Титов врв 2747 мнв, 15 март 2015
Многу снег на Шара, но убав ден. Во најава совршено време. Одлуката за утрешната тура падна за Големиот Турчин, највисокиот на Шара. очигледно тоа беше одлука уште на неколку планинари кои се упатиле натаму, пешачејќи ја оваа навистина тешка зимска тура.
Ќе речеш ништо спектакуларно, повторно кон Титов врв, по којзнае кој пат годинава. Но, во овој период од годината таа рута и не изгледа баш така како што изгледа во останатите периоди од годината. Бевме натаму и кон почетокот на зимата, во снег, дури и преку Мал турчин, но сепак овој пат беше навистина посериозно. Секако ја избравме стандардната рута преку Церипашина – Бакрдан – Титов врв. Она кое беше нужно да се изведе овој пат е што и враќањето мораше да биде повторно од таму, што во овој длабок снег значеше дополнителен напор и повторно качување нагоре во услови кога веќе тоа не сакате да го правите.
Церипашина беше израмнета со ратрак чекајќи ги првите скијачи. Тоа го олесни движењето барем во тој, можеби најстрмен дел. Но понатака требаше да се гази во веќе подлабок снег. А нагоре и да се пробива. Сепак патот нагоре не изгледа така, како што изгледа за назад; да се пробивате во снегот и да искачувате повторно нагоре кога сте ужасно уморни и кога едноставно сте ја завршиле целта. Но немаше друг избор. Ако одевме од досадната Вакавска тоа значеше дека ќе заглавиме во снегот или ќе пробиваме со часови или можеби денови.
Времето идеално, без ветер, што за овој дел од Шара беше навистина чудно. Шарковците правеа друштво во текот на целиот пат. Пејзажите се отвораа насекаде околу нас, а чистото време го овозможуваше тоа. Проблемите настапија кога тргнавме назад т.е. кога веќе требаше повторно да се искачува Бакрдан. Можеби не толку Бакрдан, колку наредните искачувања, кои и не толку стрмни, вас ви изгледаат како искачување на највисокиот врв. Конечно удолница. Најстрмната пред самиот крај. Имаше потреба од дерези кои конечно ги употребив.
Целиот овој напор вредеше, судејќи по целото искуство на ова тешко зимско искачуање на Титов врв. Иако е тешко да се долови она кое е доживеано таму горе, поуживајте во парче од атмосферата преку фотографиите и видеото од висините.
skimacedonia

















