Отворена акција на Дешат со искачување на врвот Крчин 2341 м.н.в.
29 ноември 2015
Турата започнува од с. Битуше (поточно месноста Драга над селото до фудбалското игралиште и караулата) и е во должина од 5.5 km по планинска патека во траење од 2 до 4 часа (во зависност од спремноста на групата) и искачување на 1200 m висинска разлика.
Дешат e планина на македонско-албанската граница, дел од веригата Шарa – Кораб – Дешат – Стогово – Караорман. Највисок врв е Веливар со 2373 метри, но најпопуларен и најискачуван е Голем Крчин (2341 м.н.в.), а по него продолжува Рудина и Црвена плоча каде завршува планината спуштајќи се во Косоврасти. Од врвот се гледаат планината Бистра, Кораб, Стогово, врвовите Веливар и Рудина и Бигорскиот манастир. На самиот врв има и остатоци од црква. На Дешат има неколку мали леднички езера, а најпопуларно е езерото Локув, кое се наоѓа на 1.560 метри надморска височина и е најниско ледничко езеро во Македонија. Од источната страна тече реката Радика, која ја дели од Бистра и Стогово.
Турата до врвот Голем Крчин е средно тешка и бара доволно подготвеност и кондиција, особено во последната третина (по црквата и искачувањето на врвот). Првата кратка пауза е кај првата чешма во првата третина од патот, каде ќе може да се наполни изворска вода. Втората подолга пауза е кај црквата, каде исто така може да се наполни вода на Галева чешма, од каде следува искачувањето на врвот.
Од опрема задолжително да се понесат солидни планинарски обувки, капа, ракавици и јакна/кабаница поради променливо време, силен ветар, ниски температури и снег, а од храна лесна храна/овошје.
Поаѓањето е во 6 ч. од паркингот на Веро тафталиџе, а враќањето е во вечерните часови. Превозот е организиран со комбиња од Скопје до Битуше. Бројот на местата се ограничени.
Пријавувањето задолжително се извршува на телефон 072 24 39 39 или e-mail на tonidimitrov@gmail.com. Рокот за пријавување и уплаќање е најкасно до петок 27 ноември 2015. Резервацијата на место е исклучиво со уплаќање. Доколку не се уплати до одредениот рок, местото се отстапува на други заинтересирани. Цената за турата е 500 денари.
* * *
НАПОМЕНА: Секој учесник одговара за својата психофизичка состојба. Учесници можат да бидат планинари/ки кои имаат доволно кондиција и физичка спремност. Турата е отворена и за членови на други планинарски друштва или за ентузијасти или планинари кои не се членови на планинарско друштво. ПК Македон обезбедува свои водичи на турата. Други планинарски друштва кои се приклучуваат на турата се должни да обезбедат свој водач. Задолжително е пријавувањето и за оние кој доаѓаат со свој превоз. Секоја промена или откажување на учеството на турата да се пријави кај организаторот. Организаторот го задржува правото за промена на турата поради различни причини.
skimacedonia