SkyRunning – Vertical Kilometer серијата. Како што ветивме минатата година, еве ќе се потрудиме да организираме за прв пат кај нас трка на атрактивниот терен во Централна Шар Планина – од Долна Лешница преку седлото под Среден Камен до Титов Врв.
Патека со должина од 3900 m и висинска разлика од 1000 m. Вистински тест за силата и брзината дополнет со поглед на прекасните врвови од централна Шара – како што велат и другите тркачи, ако се мачиме, барем да гледаме убави работи околу нас – тоа ни дава повеќе сила. Оваа трка е досега најстрмна што сме ја организирале и ќе ниде навистина предизвик, а бидејќи се организира подалеку од класичната цивилизација – секогаш ќе биде присутен и елементот на можна авантура.
Зборно место ќе биде близу бачилото на Долна Лешница. Старт на 21 септември (недела) во 10 часот. Стартнина 50 ден. Секој натпреварувач ќе добие стартен број. Ќе се обидеме да транспортираме вода до врвот (целта) но не ветуваме ништо – најдобро да си носи секој со себе – точна информација ќе имате на денот на натпреварот.
Препорачуваме натпреварувачите да пристигнат во Долна Лешница во сабота попладне и да си преспијат во шатори. Кој не мисли така нека се организира да стигне до стартот (барем 15 мин порано).
Може да се стигне преку преку Попова Шапка – 11 или 16 km – зависи од каде ќе се појде. Може да се стигне и од кај село Бозовце (8 км). Ќе објавиме и GPS патеки за пристапните патишта.
Последна информација е дека патот од Попова Шапка до Долна Лешница е во релативно добра состојба и дека може да се оди со лека кола (доколку не е многу ниска). Во наредниот период ќе направиме инспекција на патеката па ќе пратиме поточна информација.
Пријавување на : punk@makpetrol.com.mk
Пратете Име, Презиме, телефон.
Пријавувајте се на време за да имаме увид во бројката на натпреварувачи.
Патеката е стрмна но е прекрасен предизвик за секој љубител на планината. Во првиот дел е патека, земја со камчиња и трева. Од седлото под Среден Камен поминува во карпест дел во кој во поголемиот дел има патека. Овој дел од Шар Планина е еден прекрасен предел – за многумина најубав планински предел во Македонија.
Во случај на лоши временски услови – силен дожд и особено најава за грмотевици – трката ќе се откаже поради безбедност на натпреварувачите.
Во организација на TREX и ПСД Макпетрол
skimacedonia
