Бурханедин Буран Сали е човекот кој е своевидна легенда меѓу планинарите во Македонија. Тој изминатиов период го направи дури илјадитото искачување на врвот Солунска Глава 2540 м со што го привлече вниманието на јавноста овој пат во изразито поголем број.
Оваа негова одисеја започнала далечните седумдесети години поточно на 10 октомври 1976 година. Како што изјави за весникот Нова Македонија “Добро се сеќавам, со Иван Васевски, кој претходно веќе се имаше искачено на Солунска Глава, но од другата страна, од Бегово Поле. Тргнавме од Ореше, па на Чеплес (планинарски дом во подножјето на Солунска Глава – н.з.), првпат ја минуваме патеката, не знаевме каде да одиме, наместо лево, десно и обратно, но се снајдовме некако. Чувството, верувајте ми, е исто како при првото, така и на секое од следните 999 искачувања. Затоа и не се заситив, ниту ментално, ниту физички. Секое наредно ми беше како прво искачување, инаку сигурно немаше да успеам – истакнува Буран, кој на јубилејното искачување беше придружуван од десетици пријатели и планинари.”
Буран (66), сега пензионер, вели дека кога почнал со качувањето на Солунска Глава не размислувал за некаквиси рекордни бројки и тоа не му бил главниот мотив и двигател.
Кога се случило 300-то искачување во 2000-та решил да оди до 500. Тоа се случи на 9 октомври 2004, потоа бил гостин на Радио Скопје, кај Боро Мокров, кој ми честиташе и ми посака 1.000 искачувања. Јас му реков: „Фала ти, но доста е“. Кога на 9 октомври 2011 го направив 700-то искачување помислив, па не е лошо да се избутка до 1.000. Ете, и тоа го реализирав, а сега нема повеќе „бркање“ бројки, но со искачувањата ќе продолжам – вели Буран.
Зашто е токму Солунска Глава има неколку причини. Главна е пристапноста, најлесно и наједноставно ми беше да доаѓам, за разлика од Пелистер или Шар Планина, не требаше никого да молам за да ме донесе. Има воз од Скопје до Богомила и до Ореше, се качувам наутро, до врвот и потоа вечер назад за Скопје.
Пред четири години, во 2014та, во еден ден тој трипати се искачил на врвот.
– Не беше планирано, сѐ се случи без некоја посебна намера. Имаше голема врева во планинарскиот дом, не можев да заспијам, и околу два часот по полноќ тргнав, а на врвот бев околу 5 часот. Се вратив до 7.30, одморив малку, па околу осум часот пак нагоре и назад до 13.30 часот. Доаѓам, со ракија и со мезе ме пречекува Тодорче Георгиев од ПД „Чеплес“ од Велес. Замезив, се одморив малку, и околу 15.30 часот решив да одам уште еднаш на врвот. Вкупно изодев 45 км тој ден, но не беше страшно – се потсетува на необичниот ден Буран, кој во својата богата планинарска кариера се има искачено на Килиманџаро и на Маунт Кенија, двапати на Мон Блан, на Елбрус, на Дамаванд, Арарат и на многу други врвови.
Во необичните планинарски подвизи на Буран влегува и планинарење долж државните границина Македонија, во јули 1997 година, цели 900 км за 30 дена!
”Тргнавме од Радуша, се вратиме во Радуша и за 30 дена пропешачивме околу 900 км со Стојанчо Костовски од Крива Паланка. Немавме речиси никаква логистика, со храна се снаоѓавме некако, купивме нешто во Дебар, во Охрид и во Гевгелија. За појадок чај, кашкавал и едно лепче, за ручек две пржени јајца, за вечера супа со парче кашкавал и толку. На оваа идеја дојдов откако во весникот „Вечерње новости“ прочитав дека во СФРЈ некој офицер на тогашната Југословенска народна армија (ЈНА) одел по државната граница, тоа ми беше поттик и мотив. Десетина години порано со четворица пријатели од Македонија, почнувајќи од Марибор и завршувајќи во Копер, за 21 ден изодевме околу 800 км, беше напорно, но и интересно – вели Буран.
skimacedonia
