Изработен прецизен дигитален модел на просечните температури и врнежи за подрачјето на Македонија

CLIMATE digital map macedonia

Во светот се поголема е потребата за дигитални климатски модели, во кои посебно место имаат просечните температури, врнежи, осончување и други климатски елементи. Добиените растери обично се користат за понатамошно моделирање на потенцијалните природни хазарди, разни трендови, корелации со природни и антропогени процеси и сл.

За подрачјето на Македонија, во досегашниот период беа изработени поголем број изотермни и изохиетски карти, главно преку експертски базираниот пристап заснован на податоците од метеоролошките и дождомерните станици и нивната интерполација според конфигурацијата на теренот. Во последните 2 децении имаше и неколку обиди за креирање на дигитален модел на температури и врнежи, најчесто врз основа на соодветни вертикални градиенти и регресии на Лазаревски (1993) и др. Сепак, во крајните модели се јавуваа значителни отстапувања, особено доколку како основа бил користен само вертикалниот елемент, односно дигиталниот модел на висини.

Значително подобар пристап е применет во глобалниот WorldClim модел (Hijmans et al., 2005) изработен со интерполирани податоци од достапните метеоролошки станици и од вертикалните градиенти и регресии. На глобално ниво, истиот е досега најпрецизен и најкомплетен, а се однесува за периодот 1950-2000 година. Прецизноста на овој модел кој има резолуција од 1 км е добра дури и ако се земе само подрачјето на Македонија. Сепак и во него има значителни отстапувања, посебно во јужниот и источниот дел на државата, а некаде тие изнесуваат и до 50% (Гевгелиско, Валандовско и др.).

Заради наведеното, ние извршивме сопствено моделирање на просечните температури и врнежи во Македонија. Како основа се земени реалните податоци за 30 метеоролошки станици за периодот 1961-1990 година (за неколку што недостасуваа е земен период 1951-1980 според Лазаревски, 1993). Првин, според координатите на станиците се поставени векторски точки и им се дадени вредности за просечни температури и врнежи. Потоа, од вредностите на точките, во софтверскиот пакет SAGA GIS е интерполиран растерски грид со резолуција од 100 м. Добиените гридови за температури и врнежи се споредени со висините на 30 м дигитален висински модел, при што се изведени соодветни регресии кои се компарирани со регресиите на Лазаревски (1993). Врз основа на ваквите регресии за температури и врнежи, како и прецизен 30-метарски дигитален висински модел на Македонија, добиена е изотермна и изохиетска карта (модел) според надморската височина. Во последниот дел од постапката, извршено е порамнување на вредностите од двете интерполации (од реалните податоци и вертикалните градиенти) преку грид калкулаторот на SAGA GIS.

На опишаниот начин се добиени 100-метарскиот растерски грид модел на просечните годишни температури и растерски грид модел на просечните суми на врнежи за подрачјето на Република Македонија. Споредбените анализи покажуваат мали отстапувања од реалните податоци (6-15%), или двојно попрецизно од глобалниот WorldClim модел со 1-км резолуција.

Заради поголема достапност за разни апликации, двата растерски грида во geotiff формат можат слободно да се преземат од долните линкови (како архива):

  • Изотермен модел: https://www.dropbox.com/s/10725el16qlhmt4/Temperatures-MKD.rar?dl=0
  • Изохиетски модел: https://www.dropbox.com/s/crawgw00folrjl9/Precipitations-MKD.rar?dl=0

На сличен начин, врз основа на достапните и релевантни податоци, во постапка е изработка на изотермни и изохиетски модели за Република Македонија за периодот 1985-2014 година. Истите ќе бидат особено корисни за разни ГИС-сценарија, апликации и моделирања.

Превземено http://www.igeografija.mk/Portal/

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки