Голем Турчин и Кучибаба 22-23 ноември 2014 Не останаа уште многу часови за спиење, максимум пет и огромна количина умор од претходниот ден. Турата на Голем Турчин беше долга и исцрпувачка поради снегот. Часовникот ѕвонеше, а времето за повторна средба со екипата беше близу. Но и тие 5 часа беа многу во споредба со оние 2-3 кој обично ги спијам пред скоро секоја тура. Некако се чувствував одморен и спремен за уште една тура. Повторно автопатот кон Тетово. Можеби ќе беше подобро да преспиеме некаде таму, чисто да не го јадеме патот и денес. Но не беше страшно. Се упативме кон мој Лешок , а од таму кон селото кое се наоѓа над Лешок, а по име Варвара. Тука е и малото манастирче каде можете и да преспиете и да ручате. Ние овој пат таа шанса ја пропуштивме. Се паркиравме пред самата црква и по кратките подготовки тргнавме нагоре. Планинарскиот клуб Јелак добро ги има обележано и маркирано околните патеки и маршрути, а во манастирот можете да најдете и мапа со сите опции. Ние тргнавме нагоре низ Шумата. Сретнавме ловџии и по некој од тетовските планинари кои редовно си доаѓаат тука. Уште на самиот почеток секој се движеше според своите потреби, сила и ентузијазам, па некако се раздвоивме, дали во групи од по двајца или како мене, сам, по пат сретнувајќи се со останатите, претекнувајќи ги или обратно.
Дојдовме до момент каде шумата почна да наликува на касапница. Сета испосечена и тоа баш по патеката и беа исечени оние дрва со маркацијата. Тука некаде, дел од групата продолжи директно нагоре по шумата, а јас по маркацијата која се обидував да ја лоцирам за да излезам на чистината, пред да почнам да се искачувам на сртот. Успевав да ја лоцирам пробивајќи се низ крвавиот пејзаж. Наскоро излегов од шумата од каде требаше само да се пресече директно кон гребенот. Тука завршуваше и маркацијата, но очигледно беше дека треба да се излезе горе на сртот, а од таму по гребенот право кон север се до врвот. Иако уморен од претходниот ден, сигурно газев пред мене. Секако побавно од обично, но со континуирано темпо, постојано вртејќи се зад мене да проверам дали и опстанатите се зад мене. Немаше никој. И продолжував понатака. Некако сакав да стигнам до горе, но таман ќе излезам на она што излгедаше како крај, се појавуваше уште еден дел за искачување. Почна и снегот кој го отежна искачувањето. На него се појавија и стапки од волк. Сосема свежи, како волкот тукушто да поминал и се упатуваа кон север, кон врвот. За кратко и стигнав на сртот. Остана да се спушти и искачи едно помало врвче, а потоа и најмаркантното во тој дел, каде би застанал и би ги почекал останатите. Очигледно бев прв, а наоколу немаше никој, па изгледа имав доста време да поуживам во прекрасниот чист пејзаж кој дофрлаше до каде ве држи погледот. Сѐ гледаше сѐ наоколу. Маглата беше малку покрената и околината беше по матна од претходниот ден, но сепак можевте да видите се наоколу. Од Водно преку Солунска глава пред вас, Пирин и Рила влево и секако Големиот Турчин вдесно. Тука беше и Црн камен со своите 2320 метри.
Тука ги дочекав и останатите од екипата. Диме чекајќи ги подолу по гребенот останатите ги здогледал глутницата волци чии стапки ги видов. Биле под него. Се смрзнал, гледајќи како се распрснуваат, додека останатите од екипата се качувале нагоре. Дел од нив се упатиле кон мене, а останатите кон другите страни. Сепак за жал не се сретнав со ниеден од нив. Продолживме понатаму кон Кучибаба директно по снежниот гребен и нејзините 2454 метри надморска висина. Се движевме сигурно, а време имаше на претек. Можеше да се искачи и Црн камен, што исто така беше една од опциите доколку има консензус. Се движевме само право по сртот кој благо се искачуваше сѐ до врвот. За кратко бевме и на самите 2454 метри надморска висина познати под името Кучибаба. Не продолживме понатаму. Сакавме да го изуживаме чистиот поглед од 360 степени на сонцето. Оваа зимска тура, иако не излгедаше на таква, имаше добар почеток. Или овој викенд беше навистина прекрасен или навистина ни се погоди зимата. Останува да видиме. Тони Димитров

skimacedonia