Водење на планина 50 евра вадење од планина 5000 евра

Денес, од југот на Македонија стигна уште една информација дека биле спасувани залутани планинари кои кинисале на фронт, да го пробиваат Кајмакчалан. Патот им излегол предолг од првичните замисли, па за назад барале некој да ги спаси. Новите посетители на планините, покрај тоа што имаат добар ентузијазам, треба навистина добро да се припремат кога одат на непознат терен. Тоа подразбира реален пристап кон саканата цел, опрема за навигација во просторот и ориентациско познавање на теренот.

Неодговорното однесување и непочитување на правилата од планинарската заедница, федерациите и клубовите веројатно ќе треба да се санкционира доколку не се почитуваат правилата. Во најмала рака тоа чини пари и дополнително го загрозува и изложува на ризик животот на оние кои тргнале да ве спасуваат. Секоја посета на планината и дивината, со себе носи авантура, возбуда но и потенцијални ризици во кои мораме да бидеме свесни дека вклучуваат голема група на луѓе.

Доколку сте поголема група,  кон одредена дестинација и врвови кои не се на листата на некое планинарско друштво, ве советуваме и имајте во предвид дека на располагање ви стојат секогаш локални водичи кои можете да ги ангажирате за одреден надомест. Со таквото однесување ќе покажете почит кон планината, планинарската заедница, лиценцираните водичи и тимовите за спасување, кои сепак не се дежурна играчка на која треба да ви текне само во моментие кога ќе направите некоја глупост.

IMG_20170619_100415_kjurkov dol bistra mavrovo

Во прилог ви го пренесуваме во целост етичкиот кодекс т.е кодексот на честа

КОДЕКС НА ЧЕСТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ПЛАНИНАРИ – ФЕДЕРАЦИЈА НА ПЛАНИНАРСКИ СПОРТОВИ НА МАКЕДОНИЈА

Основни одредби

  • Кодексот на честа на македонските планинари (понатаму Кодекс на честа) се базира на трајните етички вредности кои се обликувале во текот на повеќегодишниот развој на македонското планинарство.
  • Секој член на македонско планинарско друштво доброволно и морално се обврзува дека ќе го почитува Кодексот на честа и за прекршувањата на неговите начела ќе одговара пред соодветните органи на планинарската организација.
  • Кодексот на честа го обврзува планинарот дека со своето делување и однесување во планината, но и во долината, независно дали делувањето е посредно или непосредно врзано со планинарството, треба да ги почитува правилата на овој Кодекс и според нив да се однесува. Особено е нагласена должноста на членовите на планинските друштва и другите активни планинари да бидат пример за другите, особено за младите. Однесувањето и делувањето на секој планинар го зацврстува угледот на македонското планинарство.

Заштита на природата и околината

  • Природните богатства се извор од кого планинарството ја црпи својата сила. Заштитата на природата е од најголем општествен интерес, а бидејќи планинарството е тесно поврзано со природата, треба да им биде пример на другите.
  • Грижата за заштитата на природата и околината е една од темелните должности на планинарот.
  • Покрај заштитата на природата и околината, должност на планинарот е да се грижи за заштита на тој дел од природата кој е посредно или непосредно поврзан со планинарството. Тоа, пред се, се планинарските предели, природните и националните паркови, планинарските растенија и животни, а особено, заштитените растенија, животни, изворите и водните текови.
  • Планинарот со големо внимание се грижи за заштита на планинската околина така што по планинарските патеки, на врвовите, на одмориштата и видиковците не остава отпадоци, односно ги носи во долина и ги одлага на уредено ѓубриште.
  • Планинарот не предизвикува незгоди, не фрла камења, не пали оган во шума (освен на посебно уредено место за кампирање), не кине растенија (независно дали се заштитени или не), не прави штета на планиските пасишта, објекти и насади. Секогаш мисли на тоа дека останатите кои ќе дојдат со него имаат право на чиста околина.

Хуманизам

  • Богатството и убавината на нашата татковина ја чуваме со години наназад. Неотуѓиво право е во тие убавини да уживаме и во богатството кое го имаме да располагаме.
  • Планинарењето во најширока смисла на зборот треба да е достапно на сите, бидејќи уживањето во природата духовно и телесно не окрепува, и е едно од најкорисните активни употреби на на слободното време, кое го поминуваме во заедништво, со пријатели и е примерно за луѓето од сите возрасти. Затоа, една од основните задачи на планинарските друштва е да придобие што повеќе љубители на природата.

Планинско дружење

  • Планинарскиот дух во планините го остваруваме со несебичност, дружење, солидарност, меѓусебно почитување и помагање, дисциплина, пожртвуваност, скромност, или накратко, меѓу планинарите владее вистинска заедничка соработка и хуманизам.

Другарска помош

  • Потребна е искрена и несебична помош:
  • На помалку искусните планинари за правилниот начин на одење, одмор, исхрана, облека, опрема, ориентација, опасности, однесување при несреќа, итн.
  • На изморените, исцрпените, загрозените, повредените. Тоа не е само должност на спасителите, туку и на секој планинар. Секој во рамките на своите можности, знаење и средства кои му се на располагање, треба да им помогне на луѓето во невоља. Помошта нека биде несебична, искрена, охрабрувачка.
  • Планинарот свесно се одлучува да оди внимателно, и за тоа да биде физички и психички подготвен и соодветно опремен. Тоа му го налага самоодговорноста и другарската должност кон другите. Во незгода си помага самиот, а помош повикува ако не може да си помогне. Свесно и одговорно учествува кога му помагаат, соработува и им олеснува на тие што му помагаат. Ја задржува присебноста, ладнокрвноста и не предизвикува паника. Планинарот не претерува во барањата, во секоја ситуација се воздржува, бидејќи со своето однесување влијае и на другите. Награда за помош
  • При давањето помош најдобра награда е чувството дека сме ја исполниле должноста. На самобендисаните и на тие што си ги преценуваат своите способности и заслуги им нема место во планините. Непримерно е да се превземаат заслуги на сметка на други, кои помагале во несреќата.
  • Груб прекршок на планинарската етика е прием или барање за надомест за понудената помош.
  • Планинарот, кој примил помош, на сите што му помогнале, примерно им се заблагодарува.

Однос меѓу планинарите

  • Секаде, а во планините посебно, терба да владее начелото на рамноправност меѓу планинарите. Непримерено е нагласувањето на социјалните, националните, расните, половите и другите разлики. Странците кои доаѓаат во нашите планини, се наши гости и пријатели на нашата држава и треба тоа да го почуствуваат. Рамноправноста во планините се изразува со солидарноста, меѓусебното разбирање, обѕирноста кон природните, социјалните, здравствените, старосните, половите и другите индивидуални разлики, кои бараат взаемно разбирање и соодветно однесување.
  • Во планинарењето важи правилото, предност во планините да имаат болните, децата и жените. Во планинарењето предност имаат помалку искусните, послабите и помладите. Постарите планинари го пренесуваат своето искуство на помладите, а тие за тоа ги почитуваат. Потребите и желбите треба да се ускладат со можностите кои се соодветни на условите во планините. Искуството го прилагодуваме на новите услови и со новите спознанија го помагаме и модернизираме планинарството. Во планинарењето се обликувале правила на однесување во конкретни услови:
  •  При среќавање на тесни планинарски патеки, повештите, посилните и помладите, се поместуваат за да поминат побавните и постарите.
  • При преминување низ опасни места, снег, вода, итн., на побавните и постарите им препуштаме погодна положба.
  • На местата за одмор или во планинарските домови на побавните и постарите им препуштаме попогодно место.
  • Ако преноќуваме во преполн планинарски дом, на послабите и постарите им препуштаме попогодно сместување.
  • Кога одиме во група, важат следните правила:
  • Темпото на групата се прилагодува според темпото на најспорите.
  • Кога некој сака да се одмори, не го прави тоа на само за него погодно место, туку треба да се најде место за одмор на кое сите планинари можат удобно да се одморат. • На стрмни места одиме смирено, со прилагодено темпо за сите учесници, а не брзаме и не ги покажуваме своите можеби поголеми способности. Непримерно е ако во текот на одморот не се овозможи одмор на целата група, а не само на првопристигнатите на местото за одмор.
  • Во сите случаи треба да важи начелото на солидарност.

Планинарски водичи на ФПСМ

Најважна цел на планинарскиот водич на ФПСМ е безбедност на учесниците. При тоа треба да делува во согласност со Кодексот на честа, правилниците и другите акти на ФПСМ.

Планинарскиот водич на ФПСМ ја почитува личноста и достоинството на секој учесник и само во услови кога е загрозена личната безбедност на учесниците или општата јавна безбедност на околината, е должен да го наметне својот авторитет со цел да се елиминира или намали вкупната штета, пред се да се заштитат човечките животи.

Планинарскиот водич на ФПСМ треба со своето однесување и делување да им дава пример, како на учесниците во акцијата, така и на другите планинари, со посебен нагласок на помладите. Со своето водење треба да ги едуцира учесниците, при што кажаното треба да го поткрепи со личен пример. Ако тоа го дозволуваат условите на акцијата, своето знаење треба да го пренесе и на другите посетители на планините.

Планинарските водичи на ФПСМ се доброволци и својата оспособеност ја покажуваат со своето знаење и искуство, а формално ја докажуваат со својата значка и легитимација за Планинарски водич на ФПСМ. Меѓусебно, во текот на подготовката, изведба и по акцијата, солидарно се помагаат и се рамноправни, но нивното делување го насочува водичот на акцијата. Во непредвидени ситуации ги почитуваат одлуките на најискусниот меѓу нив. Во такви ситуации ја почитуваат и помошта од други, особено стручно оспособените кадри кои на акцијата се присутни како учесници.

Планинарскиот водич на ФПСМ е должен да биде ментор на приправник за планинарски водич на ФПСМ, ако се чувствува способен да биде ментор. Заедно со приправникот се одговорни приправничкиот стаж на кандидатот да биде вистински и квалитетно извршен, а менторот треба на приправникот да му пренесе што повеќе знаење и искуство.

Планинарски домови

  • Планинарските домови (куќи, засолништа) се наменети за одмор на планинарите. Желбите и потребите на планинарите се различни, и планинарските домови не се опремени и снабдени за исполнување на сите желби и потреби на планинарите. Планинарските домови имаат свои куќни редови и во нив владее чувство на друштвеност и топлина.
  • За да се одржи таа атмосфера се препорачува:
  • Да не претеруваме со желбите и барањата, бидејќи и во планинарските домови предност имаат болните, децата и жените. • Во планинарските домови не треба да креваме врева, да бидеме гласни, да не го уништуваме инвентарот и сл.
  • Пеењето и музиката треба да бидат смирени и во согласност со атмосферата на планинарскиот дом.
  • Консумирањето на алкохолните пијалаци треба да биде примерно.
  • Веселото расположение е очекувано, но не е очекувана и веселба која би им пречела на другите посетители во планинарскиот дом.
  • Важно е да се почитува ноќниот мир согласно куќниот ред на домот.
  • Само во исклучителни случаи, во согласност со мнозинството, планинарското расположение може да се продолжи и во подоцните ноќни часови.

Однос кон планинарската организација

  • Македонското планинарство има свој углед и го водат пожртвувани организатори и несебични планинари.
  • Должноста на членовите на планинарските друштва е да учествуваат во планинарската организација согласно своите можности. Угледот на организацијата го одржуваат со тоа што самите ги почитуваат позитивните планинарски акти и со тоа влијаат врз другите планинари.
  • Од една страна, должноста на планинарите е свесно да ги исполнуваат своите членски обврски, а од друга страна, да ги уживаат правата како членови според Статутот на ФПСМ и врз начелата на Кодексот на Честа. Секој планинар треба да внимава на сигурноста на планинарските домови, патеките, патоказите, маркациите и другиот планинарски имот.

Членови на планинарските органи

  • Функциите во органите на планинарската организација се доброволни, и се темелат на доверба и одговорност.
  • Должноста на планинарскиот функционер е да работи во согласност со Кодексот на честа и со своето однесување да влијае на другите.
  • Должностите се извршуваат во согласност со своите можности и во склад со интересите на планинарите, при што општествените средства треба економично да с екористат.
  • Односот на функционерите кон планинарите е другарски, при што авторитетот не доаѓа од функцијата, туку од искуството, целите, работењето и однесувањето. Не бара привилегии, туку ги извршува должностите.
  • Меѓу планинарските функционери владее слога, соработка, дисциплина и групна одговорност.

Признанија За успешна работа и долгогодишна активност за доброто на планинарството, ФПСМ на планинарските организации и на поединци им доделува признанија (Пофалници, Значки, Плакети и слично).

Суд на честа За потешки прекршоци на Кодексот на честа, членовите на планинарските друштва се одговорни пред Судот на честа. Судот на честа посредува и во случаи ако дојде до недоразбирања меѓу планинарските друштва и членовите.

17222499483_fischer

За skimacedonia

4 коментари

  1. Kaj nas treba poveke vnimanie da se posveti na razvivanje na spasuvanjeto a ne da se pravdaat spasuvacite toa im e rabota tovarot ne se frla na zrtvite , vo amerika se spasuvaat i macki nie vikame za sekoja glupost da ne gi opteretuvame spasuvacite i da gi stavame vo rizik drugite toa e nebitno. Ima avanturisti iman turisti se slucuvaat neocekuvani raboti, federaciite i spasuvackite ekipi ne treba da si baraat opravduvanje koga se raboti za covecki zivot citam i se cudam na glupostite vashi bez razlika napravile nepromislen poteg ili ne moze ke jma nekoi i koj ne napravile nepromislen poteg pa pak im treba spasuvanjem Namesto da se skoncentrirame na podobruvanje na spasuvackiot sistem kaj nas koj i onaka e da mi prostite sranje vie mi pisuvate demek oni se krivi otisle i zaglavile sramota taka da se pishhva normalno ima vo sekoja drzava turisti avanturisti solo planjnari sto sakaat da eksperimentiraat nemozete da osuduvate nego podobrete se zivoto vredi na covrk 5000 evra da vi se mocam i vo tie pari

    • Здраво Боби,

      во текстот немаме намера директно па и индиректно некого да пофалиме, одбраниме или критикуваме.

      Насловот е симболичен и тие износи не се ценовник за водење и спасување, најмалку вредност за нечии живот.

      Целта е да се подигне свеста кај сите учесници во сообраќајот. Секако дека има екстремни авантуристи на кои никој нема право да им кажува што ќе прават со своите животи.

      Но должност е сите учесници да се однесуваат одговорно и пред останатите играчи во системот. Должност е да се даде совет како да се однесуваме во планина, понатаму имаме лична слобода во одлуките што ќе правиме, каде и како.

  2. Zikica Bozinovski

    На искачувањето на врвот Кајмакчалан јас Жикица Божиновски бев организатор.Среќен сум поради тоа,среќен што отидовме 8 планинари и водичот и се вративме живи и здрави.Како и на секое тешко искачување и толкава километража мораше да има проблеми.Но по овие коментари сто се јавуваат деновиве разочарен сум од некои планинари кои еднас двапати одат во планина и од спасителното друштво .Јас имам јавно да поставам 4 прашања на кои молам од страна на спасителното друштво да ми одговорат. 1.Јавно со име и презиме да ги кажат планинарите кои биле ПОВРЕДЕНИ. 2.Јавно да кажат за каква врста на ПОВРЕДА се работи кај планинарите. 3.Јвно да кажат кај отидоа парите во вредност на 50 е кои им беа дадени а не дадоа никаков документ,сметка,сметкопотврда.Инаку првата цифра беше 200 е па потоа намалија 50 е со образложение дека тоа е само за гориво. 4 Што ќе се случеше ако трите лица што дојдоа да ги земат ПОВРЕДЕНИТЕ и кои дојдоа со пиво во раце пиејќи направија сообраќајна незгода.Кога веќе се дава критика и се учи како треба да се оди во планина зарем е ова дел од наставата. Со почит жикица Божиновски. 3.

  3. Михајло

    Почитувани, ние ги сретнавме планинарите на качување кон врв (ние бевме со велосипеди) и тоа пред самиот врв, и не беја залутани и ја знаеја патеката. Но можеби други услови непланирани им се случиле.

    Со почит поздрав!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки