Колку што посетата на планините во зимскиот период може да донесе радости и убави моменти, толку може да биде опасна, ако сте неподготвени и неодговорни. За безбедна посета на планините во зимски услови бидете подготвени и одговорни, и следете ги препораките на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија кои ви ги приложуваме во продолжение.
• Во зима, никогаш не одите сами низ планините
• Подгответе се за ниски температури, пократки денови, помал број луѓе низ планините, опасности од лизгање
• За зимски акции потребни ви се добри зимски чевли, заштитна јакна од ветар и студ, топла долна облека, заштита од сонце, резервна облека, и доволно топли течности и храна
• Почитувајте го правилото (кое не важи за акции со планинарски водичи): никогаш не одите по патеки и кон врвови по кои не сте оделе во суви услови. Во текот на зимата околината е променета, патеките и маркациите се покриени со снег
• Проверете ја временската прогноза за планината низ која ќе се движите
• Известете ги своите блиски за текот на вашата планинарска акција
Употребата на дерези и цепини во зимски услови е задолжителна. Градските дерези кои се наменети за движење по замрзнати тротоари и патишта не се соодветна опрема за планинарски акции. На планинарските чизми треба да ставите дерези со 12 заби.
Нека не ве заведуваат убавите фотографии на социјалните мрежи и на интернет. Тие што ги поставиле можеби имаат повеќе искуство и кондиција од вас. Добро подгответе се за секоја акција и приберете што повеќе информации за планираната акција.

НАПОМЕНИ
• Зачленете се во планинарско друштво, бидејќи под водство на искусни планинарски водичи на ФПСМ ќе се здобиете со основно знаење за побезбедно движење низ планините
• Прочитајте повеќе информации за безбедно движење низ планини на интернет страната на ФПСМ
• Информирајте се за временските прилики на интернет или преку медиумите
• Информирајте се за состојбата на планинарската патека по која планирате да се движите во вашето планинарско друштво.
Ги молиме сите посетители на планините да ги почитуваат правилата, бидејќи движењето низ
планина со несоодветна облека и опрема во зимски период е опасно.
skimacedonia