Nature meets technology е насловот на работилницата за амбиентална музика, звучен пејзаж и теренски снимки, која ќе се одржи во Лазарополе од 27 до 28 јуни. Оваа работилница годинава ќе го има четвртото издание, а во неа уметниците што сакаат природа и звук и имаат сличен пристап кон музиката и животот, ќе имаат можност се соберат на едно прекрасно место и заедно да работат, создаваат, да ја претстават својата работа, да соработуваат и да уживаат во звучниот пејзаж на Лазарополе, велат организаторите од иницијативата „Креативен викенд“.
Оваа работилница ќе се обиде на едно место да собере локални и интернационални артисти кои се заинтересирани за овие области, кои ќе работат заедно на практичен аудио проект. Nature meets technology е интерактивна работилница наменета за локални артисти и млади кои се заинтересирани за звук, теренско снимање, аудио монтажа и продукција, радио арт, саундарт и сродни области и сите оние кои имаат интерес да се запознаат со основите на звучната уметност.
Работилницата ќе се состои од работни сесии, кратки предавања, презентации, дискусии, теренско снимање на звуци и практична работа во природа, преку кои низ текот на оваа работилница учесниците ќе имаат можност прво теоретски да се запознаат со проблематиката и начинот на работа, а потоа и практично ќе се запознаат со концептот на теренско снимање со преносни аудио снимачи, како и целосен третман на снимениот звук од трансфер, монтажа, процесирање, секвенцирање па се до креирање, продукција и изведба на конкретна звучна форма.
Покрај работилницата во склоп на програмата е предвидено да има и поединечни и групни настапи и импровизациски сесии на отворен простор, амбиентални диџеј сетови, презентации на проекти на учесниците, звучни инсталации, а ќе се одржи и звучна прошетка до врвот Соколица.
Работилницата ќе биде под водство на кураторот Тони Димитров, додека гостин предавач е берлинскиот артист Франк Бретшнајдер, еден од пионерите на современиот електронски звук. За учество веќе се најавени нови и етаблирани звучни артисти од Србија, Косово, Португалија, Франција, Мексико, Полска.
Како дел од работилницата на 26 јуни во киното Фросина со почеток во 20 часот, ќе се одржи и аудио визуелен перформанс во живо на Бретшнајдер, со кој ќе го претстави својот последен албум SINN+FORM.
Повеќе информации за пријавување и учество на работилницата можете да дознаете на следниотлинк.

skimacedonia