Александар Кирковски и Дејан Тодевски денес имаа успешен настап на скај-маратонот до највисокиот врв во Европа, Елбрус 5642 мнв. Поаѓајќи од подножјето на планината од полјаната Азау на 2350 мнв, а со финиш на самиот врв оваа трка претставува сериозен предизвик во услови на околу 50% помалку кислород и ниски температури.

Александар стигна до врвот за 5 часа 17 минути 30 секунди и се пласира на 14 место во машка конкуренција, а ова воедно претставува и најдобро македонско време до највисокиот европски врв. Дејан оствари резултат од 5 часа 54 минути 50 секунди и беше 25 место во машка конкуренција. На трката настапија вкупно 90 натпреварувачи од кои само 54 стигнаа до врвот Елбрус.
Ова е единаесетто издание на оваа екстремна планинска трка, а трето учество на македонски тим. Претходно во 2017 година успешно ја завршија Кирковски (5 часа 35 мин) и Марјан Бонев (5 часа 45 мин), додека во 2018 година поради лоши временски услови не се трчаше до самиот врв.

Победник во машка конкуренција беше Шингис Бајкашев од Казахстан со време 3 часа 30 минути, пред русите Евгениј Марков и Витали Шкељ. Кај жените победи Ана Оглоблина од Киргистан со 4 часа 17 минути, а подиумот го комплетираа русинките Елена Рухлјада и Оксана Стефанишина.
skimacedonia