Боговињско езеро и Бориславец, 15 јуни 2014
Негостопримливиот Бориславец
Шара. Најголемиот планински масив во Македонија кој се карактеризира како субалпски, што накратко значи своевидна екстензија на алпскиот масив кој започнува во срцето на Европа. Место каде може барем малку може да го почувствуваме здивот на алпските ветришта и грамадноста на алпските врвови. Токму она кое ние овој јунски ден сакавме да го доживееме.
Прогнозата за утре беше благо очајна. Со надеж дека лошото време ќе почне или подоцна или дека во најдобар случај ќе не заобиколи. Но нашата желба, поточно кажано потреба да одиме таму, беше поголема. Сакавме нешто големо. Нешто покомплексно и потешко. Изборот беше врвот Бориславец, еден од помасивните, пострмните врвови во Македонија воопшто. Кружна тура преку Боговињско езеро. Скратената екипа со која бевме на Кораб, повторно навистина спремна, тргна кон уште едно убаво заедничко доживување и средба со моќниот Бориславец.
Тргнавме по матно време. Но надежта дека времето ќе се подобри беше се уште тука. По автопатот кон Тетово гледавме дека целата Шара беше во облаци. Таму горе, можеби и врнеше. Ние сепак, итавме кон неа. По Тетово тргнавме кон Гостивар, но скршнавме десно кон селото Боговиње. Огромно село кое опсервирано од горе наликува на град, а секако и е поголемо од одредени места кој се нарекуваат градови во источна Македонија! Поминавме низ селото и продолживме нагоре кон Ново село – уште едно убаво големо планинско село. Патот кој поминува низ селото е доста кривулест со распаднат бекатон па автомобилот го оставаме некаде кон сретсело. Продолживме пеш долж селото кое изобилува со чешми од кој блика прекрасна планинска вода. Полниме вода на една од нив и се исклучуваме нагоре исчезнувајќи од погледот на селаните некаде по шарските ливади во оваа јунска магла.
Се чувствувам уморно и неволно се движам. Вчера бевме на Меденица од домот во Беличица; ја маркиравме патеката за претстојната забава и тура наредната недела, па целиот тој пат, тргни-застани, повеќе ме умори отколку што би се уморил кога го одел два пати едноподруго. А и маглава некако дополнително ме демотивираше. Се пробивавме низ високата трева. Ги прескокнувавме поточињата и цапавме во вировите. Околу немаше ништо освен белузлаво сивата маса која ги обвиваше врвовите околу нас.
Како се движевме нагоре, пополека сонцето ги пробива облаците и не огрева. Ја огрева росата во тревата која ја прекршува светлината распостилајќи ја по ливадата како послана со дијаманти. Овој момент го чекавме. Тука некако мотивацијата и ентузијазмот како да пораснаа, па повесели продолживме понатака низ падините околу кои веќе се отворија и околните врвови. Забрзано лизгавме по изохипсата кон езерото. Сонцето повторно се сокри и почна и да врне. Но за кратко, повторно се отвори, таман за да ни го пружи најпрекрасниот поглед кон Боговињско езеро.
Езерото се наоѓа меѓу Брустовец и Мала Смрека на 1936 м надморска висина, во правец југозапад-североисток. Тука некаде на почетокот каде езерото истекува, се сместивме за кратко да поуживаме во ова огромно шарско езеро, пред да продолжиме нагоре директно над него кон Бориславец. За среќа времето ни дозволи да го погледнеме. Средбата со езерото и сонцето кое го опсипуваше ми даде енергија и желба сигурно да продолжам напред. Но таа сончева атмосфера не траеше долго. Облаците со огромна брзина надоаѓаа од долината нагоре кон нас и ненадејно само не одминаа. Бевме сведоци како цел бел блок помина низ нас. Повторно потонавме во белина. Езерото се изгуби од нашите погледи. Беше време да се тргне понатаму. Ја поминавме реката и тргнавме со искачување веднаш нагоре по доста стрмната падина. Се движевме брзо. Трева, сипар, големи расфрлани камења, беа насекаде околу нас. Езерото под нас. Понекогаш ни дозволуваше да го погледнеме за кратко и пак ќе се изгубеше. Сонцето ќе не огрееше и повторно ќе се сокриеше. Во таква атмосфера газевме по падините на Шара кон Бориславец.
