачил, не сум налетал на информација дека некој се качувал на останатиот дел од сртот или дека го поминал целиот. Дури и доколку некој ете посака да го качува, сепак треба да ја избере најпогодната страна во најпогодно време, а тоа за Кабаш би била јужната, а не источната од каде пристапив и тоа строго во суво и мирно време. Во спротивно сето ова би било само една самоубиствена акција.CIMG4463

* * *

Остатокот од денот го поминавме во релаксирани разговори на јунското сонце во кампот. Споделување на искуствата. Раскажување приказни. Ги ладевме нозете во длабока река и се смеевме. Сонцето силно ни ги гореше лицата. И освен оние мали облачиња кој сè уште беа над Мал кораб како знак дека натака не треба да одиме овој пат, се беше совршено. Изгледа летото сепак пристигна.

Тони Димитров

Линк до галерија на фотографии

 

 

funpage

           

 

За skimacedonia

Еден коментар

  1. Bi sakal da go informiram Toni deka celiot srt od Ribnicka pa do Boazi e pominat najmalku od dvajca planinari vo pridruzba po pat i na tret vo juni 2012 godina. Pozdrav Vasil psk Bistra-Skopje

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки