Св Јован Бигорски , манастир Рајчица, врв Голем Крчин и Рудина

Бигорски манастир, манастир Рајчица, врв Голем Крчин, врв Рудина 12-13 јули 2014

По којзнае кој пат на Голем Крчин и на Рудина. По којзнае кој пат во Бигорскиот манастир или Рајчица. Ама се некако те влече повторно да отидеш таму. Никако доста од тие прекрасни места.

Последната средба со Голем Крчин не беше баш славна. Групата која се упати кон врвот на традиционалната тура кон почетокот на ова лето, Крчин ја дочека во студ, магла и дожд. Ништо од прекрасниот поглед не можеше да се види. За тргнување кон вториот дел од турата – искачување и на соседниот врв Рудина, не можеше ни да стане збор, поради снегот кој се уште го имаше запоседнато изложениот и остар срт, а секако и поради густата магла. Затоа ете некако повторно се наметна потребата да се отиде натаму. Овој пат дополнето со уште неколку прекрасни места кој се наоѓаат во околината на планината Дешат.IMG_6655 Покрај врвот Голем Крчин и Рудина, целта овој викенд беа и Бигирскоит манастир, женскиот манастир Рајчица, Галичник со галичката свадба, новиот качувачки локалитет во Маврово… Нашиот пат овие денови врвеше токму по границата помеѓу планините Бистра и Дешат или поточно по долината на реката Радика. Од таму беа достапни сите овие места.

Галичник, Бигорски, Рајчица 

Во Галичник пристапивме многу рано за свадбата, традиционалниот обред кој таму се случува толку децении (па и векови) наназад. Таа почнува дури вечерта и трае се до наредниот ден. Но не ни беше толку битно да го проследиме настанот, колку да ја почувствуваме атмосферата во селото кога тоа е вака живо и  да ги посетиме црквите кој сега се отворени. Сите мои посети на селото биле по некој а планинска тура, кога тоа е празно, кога нема никој од „селаните“ и ништо не работи. Сега баш вриеше и беше преполно. Играорките го подготвуваа својот настап, странците шетаа наоколу по селото, викендашите бараа паркинг место, а селаните гледаа како на сето тоа да заработат. На црквата се вееше огромното знаме со спонзорите на овогодинешната прослава, а од нејзниниот двор ечеше народната музика од големото озвучување. Немаше ништо традиционално во оваа традиционална прослава. Се беше глобализирано и претопено во само уште еден капиталистички спектакл. Но сепак вредеше да се посети ова село, задно со Лазарополе едно од клучните за нашата култура и воопшто историја. И тоа токму на овој голем ден – Петровден. Набрзо го напуштивме и се упативме по долината на Радика кон Бигорскиот манастир.IMG_6695За Бигорскиот манастир и не мора да се зборува многу. Секој верник, па и атеист, намерен или ненамерен патник поминал од тука, го посетил, престојувал, преспал, или одбдеал некој празник заедно со браќата, сестрите или монасите, ја целивал чудотворната икона на Св. Јован, па уште доколку ја имал таа среќа да ги целива неговите мошти… Небо на земјата или чувство на враќање дома. Тоа е доживувањето кога тука ќе стапнам. Така и овој пат. За среќа сега имав малку повеќе време да останам тука, а не само да поминам. Тоа е вистинскиот начин да го доживеете ова место. Да ја вкусите благословената вечера. Да преспиете во монашките ќелии од каде многу убаво се гледа испречена нашата утрешна цел – врвовите Голем Крчин и Рудуина.

Така некако и со Рајчица, женскиот манастир, кој се наоѓа малку погоре од Бигорскиот, близу Дебар, во селото Рајчица. Значи близу рајот. Таму се наоѓа црквата „Свети Ѓорѓи Победоносец“. А во неа и моштите на Свети Јован Кукузел и Свети великомаченик Георгиј Победоносец, како и честица од Чесниот Крст. По разговорот со монахињите за историјата на манастирот и црквата, за настанокот на чудотворните икони, за тоа како тука стигнала честицата од Чесниот Крст, тие ќе ви дозволат да ја целивате и мироточивата рака на Георгиј Победоносец. А потоа ќе ве поканат на кафе и локум во гостинската соба. Можете да прошетате по фасцинантно средениот двор во кој шетаат разни птици и растат разни цвеќиња, дрва, па дури и палми. Но тоа не е воопшто чудно. По една посета на тој манастир во доцна есен, почувствував дека климата е малку поинаква. Дека таму сепак се мешаат некој други климатски влијанија. Почувствував, верувале или не,  морски воздух. Можеби ќе го игнорирате тоа, или ќе си кажете дека е само привидение, но сепак кога ќе го поврзете тоа со сите тие палми и морски дрвца ќе заклучите дека не е баш случајно. По повод еден документарец кој го правев за Лазарополе, во еден од разговорите со по старите селани кои добро го познаваат селото ми го долови токму тој момент и ми ја разјасни дилемата во врска со оваа клима. По црн Дрим т.е. по дебарското езеро доаѓа медитеранската клима, која поминува покрај Рајчица и на крај сопира некаде кај падините на Бистра и Лазарополе. Во една од моите зимски експедиции од Лазарополе па се до Маврово, а и честите престои во Лазарополе оваа зима, можев тие промени во климата и сосема практично да ги опсервирам. Додека во Лазарополе беше сончево и топло, никаде трага од снег и лошо време, од другата страна на падината на Бистра, во Галичник и по падините околу Меденица, па и по скијачките терени имаше по можеби 20-50 сантиметри снег. Од таму и погодната клима за овие палми во овој магичен манастир, сместен близу рајот.

IMG_6693

 Дешат

Времето совршено за повторна средба со Крчин. Сончево, но не многу топло. Со автомобил пристапуваме од Бигорскиот манастир кон ростушки мост, а од таму до Ростуша, можеби најголемото село во околината. Па од таму и до Битуше. Малку над Битуше, до караулата, на теренчето за фудбал ја оставаме колата, па оттука, покрај реката и по јасно означената маркација постаена од националниот парк, тргнуваме низ буковата шума. Во весела атмосфера                 брзо газиме нагоре по цик-цак патеката се до првата чешма. Пиеме од студената изворска вода и продолжуваме нагоре низ првата ливада, потоа повторно низ шумата, втората ливада, за после следниот дел шума да излеземе на отворено веднаш под карпата која јасно се гледа од Бигорски. Тука некаде е и црквичето Св. Спас, а и втората чешма. Но ние не отидовме до црквата, туку веднаш лево од карпата тргнавме да искачуваме кон врвот, бидејќи доколку одиме кон црквата и тргнеме по маркацијата, а потоа по сртот кон врвот ќе кружиме многу. За вака спремна група сепак беше подобро да скрати директно по стрмната падина кон врвот. Во еден момент групата повторно се подели. Една група отиде од левата/јужната страна, една група ја заобиколи карпата низ тесен премин од десно т.е. од север, а пак трета отиде уште подесно да го искачи врвот по сртот од исток за да го добие прекрасниот поглед кон Кораб. Како и да е сите со различен пејзаж, структура на теренот и стрмнина, по неколкуте искачувања на извесно врвче, конечно за скоро стигнавме до самиот Голем Крчин на 2341 м.н.в.. Уживавме во прекрасниот пејзаж, погледот кон Кораб и неговиот срт Кабаш на север, Бистра пред нас на исток со Галичник, Јанче и Лазарополе со Соколица, малку потаму и Стогово со Биаг дорук и Бабин срт кој убаво се оцртува. Тука беа и темелите на старата црква која сега е поместена малку подолу во седлото и каде секоја година се прославува празникот Богородица кога тука доаѓаат и монасите од Бигорскиот манастир.IMG_6717Од тука требаше да се продолжи надолу по сртот кон Рудина со своите 2238 м.н.в.. најпрвин требаше да го симнеме Крчин и потоа по остриот издолжен срт да стигнеме до карпите низ кои требаше да се помине и искачи врвот. Дел од групата остана на Крчин со намера пополека да тргне надолу, додека другиот дел тргнавме кон следната дестинација вториот врв за денес. Одевме по сртот по кои се отвораше се поубав поглед кон Дебарското езеро. По патот се сретнавме со стадото овци и секако нивните верни компањони – шарковците. Поздрав и разменети пар зборови со овчарот и продолжуваме натаму. Стигнавме до навистина остар срт по кои треба доста да се внимава и кој завршува токму под самиот врв, а  потоа по навистина стрмната страна да се стигне до карпестите кулоарчиња во кои треба да се влезе за да се искачи до самиот врв. За кратко стигнавме горе. Се отвори уште попрекрасен поглед над Дебар и езерото, а и врвот Црвена плоча со 2107 м.н.в., последниот на планината Дешат која потоа завршува надолу во Косоврасти.

Требаше да се одлучи и од која страна ќе го симнеме врвот. Дали ќе се враќаме назад кон север од каде дојдовме и ќе се спуштиме директно кон бачилото под врвот и назад кон црквата, или ќе одиме сосема од другата страна на југ па ќе заобиколиме по изохипсата кон бачилото. Поради динамика и да искусиме поразлична патека го одбравме подолгиот и потешкиот. Од југ веднаш заобиколивме кон источната страна која е доста стрмна, па едвај некако со лизгање успеавме да спуштиме до патеката која оди до бачилото, црквата и влезот во шумата од каде дојдовме.IMG_6772

По патеката не заоблачи, почна и да врне. Но тоа не го намали расположението, а средбата со прекрасните шарковци во бачилото уште толку и го зголеми. Беа тоа шест прекрасни бели и меки кученца не постари од 2-3 месеци, кои скокаа и се галеа со нас. Застанавме и кај црквата. Преку кровот на црквата упативме поглед кон Бистра, а од тука за брзо влеговме надолу низ шумата.

Некаде кон крајот на шумата ги сретнавме и останатите од групата кој останаа горе на Крчин, а кој се движеле побавно надолу и собирале печурки. За кратко бевме на повторно на теренчето за фудбал.IMG_6806Повторната средба со Крчин беше навистина инспиративна, благорарејќи на прекраасното време, доброто друштво, а секако и продуховена со посетите на овие духовни места. По симнувањето долу, дознаваме дека караулата над Битуше која ја одминавме и стои напуштена доста време ќе стане нов духовен центар. Во нејзините руини ќе никне младински духовен центар, а до неа веќе се поставени темели за нова црква посветени на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Покрај планинарските аспирации, ете уште еден прекрасен повод за наше многу скоро враќање на оваа планина.

Тони Димитров

           

funpage

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки