Еклектичните манифестации на Јабланица

Еклектичните манифестации на Јабланица

Црн Камен, Јабланица, 5 август 2015

За време на престојот во околината Струга и циркулацијата на потегот Охрид – Струга поради различни обврски и потреби, ова лето постоеше можност да се искачи Галичица или пак да се отиде до ретко посетуваната Јабланица. Овие планини некако не баш често специјално ги посетуваме, и сепак треба да се наоѓаш во околината за да тргнеш во средба со нив. Овој пат постоеја реално и двете опции; една екипа пријатели која го заврши Илинденскиот марш во Охрид, веќе планираше да оди кон Галичица и преговаравме да отидеме заедно, но божјата промисла и средбата со моите драги Стружани одреди крајот на престојот во Струга да се круниса со искачување на Црн камен.  

 

Тие денови ги посетив Струга, Калишта, Радожда, Елен камен, Охрид, Св. Наум, пештерските цркви, манастирите, одредени плажи, возбудливата Илинденска регата на Охридскиот брег, но сепак  најприкладно е во секцијата за планините да се пишува за искуствата на Јабланица. Сепак беше тоа едно извонредно планинско и духовно искуство. Сепак средбата со Јабланица беше средба со една посебна планина, со која верувам овој посебен однос и понатака ќе се продлабочува.

Jablanica, Avgust

Тргнавме доста доцна, бидејќи пристапот до врвот е доста краток. Се чекавме на кружниот тек во Струга со најдрагите стружани и пријателите од планинарскиот клуб Закамен од Струга и оттаму се упативме кон Горна Белица (до планината може да се стигне и преку Вевчани што се наоѓа на подножјето, а е подножјето е оддалечено 14 км од Струга.). Требаше да се помине и од селото Вишне. Подзастанавме да наполниме вода од чешмата со шопурката која освен водата испушта и музика. А оттука и кон Белица, можеби најубавата планинска населба која сум ја видел по нашите планини. Исполнета со прекрасни зимски куќички, викендици, хотелчиња, со средени цветни дворови и летни кујни, сместени во тие разиграни и шарени падини на Јабланица, беше место да посакаш да останеш и никогаш да не се вратиш надолу, чувство кое толку пати сум го добил на вакви места.

Пополека од селото се упативме по делумно стрмните патеки, прескокнувајќи ги големиот број потоци и движејќи се покрај реката. Стигнавме и до раскрсницата која движи кон нашиот врв, највисокиот Церн камен или накај месноста со чудно име Парумба, што всушност значи гулабица на влашки. Приказната е дека местото т.е. црвичката традиционално се посетувала на Втор Ден Духовден, а се вика така затоа што на тој ден тука слетувала гулабица. Следува и втората раскрсница кај бачилото каде ни се приклучија и по некој мил овчарски пес. Тука се скршнува кон врвот Чумин со 2.125 м. (други врвови повисоки од 2.000 м. се и Стрижак 2.233 м. И Крстец 2.186 м.), место каде во минатото се оставале болните од чума. Хм…

Jablanica, Avgust, Crn Kamen

Вода има колку и да сакате, од секаде блика чиста вода која можете да ја пиете или да се разладите (меѓу изворите најпознати се Вевчанските). Се преминува уште еднаш реката со вировите, а од оваа ливада има прекрасен поглед кон албанскиот дел од планината кон лево, а кон десно е првиот сериозен успон кој треба да го искачите. Патеката е целата добро маркирана, а на секој крстопат има висок дрвен патоказ со одредено време за колку би го искачиле посоченото место. Овде патоказот беше некаде на врвот на овој успон, токму на седлото помеѓу двете врвчиња кој беа пред нас. Тука некако забрзав, не за да ја оставам групата зад мене, туку малку да се уморам и да го фатам моето темпо. Ќе ги чекав останатите горе, но кога стигнав горе, не ме држеше место па тргнав по изохипсата кон врвот (планинскиот гребен е повисок од 2.000 м за приближно 50 км, а највисокиот дел, сместен во самото средиште на планината, е висок 2.257 м.). Се заобиколува остриот врв пред вас и за скоро се отвора поглед кон запад и врвот Црн камен. Кога ќе се заобиколи овој врв, веќе се гледа котата на врвот и само се искачува уште краткиот успон до него. За многу кратко бев и на врвот. Извонреден поглед кон Струшката котлина, Струга, Охридското езеро, тука беа и Вевчани, а и Беличко езеро, а од страна и малото врвче обележано со кота кое веќе го заобиколив. Сепак се работи за еден прекрасен врв, кој еманира со посебна енергија.

Малку сликање и останати пропратни активности и веќе се упатив кон тоа врвче, кое очигледно имаше некакво значење, штом е обележано со кота. Сепак тука поминува самата граница, па сѐ беше добро обележано и средено, за што се најмногу заслужни и планинарите од Закамен од Струга. Веднаш бев и на тоа врвче, кое го покажа своето значење со извонредната позиција за фотографија каде едно до друго се Охридското и Беличкото езеро. Потоа веднаш тргнав да се враќам повторно кон врвот, за негово второ денешно искачување, а тука веќе на пола пат еве ти ги и пријателите како се појавуваат упатени кон врвот. Така овој пат сите заедно го искачивме Црн камен со своите 2257 метри.

Погледот кон 360-те степени дава слика на еклектичноста на оваа планина, визуелно, но и внатрешно. Секој нејзин дел е со посебна конституција, карактер, боја, вегетација или седимент. Ова е планина во која очигледно се манифестираат сите енергии кои ги поседуваат останатите планини северно од неа, а тоа се скоро најголемиот број, најголемите и најмасивни, да не речам најпрекрасни планини кој постојат во Македонија. Таа е еклектичен спој на шарените падини на Шара, ридовите на Бистра, долините на Стогово, карпестите делови на Кораб, езерата на Дешат. Сите овие работи можат да се забележат уште веднаш, при првиот поглед очи в очи со неа. Сепак естетски е поразлична од сите погоре споменати, предизвикувајќи чудно чувство кое дотогаш не сте го осетиле на останатите планини. Тука е и поразличната и густа вегетација, а богами и клима. Имате чувство како да се наоѓате во некоја друга климатска зона, медитеранска можеби, а прва асоцијација качувајќи се низ зимзелената шума по карпестите патеки е можеби Олимп.

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (6)

Уживавме во погледот, сонцето, муабетите, фотографирањето. Уживавме до Јабланица. и тука беше и ветерот кој беше доста силен, можеби не толку, но слично како на соседот Стогово. Доста време имаше да се ужива во погледот на езерата, западните делови кон Албанија (еден дел од планината, западниот лежи во Албанија, а на Македонија ѝ припаѓаат источните планински страни, кој зафаќаат површина од 255 км²) или пак североисточните делови кои гледаат кон споменатото Стогово.

А кога дојде време за надолу идејата беше да се спуштивме кон езерото познато како: 1. Беличко езеро или 2. Вевчанска локва (за време на ледениот период, високите делови биле зафатени cо интензивна глацијација, а трагите од глацијацијата се претставени со пет фосилни циркови во кои се наоѓаат четири леднички езера). Сето тоа зависно од која перспектива на него гледате или од каде тоа доаѓате. Очигледно постои ривалство во именувањето на ова езеро, кое во мојот случај не беше значајно, па единствен критериум беше од каде сме пристапиле, па ќе го користам името Беличко езеро. Спуштајќи се, се забележуваше пустата и карпеста околина на езерото, која имаше вулкански карактер , а чувство е како да се наоѓате на некоја друга планета. Некоја пуста марсовска долина, што уште еднаш го потврдува впечатокот за различноста на оваа планина. Секако редно е да се рестартирате, со барем брцнување на глуждовите во езерото, што овде поради топлата вода (за разлика на пример од езерата по Шара) беше нешто и над глуждовите.

Од тука по кружна патека требаше да дојдеме до Вевчани и да го посетиме ова по многу работи посебно место. Но како што кажа прецизната прогноза на yr.no, во точно два часот почна да врне. И тоа не малку како што очекував. Почна да паѓа град, силен дожд, а богами и громови. Среќа што бевме во шумата. Демек ќе поседевме да почекаме да преврне, но бидејќи бевме потполно мокри, сето тоа немаше поента, па тргнавме по патот. Наводно до доле имаше само уште 15 минути, а очигледно ова ќе ни бидат најдолгите 15 минути. Насекаде околу нас беше чисто, а само над нас врнеше (потоа дознав дека навистина долу во Елен камен и Струга не врнело). Нашиот план да се посети Вевчани се изјалови, па секако се упативме до колите кои беа паркирани во Белица.  Најдовме засолниште во црквата, а оттука си го фативме патот надолу кон Струга.

* * *

Со ова се потврдува мојата теорија, поточно чувство, за посебниот карактер на секоја планина и посебното поврзување со секоја од нив. Јабланица и покрај овој силен дожд кој требаше можеби да не избрка, не ја почувствував како недостапна планина со намера  веќе никогаш да не ја посетиме. Едноставно нејзината динамика, разноликост и еклектичен, несвојствен спој, правеше уште повеќе да ме привлече кон себе и своите убавини. Шумските патеки беа совршено оформени, поминувајќи низ земјени и камени предели. Насекаде, ама насекаде имаше шумски јагоди. Целите патчиња и падини беа распослани со огромни количини плодови, пред се јаготки, како што немав виделно во толкав обем досега. Имаше нагоре и доста боровинки, малку малинки, тука беа сè уште и дивите цреши, а и капинките за кои секако беше секако уште рано. Се ова заедно, пристапноста на Јабланица и нејзините мноштво манифестации,  и секако прекрасното друштво, ја одреди оваа планина како повторна дестинација и тоа за многу скоро, посетувајќи ги останатите делови, врвови, езера…

Тони Димитров

Jablanica, Avgust (2)

Jablanica, Avgust (3)

Jablanica, Avgust (4)

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (2)

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (3)

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (5)

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (7)

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (8)

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (9)

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (10)

Jablanica, Avgust, Crn Kamen (11)

 

 

 

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки