„Говедарница“ е првиот планинарски дом во регионот на Долна и Горна Река

На оддалеченост од околу еден километар западно од Горно Маало на долнореканското село Жировница деновиве беше отворен првиот планинарски дом во регионот на Долна и Горна Река. Сопственик на планинарскиот дом „Говедарница“ е 30-годишниот Даут Јашари од село Жировница.

„Долги години во мене постоеше огромна желба да изградам планинарски дом и на љубителите да им ја доближам недопрената природна убавина на планините Кораб, Дешат и Бистра. Во планината сум вљубен. Уште како дете, со моите најблиски роднини постојано крстосувавме низ планинските беспаќа што водеа кон планинските височини на Кораб и Дешат. Што би се рекло, со заврзани очи можам да се движам низ овие предели. Пред неколку години бев на обука за планинарски водич во Кортина де Ампецо (Италија), а потоа успешно го положив испитот и добив лиценца со што можам самостојно да организирам планинарски тури во Националниот парк ’Маврово‘“, вели Јашари.

Планинарскиот дом „Говедарница“ располага со 10 легла, кујна, трпезарија, бања, телевизор, интернет. Ги има сите услови за престој, а цената за ноќевање чини 6 евра. Во зависност од должината на маршрутата, еднодневната цена за водич се движи меѓу 50 и 90 евра за цела група.

govedarica1

Инаку, местоположбата на планинарскиот дом е одлична. Објектот изграден од камен и дрво во алпски стил се наоѓа на 1.100 метри надморска височина. До него се стигнува пеш за 15-ина минути од Горно Маало, каде што има паркинг. Од Планинарскиот дом „Говедарница“ има повеќе пешачки патеки, дел од нив се обележани, а повеќето не и тие водат до 15 врвови повисоки од 2.000 метри. Двете патеки кои водат кон месноста Кртец, односно кон Веливар, се долги по 10 километри во еден правец и се идеални за еднодневен марш, престој и уживање во исклучителната природна убавина.

Сопственикот на Планинарскиот дом, кој истовремено е и домар, ни објасни дека како професионален планинарски водич е подготвен на гостите кои ќе изразат желба во секое време да им организира крстосување низ сите познати и не толку познати места на Кораб, Дешат, Крчин, Бистра и да ги запознае со флората и фауната што се наоѓа во овој регион на недопрена природа. Иако Планинарскиот дом „Говедарница“ е отворен само дваесетина дена, интересот за престој е голем. Пролетта, летото и есента се периоди за уживање во природните убавини. Но, и зимските месеци се привлечни за планинарите кои уживаат во снежни авантури и пејзажи кои можат да се видат и да се доживеат само во овој регион.

Младиот и амбициозен Даути планира во скора иднина да го зголеми капацитетот на леглата, да отвори етноресторан со специјалитети од крајот подготвени со производи создадени од локалното население на Жировница.

Инаку, долнореканското село Жировница е второ по бројот на жители во општина Маврово – Ростуше. Со пописот од 2002 година беа регистрирани 1.606 жители. Но, сега, како што велат жировничани, има над 2.500 лица.

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки