Поглед кон двете езера

Караниколичко езеро и Караниколички врв, 20 јули 2014

Мирис кој се слуша. Боја толку нежна која тактилно се доживува. Звук во прекрасни бои. Патот до и средбата со Караниколичко езеро е вистинско синестетичко доживување. Не верувам дека е само до периодот во годината кога се цвета и мириса. Ова е можеби едно од помагичните места со кој сум се соочил. Прекрасната Шара, а особено тој дел има во себе скриено вистинска магија, за оние кои ќе се осмелат до тука да стигнат. Во Македонија секако има доста такви места, но тука, Шара, навистина ги растурила сите свои волшепства, по скриените ќошиња, само за најупорните.

Денот го поминувам во мое Непроштено. Таму и преспивам. Дента секако прошетка и кон Лешок и Лешочкиот манастир. Од Непроштено до Лешок пешки е некој 10-15 минути. Престојот во дворот, во подножјето на Шара и продорниот свеж воздух, ме смируваат. Токму она по кое и сум дојден. Иако тука се случија одвратни ѕверства, мирот и спокојството, по толку векови натопување на ѕидовите на малата црква „Успение на Пресвета Богородица“со молитва, тешко може да се наруши.01 leshocki-manastirУтрото рано, по кратките подготовки од Непроштено се враќам кон Тетово, каде треба да се сретнам со тетовската група и заедно да тргнеме од Тетово, преку Шипковица, Бродец до Вешала. Од другата страна е Вејце, од каде се оди кон Кобилица, а пред нас Бозовце. Ги оставаме возилата на почетокот од селото и полека тргнуваме нагоре. Турата не е воопшто тешка, ниту премногу долга, но е толку богата и раскошна. Најпрвин со многу вода. Има четири-пет добро изградени чешми по патот. Сепак е тоа пат, каде со коњи селаните се движеле кон Косово. Има многу рекички, потоци, водопади. Многу чај. Жолта, бела и ретката црвена ајдучка трева. Жолт и реткиот црвен кантарион и изобилство на мајчина душичка. Премногу боровинки, кој за жал се уште беа зелени.CIMG5302Пополека се движиме кон Караниколичките езера, се до големото езеро на висина од 2180 м.н.в. Од патот скршнавме во десно, нагоре за да видиме дел од магиите на Шара. За кратко се издигнавме до една карпа која на прв поглед изгледа сосема обична, но кога влегов во неа се отвори водопад кој излегуваше од самата карпа. Всушност се работи за понорница која некаде над нас понира и излегува тука во раскошен широк водопад кој ја оплеменува околината. И навистина за кратко пешачење над нас се отвори уште една магија . Таман да се прибереш од претходната глетка уште еден шок. Секако позитивен. Пред нас беше токму местото каде овој водопад понираше и тоа во дупка длабока 15тина метри, која ја поврзуваа два мали камени моста, правејќи подземен водопад. Фасцинантно. Магично. Невидено. Воодушевувачки. Влегов во самата лизгава дупка да го видам одблизу. Којзнае колку ли беше длабока дупката на овој водопад на кат.CIMG5336Откако се соземав од оваа глетка, продолжив понатака, за да по кратко се соочам и со самото езеро. Тиркизно проѕирната вода на огромната тепсија наречена Караниколичко езеро! Воодушувачка глетка, која не е првото но ни последното изненадување за денес. Оттука, идејата беше кој сака да оди и до второто, помало езеро, но кој сака и да остане тука да ужива во благодатите на големото езеро. Да лови риба или да прави скара. Карниворите се определија за оваа опција, а јас секако одам кон врвот Караникола, кој се наоѓа надвиснат над самото езеро. Да стигнам до тука, а да не го искачам врвот, да стигнам до целта, до фокусот на овој предел, каде се собрани сите енергии на ова место, е вистинска бласфемија! Или недај боже да не го видам и второто езеро кое од оваа точка не се гледа. Затскриено е зад еден карпест дел до кој треба да стигнете кога се искачувате кон врвот. Малку се оладив во грч студената вода на езерото и тргнав кон врвот. За кратко бев кај второто помало езеро. Ни приближно елегантно како големото, но сепак достојно за посета. Продолжив понатака и за кратко, точно во моментот кога застанав да земам здив, се завртев назад и што да видам. Поглед од кој ми се одзема здивот, пропратен со извикот „АИ! АИ!“. Точката од која се гледаат двете езера! Уште едно од оние растурени волшепства. Уште малку имаше до врвот па по стрмната падина продолжив нагоре. А за кратко бев на 2479 м.н.в или врвот Караникола, уште едно волшепство пар екселанс.karanikolicko-ezero-11Всушност околу езерото имаше надвиснато три врвови, меѓу кои покрај Караникола, едно помало врвче од лево, а од десно имаше со срт поврзан и уште еден, од кој секако ќе имаше можеби уште поспектакуларен страничен поглед на езерата, па тргнав и натаму. Стапнав на врвот и што да видам. Поглед за милион долари! Испречена цела Лешница, моќна со сите тие карпести кулоари и над неа… ни помалку, ни повеќе Големиот Турчин, најголемиот тука, со сите свои 2747 метри надморска височина. Седнав на една карпа и гледав. Не можев да го одвојам погледот од таа убавина.leshnica-sar-planina-titov-vrvОткако делумно се напоив со тој мир распослан по зелените падини, низ мирисниот етер тргнав малку подолу кон најспектакуларниот поглед кон езерата од каде фино низ мирисното цвеќе, низ тој мед во потенција, се гледаа и двете. Седнав и тука и медитирав во занес некое време. Тешко се покренав повторно надолу кон езерото. Тешко ми беше да се одделам од овие погледи кои маѓепсуваат. Од овие мириси на кои не можете да им одолеете. Кој звучат толку прекрасно, како најмилозвучна музика. Од овие толку нежни бои, кој покренуваат најразлични реминисценции. Од овие звуци кој ве носат на некј други места, некој други сфери. Беше тоа вистинско синестетичко доживување.

 Тони Димитров

 

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки