Доколку REEL ROCK се однесува на најголемите достигнувања на планината и карпите за изминатата година воопшто, а дококoлку дел од програмата се однесува и на локалните достигнувања, тогаш без сомнение мора да го претставиме и најгoлемиот успех во високогорството и хималаизмот кај нас, искачувањето на Анапурна кое нашиот најголем хималаист Здравко Дејановиќ го направи изминатата година. Се работи не само за локално достугнување, туку напротив и светско, бидеќи овој врв не е искачен години пред оваа експедиција, но и по неа.
Во рамките на презентацијата под наслов ‘Анапурна мит или реалност’ ќе погледнеме ексклузивни и досега неприкажани снимки од неговото искачување на Анапурна, најопасниот врв на планетава, а воедно ќе се спомене и неговото искачување на К2, кое заедно со освојувањето на Анапурна го става Дејановиќ во листата на аплинисти од светски ранг! По презентацијата публиката ќе има прилика да постави и прашања во врска со овие големи подвзи.
Во продолжение проследете го ексклузивното интервју со Дејановиќ кое Ski Macedonia го направи во врска со овој настан.
Oстанатиот дел од програмата на овогодинешниот настан можете да го видите тука, додека листата на достигнувањата кои ќе бидат прикажани во рамки на документарниот филм REEL ROCК 10 можете да ги проследите овде.
SkiMacedonia: Како започна твојата љубов кон планината и кога почна да ги искачуваш?
Здравко Дејановиќ: Јас уште од рано детство тренирав фудбал, па потоа ракомет, а некаде пред 20 години по наговор на мојот зет, Златко Пејковски, првпат се качив на Водно и од тогаш па до денес не се имам одвоено од планините.
SkiMk: Може ли да се споредат Еверест со К2 и Анапурна?
ЗД: Патеките за искачување на Еверест (од јужна или северна страна) се со помал наклон за разлика од К2 и Анапурна 1 каде што се скоро вертикални и со самото тоа го прават Еверест полесен за искачување, а исто така самиот благ наклон значи и многу помала опасност од лавини и паѓање на одрони од камења. Исто така на Еверест има голема помош од Шерпасите за разлика од К2 и Анапурна 1 каде што морате сѐ сами да одработите (дотурање опрема до висинските кампови, поставување шатори, јажиња и сл).
SkiMk: Како накратко се одвиваше искачувањето на Анапурна
ЗД: Аклиматизацијата и самото искачување го направивме во зимски услови (од 4-ти до 24-ти Март) што преставуваше во многу аспекти позахтевно отколку да го правевме во сезона (Април- Мај). Бевме 13 искачувачи во мојот тим и 7 искачувачи од Шпанскиот тим на Карлос Сориа, кој пак се откажаа во вториот камп во текот summit day. Искачувањето го направивме во услови на многу ниски температури (до -50 степени), многу наноси на снег по вертикалните рути на движење и заради неповолни временски услови одлучивме недоволно аклиматизирани да заминеме кон врвот, што на крај ни се освети со загинување на два члена од тимот и здобиени многу смрзнатини на рацете и нозете на останатите членови од тимот.
SkiMk: К2 и Анапурна се многу ретко искачувани врвови. Како доаѓаше до информации за рутите, претходните искуства на планинарите, критичните делови…?
ЗД: И на К2 и на Анапурна 1 рутите никогаш не се исти, зависно од моменталната состојба на патеките се одбира посигурната за која пак одлучуваме сите заеднички во тимот. Секогаш има некој искачувач или шерпас кој претходно бил тука па така од нив ги добиваме приближно правецот на рутите и секако опасностите кој се карактеристични за истите.
SkiMk: Најверојатно беше свесен за смртноста на овие врвови која се движи меѓу 30 и 40%. Од каде таа самоувереност сепак да тргнеш да ги освојуваш?
ЗД: Не сакам да испаднам нескромен, меѓутоа, кога носев одлуки за искачување и на двата врва, размислував само за тие искачувачи кој успешно ги искачувале овие два врва и они ми беа движечка сила така да воопшто не размислував за негативните моменти што ги придружуваат овие два врва.
SkiMk: Планината почнува се повеќе да се популаризира како спорт и начин на живот дури и кај нас, а на светско ниво веќе сè се сведува на туризам. Како гледаш на овие трендови и промени во овој домен, кој до пред само неколку години беше само за избраните.
ЗД: Се буди свеста кај луѓето за здрав живот и позитивно е што се повеќе се бават рекреативно не само со планинарството туку и со други спортови. Постои голема разлика помеѓу трекингот на планина и искачување на високи врвови. Трекингот спаѓа во туризам за разлика од искачување на високи врвови за кој треба одредени предиспозиции и секако голема сериозност и професионалност. Јас лично би кажал дека искачувањето на Еверест од некој некомпетентни луѓе е претставен како туризам, меѓутоа тоа е далеку од вистината. На Еверест имате одредено олеснување околу носење на опрема, поставување јажиња и шатори и сл. од страна на шерпасите, меѓутоа морате самите да се искачите до 8848 м.н.в., што секако не е лесно. Има недоволно спремни искачувачи кој од нивни субјективни причини се обидуваат да се искачат на покривот на светот, но затоа многу од нив ја плаќаат таа авантура прескапо, а многу често и со живот.
SkiMk: Со овие искачувања со право го доби своето место во историјата на овој, условно спорт, во Македонија, на Балканот, но и пошироко. Како се чувствуваш сега по сите овие успеси и дали имаш намера да продолжиш понатаму со вакво темпо?
ЗД: Кога ќе постигнеме нешто во животот за кое сме се вложиле дури и самите себеси, нормално е дека задоволството е огромно, тоа е нешто слично како кога некој архитект ќе застане од далеку да гледа мостот што тој го изградил. За мене лично, главните хималајски цели К2 и посебно Анапурна 1 се исполнети. Во однос на мојот хималајски континуитет, земајќи во обѕир дека во моментот сум сè уште реконвалесцент и раните од Анапурна бавно зацелуваат, кога сè ќе помине ќе видиме што понатака.
SkiMk: Овие успеси не беа без жртва. За само една фотографија ги изгуби двата прста. Дали се исплатеше оваа жртва за целиот подвиг?
ЗД: Таа фотографија, македонското знаме на Анапурна1, за мене има посебно значење, тоа беше мојот хималајски сон и не само мој, тоа е сонот на најдобрите светски алпинисти за кој многу од нив ги имаат оставено своите животи по вертикалите на Анапурна. Јас на мојата презентација, веднаш по враќањето од Анапурна кажав дека ако некоја виша сила ми понудеше да го искачам врвот, а за тоа цена да биде губење на целата рака, не само на двата прста, ќе го прифатев тој предлог. Тоа го мислам и сега, после оваа шестмесечна дистанца.
SkiMk: Кажи ни нешто за агонијата на 7400 метри.
ЗД: Тоа е нешто што секако не би сакал повторно да го доживеам. После екстремен напор и искачување на самиот врв и целосно исцрпени, од објективни причини, ние моравме и втора ноќ по ред да останеме без спиење и на отворено, врзани со јажиња да преживееме уште една ноќ на висина од 7400мнв, на температура од -30 степени, можеби и повеќе, без течности… Сега на тоа го гледам како да сум бил пред Дантеовото чистилиште на милиметар од пеколот.
SkiMk: Што очекуваш од Лотце и Нанга Парбат, врвови кои се твојата следна дестинација?
ЗД: Како што кажав и претходно, прво целосно да ми заздрават прстите од измрзнатините па после тоа ќе видиме што понатака.
SkiMk: Дали сметаш дека губењето на прстите сепак беше божја промисла и знак кој те спасија од сигурна смрт, тука алудирајќи на тоа дека токму во базниот камп на Лотце, во неодамнешната лавина животот го загубија неколку шерпаси, а да не беа повредите и ти сигурно ќе се најдеше токму во тој камп?
ЗД: Па да не беа повредите на прстите, планот ми беше одма од Анапурна директно да се префрлам во базниот логор на Lhotse висок 8516мнв, во кој при лавината што тогаш се случи загинаа три искачувачи од тимот во кој требаше да бидам. За ова немам коментар…
Разговара Тони Димитров
skimacedonia




