Прослава на денот на планината – Доброшки и Езерски Врв

Прослава на денот на планината

Доброшки (2.370 м.н.в.) и Езерски Врв (2.580 м.н.в.), 14.12. 2014

Повикот на планината е повик за враќање кон природата. Враќање кон себе. Повик за мир и спојување со сѐ околу вас. Повикот на планината значи и поттик за надминување на себе си, онаков каков сте се знаеле до тој момент.  За веќе во следниот да излезете посилни, посигурни. Не е порив за натпревар, спортување или недајбоже освојување, или едноставно позирање со својата опрема. Има во тоа некоја подлабока смисла. Сепак искачувањето кон врвот има мистично значење.  Метафизика која нема да ја најдете во било која друга работа овде на земјата. Поезија за душата. Вознесување.

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina

Планината има и свој ден. Четиринаесетти декември. Ден на кој се слави  нејзиното височество. Воедно и нејзиното значење за нас планинарите. Несомнено посебен ден.  А тоа значи дека овој празник треба достоинствено да се прослави. Тоа значи дека ќе ги избегнеме гужвите на Водно или Матка, нашите секојдневни рути, или стандардните и најпосетувани Љуботен или Титов врв и ќе се упатиме кон врвови кои ретко се посетуваат воопшто. Времето се беше синхронизирало со поводот и прогнозата беше безмалку совршена. Така и би. Совршен сончев ден со малку снегче  за подобар впечаток.

Доброшки и Езерски Врвсе два прекрасни врва на Шара, некаде во нејзиниот северозападен дел, можеби најмалку посетуваните на оваа планина. Со просечна висина за оваа планина, а меѓу повисоките воопшто во Македонија. Секако меѓу десетиците повисоки од 2000 метри. Се пристапува од селото Јелошник кое се наоѓа на околу 900 м.н.в., па од тука низ шумата кон Јелошничкото бачило, од каде се отвора поглед кон Доброшкиот врв. Без многу проблеми беше искачен првиот врв со неговите 2370 м.н.в., а потоа по малку уживање во кристалниот поглед, целта беше насочена и кон Езерскиот.

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (7)

Се гледаше како уште многу пат до таму особено по овој снег, кој веќе во вториов дел од рутата беше доста подлабок. И двата врва овој пат беа оковани во снег, но уживањето беше големо. Од Доброшки има доста спуштање, потоа секако повторно искачување до Езерски, а тоа значеше дека ќе има искачување нагоре и за назад што делуваше демотивирачки. Но кристалниот поглед од 360 степени што го нудеа овие врвови беше спектакуларен од оваа ретка перспектива: Љуботен, Ливадички Врв, Пирибег, Чаушица, Бистрички, Црн Врв… чистиот поглед овозможува убаво да се здогледаат и монолитните Пирин и Рила.

Интензивна и долга тура, но исполнувачка. Како што и доликува на еден ваков ден кога се слави планината. А кога се слави планината, не може да не се направи тоа со нај убавата меѓу планините кај нас, Шар планина. Сепак спојот со овие два врва, на овој ден, во вакви услови беше вистинска прослава на планината.

Тони Димитров

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (4)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (3)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (2)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (12)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (11)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (10)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (9)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (8)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (6)

Dobroshki i Ezerski vrv Shar planina (5)

 

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки