На Пелистер битолските ентузијасти кои се занимаваат со планински велосипедизам, ја возобновуваат и средуваат патеката за даунхил на Копанки која одреден период наназад стоеше неупотреблива. Ентузијазмот под Пелистер само се надградува, па покрај активностите за возобновување планинарски патеки, домови, ски клубови, на листата на тековни активности се појави и средување на велосипедски патеки.
“Повторно се враќа ентузијазмот и желбата да се врати стариот сјај на патеката, па за таа цел активно се работи на тоа. Постои голема желба следната година на пролет да се реализира натпревар во даунхил, па ќе се работи максимално да се оствари таа замисла” ни пренесе Петар Тасевски.
Средени даунхил патеки низ современите ски центри се стандардна туристичка понуда која претставува соодветна замена после снежниот период низ планините. Можете да замислите што се нудат Пелистер, Шар Планина, Водно, Крушево доколку постојат функционални патеки и лифтови кои би ги опслужувале сите оние кои сакаат “језив” адреналин.
На Водно, од страна на скопските велосипедисти кои практикуваат даунхил, активно се користи гондолата, но нејзиното половично решение Средно – врв на Водно засега не нуди заокружен систем како понуда во која велосипедистите би пристапувале на планината од самиот град и не би било потребно возило за да се довлечкате до Средно Водно. Во овој дел важноста за безбедно користење на планинарските патеки е од големо значење имајќи го во предвид несогласувањето меѓу таборот на планинари искачувачи и велосипедистите кои со големи брзини ги спуштаат истите тие патеки надоле. Засегнатите страни во координација со надлежните општински власти потребно е да реализираат маркација и јасно одвојување на планинските од велосипедските патеки со цел да се избегнат несакани инциденти.