Крајот на падината изгледа прилично близу, а мислите дека таму е и врвот. Искачувате еден дел кој сметате дека е врвот, а тука ви се отвора уште еден дел кон врвот. Го искачувате и тој дел, па се појавува уште еден. Па уште еден! Бориславец е недостапен и покрај маглата, ни се сокрива и зад ридестите пластови. Се додека низ сипарестиот премин не излезете до сртот, фина висорамнина обележана со кота од камења или она што би требало да е врвот. Но не е. Врвот е сокриен во облаците малку понатаму низ сртот, па продолжуваме уште малку понатаму. Сртот е остар и штета што не се гледа надолу кон падините и останатите врвови на преубавата Шара. По страните на сртот имаше и доста снег. Пред нас се испречи уште еден сипарест премин заглавен во снег, кој требаше да го преминеме за конечно, по толку молење, да се сретнеме со негостопримиливиот Бориславец, кој постојано ја пролонгираше нашата средба. Како да не сакаше да се сретнеме. Како да не му беше баш мило што баш денеска тргнавме да се видиме со него.
По уште краток разговор, конечно не прими. Бориславец. Со сите свои 2602 метри надморска висина, ете само за еден метар повисок од врвот Пелистер. Не беше многу расположен за разговор. Едвај ни дозволи да се сликаме. Околината обвиена во магла, не ни дозволи да ја погледаме ни за миг. Само што седнавме да одмориме, реши да не избрка. Само толку? Запрашав. Но, без одговор, уште еднаш ни укажа дека денес, не сме добредојдени. Силен дожд почна да паѓа врз нас и без да си кажеме пријатно, не принуди да се пакуваме и со наведнати глави да тргнеме надолу.
Паѓаше ситен и многу силен дожд кој можеби беше и град. Олеснителна околност беше што не ни фрштеше во лице туку одзади, па можевме да се симнуваме надоле без да се вртиме да фрлиме последен поглед наназад. Ми ги гореше листовите на нозете со ситните ледени куршуми. Трчав надолу по лизгавата тревната падина од спротивната страна на врвот. Турата беше кружна, нели. Надолу се простираше бесконечна стрмна, но свежо зелена страна која требаше да ја спуштиме. По патот се сретнувавме со овчарите, нивните овци и вистинските шарпланинци. Поминувавме низ нивните бачила, покрај камените скулптури, низ кој понекогаш, кога Шара ќе се смислуваше, ни дозволуваше да го погледнеме бескрајниот Полог рамен и бел како море. За повторно погледот да се затвори. Кај овчарите се распрашавме за насоката. Наводно не зборувајќи македонски, некако успеавме со мавтање да се разбереме и покрај потокот за кратко влеговме во шумата. Остана само уште да ја поминеме реката.
Ја поминавме реката покрај чешмата, целите мокри од високата мокра трева. Дождот одана беше престанал. Сонцето обилно светеше повторно осветлувајќи ја зелената падина. Поминавме покрај браната и покрај бункерите и чешмата каде за првпат скршнавме од селото, повторно влеговме во Ново село, каде наголемо се случуваше некоја прослава, најверојатно свадба. Се пресоблековме и тргнавме надолу кон Боговиње.
***
Бориславец е масивен врв. Убав и раскошен низ целото искачување. Но денес ете, негостопримлив. Едвај ни дозволи да му пристапиме. Едвај по толку молење ни дозволи, барем на кратко да се видиме, иако имавме само најдобра намера. И покрај сè, направивме една прекрасна кружна тура, видовме доволно, иако не сè, со надеж дека наскоро Бориславец ќе биде погостопримлив и дека ќе се видиме убаво во некоја наредна сончева прилика.
Тони Димитров
skimacedonia




































