Демир Капија, Миравци, Белиот рај, 4-6 јули 2014
Кога одиме на планина во Македонија, тоа обично се однесува на големите врвови и планински масиви во западниот дел. Многу и сериозно високи врвови на едно место, па вие избирајте. Секоја од тие планини детално опсервирана, истражна, прошетана. Сите врвови искачени. Од оние наједноставните и најниските, до оние најкомплексните, најграмадните, стрмните, високите. По неколку пати. Што се однесува до истокот, тоа не е случај. Планините се пониски, нема специфични врвови и поради тие причини поретко не наведува патот натака. Секако тоа не значи дека во тој дел на пребогатата Македонија нема места достојни за нашето внимание, спектакуларни, кои ќе ви го одземат здивот кога таму ќе се најдете.
Тргнавме кон Демир Капија. Мало место на југо-истокот. Но кое зрачи со мир. Таков е истокот. Неверојатно смирен и бавен. Да живееш таму, ќе живееш сто години. Во Демир Капија не привлекува мирот, свежиот воздух покрај Вардар и Демиркаписката клисура и нејзините неброени карпи. Секако и насоките направени на нив кој привлекуваат многу алпинисти и спортски качувачи. Така и ние тргнавме со таа намера. Да ги качуваме.
Се движиме по автопатот кон Гевгелија. И веднаш во тунелот застануваме. Тука се гради новиот автопат Демир Капија – Смоквица. Дел од карпата се буши за новиот тунел. Ја земаме целата опрeма за качување и се спуштаме веднаш во лево каде не очекува качувачкиот рај. Неколку сектори во тој дел со многу нови насоки со различна тежина. На десната страна, каде исто така имаше многу насоки е небезбедно да се качува поради градилиштето и експлозиите. Качуваме до доцна во ноќта. А наредниот ден не чека уште едно доживување.
Качуваме и вториот ден. Се ладиме во Јуручка река, притоката на Вардар. Кратки прошетки покрај Вардар, со фасцинантен поглед на самата клисура и дремење под сенката на старите јавори и високите карпести ѕидови. Но кога станува претопло и невозможно за качување, тргнуваме кон уште една авантура. Одиме на југ кон Гевгелија. По Удово скршнуваме кон селото Миравци. Покрај патот се наоѓа место за кое не ни можете да претпоставите дека таму се наоѓа. Најобичен ридест предел, сосема вообичаен за истокот. Но кога ќе погледнете надолу ве очекува белиот рај! Бројни мали рекички кој прават кањончиња во цврстата црна, од јужното сонце спржена, гранитна карпа. Мора да требале милиони години за водата да ги направи тие засеци. Многупати сум бил на Кожуф, на рекичката Сифулајка, поточно на „Хипичкио вир“, каде исто така во еден недопрен дол се наоѓаат рекички, бзенчиња и смарагдно зелена бистра вода. Но тоа е една река, а овде се работеше за комплексна мрежа од реки, потоци, притоки, водопади и огромни базени со зелената вода.
Покрај совршениот поглед, намерата секако ни беше, овој жежок летен ден и да се искапеме. Тргнавме малку погоре кон една од притоките. Се движевме по работ над реката низ карпестите клисури. Кога по некој 20тина минути движење по тој вонземски предел… пред нас водопад! Тука беше совршениот место да се оладиме. Влеговме во водата, но и тука не нè држеше место па тргнавме нагоре по вертикалната карпа која изискува малку качување и на излезот не очекуваше уште еден подарок. Длабок базен кој всушност се излева во водопадот, совршено место за денешното разладување, каде го поминавме остатокот од денот. Морам да потенцирам дека и наредниот ден по качувањето, повторно дојдовме тука, па просудете за каква привлечност и за какво место се работи. Остатокот од доживувањата со зборови тешко можат да се опишат. За среќа тука се сликите кои можеби делумно ќе можат да доловат барем парче од тој рајски пејзаж…
skimacedonia













