Караџица – Солунска глава (2539m)
Уште еден викенд. Време кога нужно мора да се избега од притисокот на градот, да се биде со себе и со планината. Што се однесува до планините, опциите се бесконечни, барем тука во Македонија. За жал не излезе ништо за присуство на организираниот меморијален марш на Пелистер по повод 25 годишнината од искачувањето на Мурато на Монт Еверест, па требаше да се разгледува друга варијанта. Иако сакав да го видам Пелистер (го немав видено од летото) и иако поводот е примамлив, сепак можеби подобро што не излезе оваа опција. Не милувам баш гужва по планините, а верувам таа тура ќе да беше таква. Разгледување опции, планирање превоз и на крај одлуката падна за една едноставна опција – Солунска глава.

Дилемата беше само дали од оваа или од онаа страна. Оваа страна изгледаше некако поедноставна, поблиска, а и одамна не сум ја одел. Спиење во планинарскиот дом Караџица, па од таму опциите се бесконечни. Комбето оди до хотелот Принс, некој половина час оддалечен од селото Алдинци, па од таму уште толку до домот низ убавиот предел на Караџица, покрај Кадина река.
Ден први. По пристигнувањето можеби веќе беше доцна за Солунска глава, па да не се изгуби и првиот денот требаше да се прошета во околината. Тука сите варијанти се малку подолги, па без многу размислување тргнав кон врвчето Дибров камен, кој се наоѓа на некој максимум 2 часа оддалеченост во правец кон рускиот споменик.
Над домот по сртот кој нуди прекрасен поглед кон Јакупица, па потоа долу кон викендичките и во правец на споменикот. Оттука лево низ бачилата по благата падина кон врвот. Лесен пристап и тура од некој десетина километри, сосема доволно за загревање за педесетината кој следуваа утредента. Врвчето е обележано со убави карпи од каде има прекрасен поглед кон целата околина. Тука веднаш е Лисец на Голешница, а на југ, Солунска глава опточена во снег, веќе ме очекуваше.
Ден втори. Рано утро. Сонцето изгрева и ги осветлува падините под Бегово поле. Околу 6 и 30 часот со сериозно темпо се упатувам кон првата точка од рутата, рускиот споменик. Прилично досаден и долг пат, а овој пат за скратување и полесен пристап одев баш по патот. Турата е наводно 5 (до 6 часа) и ако е навистина така, според времето на тргнување, ќе го пропуштам комбето за назад во 18 часот, иако секогаш постои опција да се оди пеш сосема до долу, до Горно Количани, па од таму да се фати селскиот автобус 74, за што ќе треба да се изодат уште доста километри асфалт.

За да дојдам до моето просечно време на качување, обично одземам една третина од времето официјално одредено за турата, кое за оваа тура беше одбележано на прецизните маркации како 6 часа. Иако на планина не сакам да се натпреварувам, сепак одам брзо, и еве на ова тура ќе си дадам 5 часа. На првата станица рускиот споменик, според означеното, бев доволно понапред и во рамките на мојата третина предност па и повеќе. Следната станица кај Здуње го потврди тоа, па веќе беше јасно дека и последната станица ќе биде во рамките на ограниченото време. Во зградите кај Здуње ги сретнав полските алпинисти кој од домот тргнаа уште ноќта. Кампувале таму со намера утредента да ги видат стените под Солунска, за следниот пат кога ќе дојдат да ги качуваат во традиционален алпинистички стил. Се подготвуваа да се упатат нагоре, а јас веќе бев повторно на пат, дофрлајќи им дека можеби ќе се сретнеме горе.
Времето беше идеално и иако на врвот се гледаше сериозна обвивка од снег, не ни очекував дека уште тука ќе почнат проблемите. Се упатив директно низ шумата, за да скратам барем малку, но тој потег излезе дека е погрешен. По тесната патеката низ огромните зимзелени кривулчиња имаше многу снег во кој се пропаѓаше и кој сериозно ми го забави движењето. Тука мораше да се стават и гамашните. Малку буткање и пропаѓање и повторно на патот, кој исто така веќе беше со снег. По краевите се беше стопил па низ потоците со вода беше полесни движењето кон следната станица. За кратко бев таму. Бегово поле. Тој планински раскош кој се простираше пред мене. Таа пурпурно-зелена ширина оградена со врвот на Јакупица. Тука веќе морав малку да седнам. Не за да одморам, туку за да поуживам со ова убавина, во овој период од годината напуштена од нејзините времени жители стадата овци и верните шарковци, кој кај и да е, по ѓурѓовден, треба да се населат за да го поминат тука летото. Оваа година со доцните снегови тоа беше очигледно одложено. Во овој момент требаше да се донесе и уште една одлука. Од каде да се продолжи патот. Макадамот премногу кружи, а и на места беше блокиран од снегот. Зимската маркација беше покриена со доста снег. Па најверојатна опција беше најкратката, но најопасната – дијагонално низ Бегово поле до бачилта на другиот крај од падината, а од тука веднаш низ сипарот кон горниот срт од чии тераси видливо се срушија веќе неколку лавини. Тој пат беше со најмалку снег па и покрај опасноста, временски беше најпогоден.
