Минатата недела спортските качувачи добија нов локалитет во близината на Скопје – Кадина Пештера. Се работи за извонреден и голем локалитет со интересна варовничка карпа која преставува еден вид спортско качувачко богатство и во моментов нуди можност за качување на 12 насоки со тежина која варира од 6а до 7c+, секако со потенцијал за многу нови насоки кои веќе се планираат за скора иднина. На самото отворање прекрасниот локалитет, непосредно над Кадина река, беше преполн со многу спортски качувачи и алпинисти од различни клубови кои ги тестираа новоотворените насоки. Се работи за варовничка карпа во вид на полу пештера, со своевидни сталактитни форми, превисни делови и таван, што го прави овој локалитет уште поинтересен, возбудлив за качување и сосема поразличен од она на што досега сме навикнати од локалитетите Матка и Демир Капија, како во однос на самата карпа и нејзината текстура, така и во однос на самите насоки и движењата.
Времето беше сончево и топло, само какво што можете да посакате за качување, а попладнето и облачно што само го олесни качувањето кое почна да станува и тешко при топлото сонце. Патеката која води до локалитетот (од точката каде ги оставивме автомобилите) е маркирана и води директно надолу кон пештерата, а се стигнува по некој десетина минути лесно пешачење. Тука некаде се отвора и импресивниот поглед кон пештерата од која ви застанува здивот. Комплексна долга завиена структура на пештерата е нешто што најмалку сте го очекувале и што сепак навистина ретко се сретнува, особено во овој дел кој е претежно расфрлан со пониски планини со ниска вегетација. Карпата е југо-западно ориентирана па овозможува качување од крајот на Октомври до почетокот на Април, што значи и во текот на зимата, па дури и на дожд затоа што самата пештера како стреа ги штити насоките. Уште една голема погодност е што овој локалитет се наоѓа на само 36км од центарот на Скопје, па ќе биде лесно достапна за голем број качувачи. Насоките се со должина до 30 метри (за 60 метарско јаже), а оклинченоста е солидна за што ви се потребни до 15 комплети.
Карпата долго време чекала да биде откриена од Македонските спортски качувачи и тоа конечно се случува во 2013 година кога ја открива Горан Кузмановски. По откривањето Владимир Трповски и Димитар Попов ги отвораат првите насоки, а во тоа помага и Кире Серафимовски во дел од насоките. Исто така голема заслуга во уредување на самиот локалитет имаат дел од членовите на СКК Екстрем и СКК Вардар, додека Никола Зотиќ-Жути неуморно го средува сето зеленило и инфраструктура околу локалитетот.
По доста обиди, неколку искачени насоки, доста модринки и многу адреналин, по овој прекрасно поминат ден, целосно исполнети, кон зајдисонце, пополека почнавме да се подготвуваме да го напуштаме локалитетот Кадина Пештера, со надеж и желба што почесто да го посетуваме.
Тони Димитров
Приод: Се оди кон село Зелениково и тоа преку населбите Усје, Пинтија, Драчево, па да се помине Орешани и с:Зелениково и да се влезе во станица Зелениково. Во Зелениково продолжуваме во десно од главната пруга се до мини плоштадчето каде градскиот Автобус 67 врти за возење назад кон Скопје. Од таму патот продолжува кон левиот пат. Тој пат води кон село Гумалево. По излезот од селото има голема “S” кривина во лево, после која по искачувањето на ридот се отвора широк поглед и патот е пресечен со земја. Нека не ве буни тоа, само право и се продолжува на асфалт. Продолжете го возењето право и ниту во еден момент не скршнувајте на споредните патишта од десно и лево. На 3 км пред село Гумалево асфалтот завршува и се продолжува по земјен пат, кој е солиден за секаков вид урбано возило. Кога ќе го поминете с.Гумалево, во неговиот излезен атар, има исто така “S“ кривина во лево. Таму се паркирате од десна страна на патот. Од таму продолжувате одејќи по горниот пат, односно на патот над патот за возила. Пешачете и кога ќе го поминете бачилото од десна страна, веќе од лева страна има топола кое е показател за да излезете од широкиот пат по кој се движевте и да преминете од лево на планинарска патека. Планинарската патека се протега низ полиња за тутун и во еден момент на видикот ќе се појави дел од карпата. По напуштање на полињата, влегувате во ниска шума која ќе ве одведе до Кадина пештера. Карпата се наоѓа на 50м над реката Кадина..