
На 30 Ноември во Прага се одржа свеченото наградување на најдобрите филмови од Меѓународниот филмски фестивал за планински филм. Во голема конкуренција со одлични филмови од повеќе земји, нашиот документарен проект This is Herstory го освои 1-то место во категорија планински спортови. Жирито со позитивни критики кон нашата промоцијата на планинските спортови со автентичен поетски јазик, истакна дека досега на фестивалот немало учество на македонски филм. Фестивалот има веќе 16 години традиција и е еден од најголемите од овој вид. Има патувачки и натпреварувачки карактер и оваа година обиколи 67 места во Р. Чешка и Словачка. https://www. outdoorfilms.cz/o-festivalu/
Филмот This is Herstory е реализација по идеја на Илина Арсова и ги овековечува приказните на 3 девојки од Балканот кои преку спорт ги менуваат стереотипите и пишуваат историја во своите заедници. Аргиро Папатанасиу од Грција, Ута Ибраими од Косово и Илина Арсова од Македонија низ 15 минутна приказна каде се спојуваат спортот и уметноста, тие раскажуваат за своите соништа и патот да стигнат до нив.
Филмот плени со прекрасни пејзажи видени низ објективите на Горан Кузмановски – Кузето кој во чекор ги следеше девојките од сите перспективи, како и магичните кадри на камерманот Рашко Раков од соседна Република Бугарија. Режисерската улога му беше доверена на Игор Христов кои ги оформи приказните во правец на за него препознатливиот магичен реализам. Авторката и продуцент на овој проект Илина Арсова беше одговорна за дизајнот, дел од сценариото и нарацијата што се работеше во соработка со другите протагонистки, а за конечниот резултат заслужен е младиот монтажер Дејан Смилески кој деноноќно работеше на монтажата, звукот и анимацијата во филмот. Проектот беше финансиран од Глобалната Спортска менторска програма на Стејт Департментот на САД, каде Арсова доби менторски престој и е алумна од 2012 година.
Со овој документарен проект прв од ваков вид кај нас, уште еднаш докажавме дека преку спортот и уметноста може да поттикнеме сплотување и зајакнување над сите политички, националистички или други предрасуди кои не ретко не ограничуваат во нашите подвизи.
Имено филмот е дел од поширока платформа за промовирање родова еднаквост и зајакнување на жените преку спорт. Повеќе информации, интервјуа и дел од филмовите, може да најдете на веб страната www.herstory.pro и на социјалните мрежи Facebook / Instagram: Herstory.pro
На веб страната ќе видите и дел од нашите партнери и поддржувачи без кои оваа мисија немаше да успее. Ви благодариме и вам медиумите што ни помагате да ја прошириме оваа информација и да мотивираме што повеќе луѓе ширум нашата држава и пошироко, да ги поттикнеме да спортуваат, и да сонуваат дури и кога се будни. 🙂
skimacedonia
Еден коментар
Pingback: Македонски филм освои 1-во место во категорија планински спортови - Бизнис Вести