Концепт:
Во моментов дел од македонските уметнички и креативни сцени се во процес на оформување и созревање. Слабата инфраструктура, соработката, вмрежувањето помеѓу артистите и оскудната институционална поддршка го прават процесот уште потежок. Потребата од засилен ангажман со цел зајакнување на овие сцени е повеќе од евидентна. Во такви услови потребата од собири каде ќе се создава и презентира е и повеќе од добредојдена. Вмрежувањето помеѓу млади и надоаѓачки уметници како и оние кои се веќе подолго време присутни на сцената и нивна взаемна соработка и размена на искуства е нужност. Овие работилници ќе се обидат на едно место да соберат млади креативци кои се заинтересирани за уметноста и крeацијата, кои ќе работат, врз основа на што би се создала база за нивна понатамошна соработка на ниво на локална сцена во соодветната уметничка област. Ова е еден чекор кон креирање на своевидна уметничка заедница која ќе ги има сите параметри на една здрава сцена која меѓусебно ќе комуницира и соработува во иднина.
Насловите на работилниците се однесуваат на самата област и тема опфатена со работилницата. Во нив ќе се работи на различни креативни аспекти и уметнички перспективи, каде авторите ќе имаат можност да се соберат на едно прекрасно место и заедно да работат, да се инспирираат, создаваат, пишуваат, цртаат, да ја претстават својата работа, да соработуваат, да се дружат и да уживаат во природата.
За работилниците:
Овој серијал работилници е наменет пред се за локални артист и млади кој се заинтересирани за уметноста, креативци или уметници, поети или книжевници, звучни уметници или уживатели на визуелното, дизајнери или цртачи, скулптори или вљубеници во изведувачките уметности, теоретичари или едноставно консументи на креативните резултати, деца и повозрасни…. листата е скоро бесконечна. Работилниците ќе се состојат од работни сесии кој вклучуваат краток вовед преку кратки предавања, презентации, дискусии и работни задачи, со кој учесниците ќе имаат можност прво теоретски да се запознаат со проблематиката и начинот на работа, а потоа и преку практична работа, каде преку поединечни и групни настапи и сесии на отворен простор и во природа, низ текот на оваа работилница и практично ќе се запознаат со концептот на секоја работилница одделно. Низ заеднички брејнсторминг самостојно ќе работат на развој на самиот концепот на работилницата каде ќе биде дискутирано за понатамошниот развој на истата. Целта на се ова е низ современи методи на работа учесниците да имаат можност да се запознаат со најновите текови и достигнувања во соодветната област на обработка. Вториот дел од програмата е практичен и се состои од практични задачи преку излагање, пишување, читање, цртање, творење, дизајнирање, а авторите ќе имаат можност меѓусебно да се запознаат, да творат, да ја презентираат својата работа и да ја слушнат/видат креацијата на останатите. Финалната фаза се состои од креирање на конкретна творба или уметничка форма со примена на претходно стекнатото знаење.
Резултатот од работилниците ќе се архивираат (аудио и визуелно), а резултатите потоа ќе бидат претставени на јавноста преку соодветна презентација во јавен простор или на радиото Канал103. Потоа материјалите ќе бидат и публикувани во соодветна публикација или книга.
Каде:
Работилниците се одржуваат во планинското село Лазарополе, Западна Македонија. Планинско село на 1350 м.н.в. и една од највисоките населби во земјата. Неверојатно и прекрасно место кое се наоѓа на платото на планината Бистра, опкружено со букови и дабови шуми. Сместени сме во инспиративна планинска куќа со сите услови за работа и престој.
Една од причините поради кој е избрано ова место е големото значење на селото од аспект на културното наследство на Македонија. Од тука произлегле доста значајни македонски дејци од сите области на културата и уметноста. Ова село, во минатото е од едно од најзначајните центри во регионот, а денес е сосема напуштено за во него да нема постојани жители. Овој тренд на умирање на селата е тренд кој се случува со голем дел од македонските села, особено во овој регион. Нашата намера е да го вратиме животот во овие средини, барем на ваков начин и преку уметноста, враќајќи ги младите на село, каде ќе почувствуваат руралната атмосфера и каде ќе се инспираираат од амбиентот, околината и природата.
Инфраструктирана во селото е добра поради тоа што се користи како викенд населба, со што сите услови за достоинствен престој и работа се исполнети.
Кога:
Работилниците ќе се одржуваат во текот на еден викенд во месецот, секој месец во годината.
Зошто:
Бидејќи сме изолирани од метежот и бучавата на градот и хаосот на урбаниот живот. Бидејќи сакаме звучни пејзажи и теренски снимки. Бидејќи сакаме да правиме музика, пишуваме поезија, твориме, да изведуваме заедно, да комуницираме, да бидеме креативни. Затоа што во Лазарополе сме нурнати во непресушен извор на инспирација. Бидејќи сме опкружени со воодушевувачки места многу блиску до селото и постојат многу отворени места каде што може да се работи. Затоа што ја сакаме природата!
skimacedonia