Бегово поле беше преполно со вода. Потоци, речички, езерца, бари… врз кој растат качунки, темјанушки (кој ја даваа неговата пурпурна боја) и свежата зелена трева, храната за стадата кој треба да пристигнат. Ги скокав набрзина поточињата кој понираа или правеа бразди по полето.
И стигнав до бачилата, поточно подножјето на сипарот каде со голема брзина почнав да ги скокам огромните камења, се до повторното излегување на патот. Немав многу време за уживање. Тука беше и првата посериозна опасност. Патот беше блокиран со снег, па морав да го заобиколам од горе. Без дерези доколку се лизнам можам да отидам повторно право во Бегово поле, што сега не беше пожелна варијанта. Сепак мојата намера беше да одам нагоре! Го заобиколив од горе и излегов на сртот кој води непосредно до врвот пред Солунска. Повторно пропаѓање во мокар и тежок снег. Тешко искачување. Морав да одам што по десно, затоа што од лево беше терасата со надвиснатите снежни остатоци кој беа поголеми и од еден метар. Она шаренило кое се гледаше од дистанца, од близу и не беше баш така шарено. Снегот беше насекаде. По надминувањето на опасните превои и излегувањето на врвот остануваше уште сртот до Солунска. Тука веќе беше виден успехот, а и возбудата.
Се движам низ расфрланите карпи околу врвот. Осамна и знакот од последната станица: Солунска глава. Единствен проблем со искачувањето на овој врв беше тоа што не можете да го искачите самиот врв! Остануваат уште неколку метри кој не можете да ги достигнете. Тој одвратен воен комплекс не ви го дозволува тоа, а енергијата која ја зрачи воениот објект на оваа прекрасна планина е одвратна. Затоа и не го милувам. Најчесто го заобиколувам по самата ограда од бодликава жица и се симнувам да одморам подолу над самите стени.
Дојдоа и војниците да запишат податоци, а пристигнаа и полските алпинисти. Набрзина се договоривме во меѓувреме да комуницираме, па во следната прилика заедно да качуваме по карпите. Тие се упатија кон стените, а јас околу по оградата, па по зимската маркација назад. Иако постоеше опција да се вратам и преку Чеплес и Богомила, сепак се вратив од каде што дојдов со малку изменета рута. Од ова страна снегот беше навистина длабок. Столпчињата на оградата од комплексот беа скоро потонати во снегот, што значи дека наносите тука беа скоро 2 метра! Патот надолу беше уште потежок од качувањето. Снегот од оваа страна беше уште подлабок, а кривулчињата ги прикриваа длабоките дупки во кој сериозно се пропаѓаше. Но некако успеав да се долизгам до Бегово поле. Според временските параметри сега имав доволно време да поуживам во Бегово поле, да поседам на езерцата, да пијам вода од поточињата. Понатаму беше лесно, се додека по Здуње не излегов од патот за да скратам и се спуштив надолу влегувајќи во патеката на бандерите каде започна агонијата на сосема стрмно спуштање и качување. Откако излегов од овој непотребен потег, со доста изгубено време, остана уште сосема малку до домот.
***
И покрај тоа што мислев дека со последната тура на Меденица ги испратив, зимата и снегот како се уште да ме следеа каде и да одам, иако беше веќе средината на мај. Но пролетта пополека ја кинеше ципата, откривајќи се во сите свои животни бои, во сиот свој раскош и убавина.
Сепак условите на овие надморски висини се сосема поинакви од оние со кој се соочуваме долу, во подножјето на животот, на самото дно. Тука промените се случуваат пред вас и во вас. Тука владеат услови достојни да ги доживеат само оние кои тука ќе се осмелат и да се искачат.
„Целото време на Универзумот е бескрајна подготовка за оној блесок, за она мигновение кога се допира врвот.“ – Ферид Мухиќ
Тони Димитров Караџица – Солунска глава (2539m) 10-11 мај 2014
skimacedonia














































