Важна информација
На самиот почеток да ве известиме (воедно да се извиниме) дека терминот на REEL ROCK 11 поради технички причини е поместен за вторник 29 ноември 2016. Се надеваме дека овој термин ќе биде уште посоодветен, бидејќи сме свесни дека секој добар качувач и аутдор љубител неделата ја користи за своите омилени активности.
Целосна програма нa REEL ROCK 11
Веќе извесно време пишуавме за REEL ROCK, за турнејата, за фестивалот, ги најавивме филмовите, ги најавувавме сите новости околу овој најголем настан во качувачкиот свет, кој секоја година ги прикажува највозбудливите качувачки филмови и најголемите приказни и атлети веќе 11 години наназад, а три години во нашиот град, како поддршка и инспирација на локалната качувачка сцена. Па, време е да ја објавиме и програма на овој нстан во целост.
Покрај филмовите кои го сочинуваат овогодинешниот REEL ROCK 11, Нови дечки, Момци во вреќи, Брет, Одличен татко и Dodo’s delight, тука ќе бидат и веќе стандардните изложби, награди за публиката и секако презентациите на нашите најголеми качувачки достугнувања.
Во тој контекст неизбежно за претставување е искачувањето на највисокиот врв на Северна Америка, Денали, кој беше петтиот предизвик на нашата алпинистка Илина Арсова од циклусот „7 врвови на 7 континенти“. Овој суров високогорски и ски-алпинистички предизвик со неговите 6195 метри надморска височина, го реализираше заедно со Филип Василески – Четкар оваа година. За таа цел ќе биде проектиран нов краток документарен филм со ексклузивен видео материјал од искачувањето и интервју со Илина. Друг дел од локалната програма e и достигнувањето на Маја Бошкоска, Александра Герасимова и Ана Грбиќ кои на 10 октомври го освоија Мера Пик во Непал, со своите 6476 метри надморска височина, станувајќи со тоа првата македонска женска хималајска експедиција. Во рамки на REЕL ROCK ова големо достигнување ќе биде претставено преку ексклузивен видео материјал и изложба на фотографии од Хималаите. Локалната програма е доказ дека оваа година на качувачки план жените успеаја да ги направат најуспешните високогорски искачувања!
Големи успеси оваа година постигнаа и спортските качувачи. Беа присутни на повеќе светски натпревари, а се искачија и доста „осмици“ на природна карпа. Токму наградата за најуспешен спортски качувач ќе биде доделена во рамките на REEL ROCK настанот.
За овој аутор настан да не биде реализиран само во затвоерн простор, тука се и неколку аспекти кои ќе се одржат на отворено. Како и минатата година и оваа година ќе има аутдор активности кои вклучуваат: планинарска тура т.е. трансферзалата Македон, кружна тура од Папрадиште, преку Чеплес, врвот Солунска глава, Караџица, па се до селото Количани, во соработка со планинарскиот клуб Македон; а исто така и преклинчување и одржување на стари качувачки насоки, активности кои ги имавме и минатаа година. Датумите за овие настани ќе бидат дефинирани во зависност од временските прилики.
Почетокот на настанот е во 19 часот во Кино Фросина.
REEL ROCK 11 ПРОГРАМА:
– Официјално отворање
– Изложба на фотографии од Хималаите
– Прва македонска женска хималајска експедиција /ВИДЕО/
– Илина Арсова: искачување на Денали /ВИДЕО/
– REEL ROCK 11
– Доделување на награди за најдобар спортски качувач
– REEL ROCK 11
Аутдор активности (датумите ќе бидат потврдени)
– Македон трансферзала
– Преклинчување на насоки
skimacedonia


