Отворена еднодневна и дводневна акција на Корабски водопад

CIMG4474

ПК Македон организира oтворена еднодневна и дводневна акција на планината Кораб со посета на Корабски водопад во сабота и недела на 11 и 12 јули 2015. Постојат две опции за оваа тура:

ЕДНОДНЕВНА ТУРА, 12 јули 2015:

Турата започнува од селото Рибница и се оди најпрвин по макадам, а потоа низ ниска иглолисна и брезова шума. Потоа патеката продолжува низ густата букова шума и покрај врвот Рибничка скала. Откако ќе се излезе од шумата се оди по долината на Длабока Река од каде се спушта кон водопадот.

Турата е средно тешка и без премногу искачување, но е сепак доста долга и интензивна па бара сериозна подготвеност и кондиција. Се пешачи околу 5 часа во еден правец во зависност од големината и спремноста на групата. Од опрема задолжително да се понесат солидни планинарски обувки, јакна/кабаница поради можност за променливо време и ветар, капа за заштита од сонце. По патот ќе се изведуваат кратки паузи и поголема пауза кај „видиковецот“, од каде се продолжува надолу до водопадот. Вода има по патот на 3 места.

Поаѓањето (за еднодневната тура) е во 5:30 ч. од паркингот на Веро тафталиџе, а враќањето е во вечерните часови. Превозот е организиран со комбиња од Скопје до Рибница. Бројот на местата се ограничени. Пријавувањето задолжително се извршува по телефон на 072 24 39 39. Рокот за пријавување и уплаќање е најкасно до петок 10 јули 2015. Доколку не се уплати до одредениот рок, местото се отстапува на други заинтересирани. Цената за турата е 550 денари.

ДВОДНЕВНА ТУРА 11-12 јули 2015:

Се оди по истиот пат од селото Рибница и се кампува на рамнината под водопадот до Длабока Река. Напомена: оваа опција на турата е со сопствен превоз и сопствена опрема за кампување, со тоа што на турата има водич од ПК Македон. Доколку некој нема превоз, а сака да оди на дводневната тура, може да ве споиме со некој што доаѓа со сопствен превоз. Поаѓањето е во сабота 11 јули попладне (точното поаѓање за дводневната тура дополнително ќе се одреди во зависност од пријавените), а се пристигнува некаде пред стемнување, кога се местат шаторите. Утредента групата заедно се враќа назад кон селото Рибница.

* * *
Корапскиот водопад или Пројфелски водопад е водопад во горниот тек на Длабока Река на планината Кораб. Се јавува од топењето на снегот на источната страна на врвот Мал Кораб и најголем интензитет има кон крајот на мај и почеток на јуни, а понатаму во текот на летото губи од својaта јачина, за комплетно да пресуши, па сега е единствениот период кога тој може да се види. Висината на водопадот е околу 140 метри и е највисокиот водопад во Македонија. Овој предел од планинната Кораб е еден од најмагичните планински предели во Македонија, чија природа поради тешко достапниот предел останала недопрена.

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки