ЕГ Грин Пауер на 18 ноември (недела) 2018 година организира eднодневно есенско искачување на највисокиот врв на планината Голешница, Лисец, 1935 мнв.
Голешница е дел од источниот масив на Мокра Планина (Велешки округ) и се наоѓа помеѓу реките Тополка и Кадина Река. Лисец е еден ретко качуван врв, но исклучително моќен, тешко достапен и најдоминантен врв во непосредната околина на Велес и Скопје. Се наоѓа во групата на 12 непознати и помалку посетени, но предизвикувачки врвови, кои не се во комерцијалната планинарска агенда на искачување, поради тешката пристапност од речиси сите страни. Несекојдневна и ретка тура која многу ретко се практикува во годишните настани и е исклучителен кардио тренинг за стекнување и одржување кондиција.
Лисец е амброзија и виножитото на Азот, сунгер на акумулираната убавина на погледот кон вештачката акумулација Лисиче, чувар на Солунска Глава, најубава совест на Китка и Бреза,сфинга надвисната над аеродромот Скопје, природен двоглед кон Водно и Милениумскиот крст, и лупа која дава прекрасен стаклест изглед кон западната трансверзала.
ТЕХНИЧКИ ДЕТАЛИ : Појдовна точка е помеѓу селата Дреново и Долно Јаболчиште, Општина Чашка. Се тргнува од надморска височина од 650 метри. Висинска разлика 1285 метри. Се оди еден и пол час по широк шумски пат кој преминува во шумска патека, богата со букова и дабова шума, фасцинантни видиковци и исклучително чист еколошки предел, поради слабата посетеност од луѓе. Визуелно, пределот е неверојатно естетски податлив и питорескен со богат колорит и изобилство на уметнички пејсажи.
Технички, патеката е средно тешка , 5-6 часови во еден правец, со релативно голема висинска разлика што ја прави посебно атрактивна. Потребна е почетна добра кондиција и не е препорачлива за почетници. Последната третина од патеката(последните 300 висински метри или еден час) бараат солидна физичка кондиција.
Врвот е несекојдневен – со големина на фудбалско игралиште и со невообичаени карпести форматури кои се остатоци од пагански храмови, поради што врвот има исклучително археолошко значење.
Патеката е маркирана од почеток до врв со црвено бела боја во најголем дел, освен неколку немаркирани пократки делници и кратенки.
Вода има на две места, после 2 км од стартот на патеката и на еден и пол час пред врв.
СТАРТ на турата : Недела, 18 ноември во 7.30 часот од железничка станица Велес. Доколку има поголем интерес, ќе се ангажира мини бус(комбе) за организиран транспорт од Скопје до Дреново. Оние кои ќе доаѓаат од Скопје, имаат гевгелиски воз во 6.20 часот од Скопје кон Велес. Претпоставено враќање кон Велес помеѓу 17 и18 часот.
Како опција е предвидено големо Пиво во кооперација во село Лисиче – 43 денари(по договор и желба на присутните) .
ЦЕНА на ТУРАТА : 250 денари. Во цената е вклучлен превоз од Велес до Дреново и назад. Оваа цена важи доколку се наполни цело комбе со 23 луѓе. Ако има помалку пријавени цената ќе биде повисока.
КАПАР : 150 денари.
ОПРЕМА : Планинарски разгазени чевли, вода( 1,5 литри минимум), повеќеслоеста облека, гамашни, ветроотпорни и водотопорни јакни(кабаници), капа, ракавици, енергетски барови, наочари за сонце, топли напитоци, овошје, зеленчук и ладни сендвичи(по желба).
ПРИЈАВУВАЊЕ – Игор, 075 361 877, Кире, 070 215 468.
Заради поквалитетно организирање на целиот настан, ВЕ МОЛИМЕ задолжително пријавете се телефонски.
Секој оди на сопствена одговорност. Организаторот го задржува правото да ја скрати, промени, одложи или откаже турата, доколку проценките на теренот или временската ситуација го наложат тоа.
ВАЖНО : Секој учесник е должен да ги почитува правилата и насоките на организаторот и водичите, во спротивно сам е одговорен за несаканите последици;
– Наведените планинарски акции се организирани и движењето се одвива во група предводена од организаторот и водичите.
– Организаторот и водичите имаат право да исклучат член пред стартот на планинарската акција доколку не ги исполнува наведените услови и не ја поседува соодветната планинарска опрема за предвидената планинарска акција.
– Секој учесник може да биде исклучен од групата поради недолично однесување.
– Организаторот и водичите го задржуваат правото на измени на термините и редоследот на акцијата во зависност од временските услови и останатите технички препреки.
– Императивно, вашето ѓубре да го носите со себе во ранец до првиот контејнер.
skimacedonia
