Во потрага по возбуда се оди се подлабоко и повисоко низ изолираните и тешко достапни диви предели на Шара, Кораб, Галичица, Пелистер, Кожуф, Караџица.

Се скијаат и се прават популарните “линии” низ се по комплексни врвови, опасни кулоари и карпести зони, каде ризикот и опасностите за лавина и сериозни повреди демнат од сите страни и се на највисоко ниво.

Македонија која генерално има ски центри потпрепни на класичниот туризам и скијање на подготвени патеки нема сериозен централизиран (еден) инфо центар од каде што може да се влечат квалитетни податоци за висината на снегот, температурата на воздухот, ветар, температурата на снегот, ризикот од лавина, маркирани зони со висок лавински ризик, објави за забрането скијање итн.
Цела оваа крајно сериозна ситуација е потпрена на аматеризам, игра на расипан телефон, бркање глуви линии и секако голема информативна магла во која повторно најдебелиот крај ќе го извлечат планинарите, скијачите авантуристи, туристите, а секако преку тоа и имиџот на државата како квалитетна туристичка дестинација.
skimacedonia.mk ја имаа таа иницијална иницијатива, но тоа е сведено во основа на волонтерство без моментален капацитет да собере многу квалитетни информации од сите страни низ ски регионите. Ќе напоменеме според нашите искуства во оваа зона, динамиката на комуникација, самоиницијативност и проактивност е сведена на ниско ниво и потребата да се сподели информација од прва рака е најголема само кога ќе падне лавината и само кога нечија глава висела на линијата меѓу животот и најлошото.
Христијан Т.
Лавина на Попова Шапка, викендот 28-29 ноември 2015
skimacedonia
