На тетовскиот Матерхорн Кобилица (2528 м.н.в), 15 февруари 2015

На тетовскиот Матерхорн Кобилица (2528 м.н.в), 15 февруари 2015

Во најава беше прекрасен ден. И денешниот беше совршен за турата Матка – Водно. Без ветерче и потполно сончев. Да беше и утре барем приближно ваков ќе беше совршено. Во план беше да одиме на Кобилица, таканаречен тетовскиот Матерхорн. Самото име кажува сѐ. Неговиот пирамидален изглед, сериозно стрмен и еден од поинтензивните врвови, не само на Шара туку и воопшто му го дала овој застрашувачки епитет.

Денот беше баш како и вчера. Уште при движењето кон Шипковица сонцето изгреа јасно. По Шипковица следуваше и Бродец. Досега неколку пати сум одел на врвот преку Вејце,но сега поради патот и евентуалниот снег, по препораки од тетовските пријатели беше одлучено да се оди преку Бродец. Чинам не менуваше многу. Пирамида е пирамида. Од сите страни е еднакво стрмно.

Kobilici shar planina (2)

Групата беше прилично голема за овие услови. Сепак се очекуваше доста снег, евентуално и лед, па задолжително беше да се носат дерези, шлем и цепин, иако реално на вакво време ледот сигурно беше веќе стопен. Прво низ шумата, а потоа и на отворен простор. Снег секако имаше. Уште од Скопје се гледаше дека целата Шара е во снег. До долу. Веднаш кога ќе се излезе од шумата се гледа и врвот, како да е тука пред вас. А тука почнува и стрмната падина на Кобилица и почнува искачувањето. Најпрвин се пробивавме низ снегот, а некаде кога почува да се оди по изложената страна за да се стигне до сртот, застанавме да ги ставиме и дерезите. Снегот беше стопен и реално немаше голема потреба од нив, но сепак продолживме така до самиот врв.

Kobilici shar planina (3)

Kobilici shar planina (4)

Дивите кози трчаа околу нас. Ги имаше доста. А веќе развлечената група се движеше нагоре. Секој со свое темпо. Некако групата почна да станува бавна и малку забрзав. Сакав што побрзо да бидам на врвот. Се гледаше крајот, но врвот лажеше. Се појавуваше уште еден дел за искачување, па уште еден… но сепак бев скоро на врвот. Се работи за можеби најинтензивниот врв (наводно 50% наклон иако јас би рекол и повеќе), но сепак доста краток (за искачување има само 1480 метри висинска разлика). Па веќе бев горе.

Погледот е импресивен. Се наоѓате на централниот дел на Шара, па од тука се гледа сѐ. И надолу кон Титов врв, но и нагоре кон Доброшки, Езерски или Црн врв. За жал се гледаше и тињата во Скопската и Полошката котлина, таму каде претежно се давиме. Но тука каде што бевме беше совршено чисто. Дишевме совршен шарски воздух, пиевме жива изворска вода. Сонцето навистина силно печеше, а ветер немаше воопшто. Уживавме колку можевме во овој зимски пејзаж. Пролетта како пополека да се најавуваше. Изгледа ова ќе да беше последниот длабок снег по кој ќе газиме оваа година.

Тони Димитров

 

Kobilici shar planina (5)

Kobilici shar planina (6)

Kobilici shar planina (7)

Kobilici shar planina (8)

Kobilici shar planina (9)

Kobilici shar planina (10)

Kobilici shar planina (11)

Kobilici shar planina

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки