Владата повторно ќе размисли во координација Министерството за транспорт и врски, Министерството за животна средина и градот Скопје дали да ја догради жичарница од Козле до Средно Водно.
Еве ние одма да напишеме и кажеме, ич да не му ја мисли. Зар треба да се мисли, дали треба да се доградува или не, сегашниот половичен проект, кој ги тера жителите наместо директно од самиот град, да одат со автобус или возило до Средно Водно, па оттаму да ги користат бенефитите на жичницата. Комплетното решение во голема мера ќе го зголеми протокот на патници и посетители кои ќе имаат каде да прошетаат, барем во периоди на големо загадување во градот Скопје. Жичарница низ годините наназад се покажа доста експлоатирана од страна на жителите на градот како и странските туристите, а комплетното решение ќе ја исклучи и потребата од автобуси и ќе ја намали емисијата на штетни гасови.
Слична е ситуацијата и со Тетовската жичарница . После дефектите и оштетувањата од 2001 година, целиот тој систем досега воопшто не профункционира. Па, Владата во координација со градот Тетово треба во најкраток можен рок да го разработи планот за обновување односно инвестиција во нова гондола-жичница под Шар Планина.
Тетовската гондола за Попова Шапка ќе значи силен доток на кислород, свежи пари за туристичките капацитети преку полесен пристап за посетителите директно од градот Тетово до ски центарот. Дополнително ски центарот и туристичката населба ќе ја намалат зависноста и потребата од регионалниот пат за време на големи снежни врнежи. Секој голем ски центар во современиот свет, располага со систем од гондоли и жичници кои носат луѓе од една во друга држава, а не па од едно во друго село. Имајќи го во предвид големиот сообраќаен проблем кој го има Попова Шапка за време на зимската сезона со отежнатиот пристап за посетителите и километарските колони на паркирани возила, гондолата е вистинскиот спас за центарот. Полесен приста за скијачите, намалено загадување и намалена потреба од возила кои би доаѓале кон центарот.
Ако сакаме зголемени резултати во туризмот, тоа не се прави само со манекенски шетања по саеми низ светот, туку со инвестиции тука не терен. Бандера по бандера, скала по скала, владата мора да инвестира во обновување на инфраструктурата низ туристичките центри, зимски и летни. Ич нека не му ја мисли!
skimacedonia

