Голем Турчин и Кучибаба 22-23 ноември 2014
Уште една зимска тура. Доста интензивна. Мала група спремни планинари се упатуваме кон Голем Турчин. Без некој посебен план. Освен да го искачиме. По снег. Наредниот дел уште еден врв беше во предвид. Кој? Останува да видиме…
Времето кристал. Иако во Скопје и Тетово магливо, кога тргаме нагоре од Шапка кон Церипашина, се гледаше дека денот ќе биде совршен. Започнуваме да газиме во снег уште веднаш. Сѐ уште ненавикнати цапаме тешко, но ентузијастично. Патот преку шесте врва кон големиот Турчин е доста долг, но никогаш не сум го почувствувал како напорен. Сега беше малку потешко поради длабокиот снег, но и силниот ветар. Секако не посилен од оној дваесет и петти мај, кога кон врвот дуваше со 150 километри, а температурата беше точно -7. Но сепак мрзнеше сѐ наоколу, што дополнително го отежнуваше уживањето. Некаде кон Бакрдан, а можеби и потаму, одлучивме дека ќе одиме преку Мал Турчин, чисто колку да го збогатиме нашето зимско (иако не прво) патешествие. Немаше никаков проблем и никој не негодуваше па едногласно тргнавме понатаму. После шест, па зарем за уште еден врв ли ќе правиме проблем? Убаво беше да се види Големиот Турчин и од оваа перспектива. Па од него се слизнавме повторно надолу за да го искачиме и Големиот. Тука не чекаа и други планинари кој имале иста цел, но не тргнале кон Малиот. Тука беа и шарковците кои дошле тука заедно со скржавите планинари, со надеж дека ќе им фрлат нешто од нивната храна, но попусто чекаа.
Краток одмор и сликање, за ветрот и студот брзо да не вратат надолу. Сега идејата беше да се вратиме директно кон Бакрдан, секако не преку Мал Турчин и евентуално преку ужасно долгата и страшно досадната Вакувска, да се спуштиме надолу. Токму таков беше и спустот. Првиот дел некако се трпеше, но кога ќе се спуштите на патот следува агонијата. Репетитивното зомбифицирано одење кон крајната цел – Шапка. Се вративме доцна во ноќта.
Дел од атмосферата во галерија та во продолжение…
Продолжува.
Тони Димитров
skimacedonia

























