Договорот за оваа планинарска тура падна на покана од I love hiking тимот. Речено, сторено. Бик Дорук(Голем рид), или Бијак Дорук, највисокиот врв на Стогово. Стогово е распослано по линија северо-запад кон југо-исток, а врвот Бик Дорук е во средина, помеѓу врвовите Стогово и Бабин Срт.
Центарот на мијачкиот крај, од едната страна е Жупа и неколкуте села, Дебарското езеро и Дебар како на дланка, на подножјето од другата страна Могорче, Осој, Гари, а на југ, југо-исток, преку Бабин срт, ете го Караорман и Охридското езеро. Сите што не биле на Бик Дорук, се убедени дека Бабин срт е најубав врв на Стогово! Стартувавме од Гари, со една прошетка низ селото, настрана од одбележаната патека, за да можат сите да го видат најубавото село од збиен тип во Македонија. Групата голема, расположение на претек, сонце по порачка…
Покрај племната на дедо Кузман во Гари

Првата почивка беше на некои 40-тина минути од Гари. Извор со одлична планинска, чиста и ладна вода. Тука од гарчани на темелите на старата црква е изградено црквичето во чест на Св. Петка, а водата од изворот е наречена Петочна вода.

На месноста наречена “Гробот“, а тоа е местото кадешто се минува Гарска река, патот се двои, право преку река се оди кон бачилото Голема Мегданица и по маркирана патека кон Бабин Срт, додека десно патот води кон бачилата Вирови и Ајдар чешма. Ние над шумата излеговме по оваа патека, бачилото Ајдар чешма ни остана десно, а пред нас се појави Канеш, полн со кулоари и неколку пристапи кон неговиот врв, сите кој од кој поубави. Откога ќе го совладате Канеш, Бик Дорук е на дофат на раката.
Бик Дорук, со целата своја масивност и убавина
Во далечина Крчин, а поблизу се гледа Крастица
На Бик Дорук 2268 мнв
Големо друштво се собра на Стогово на 14.06.2015 година. Од повеќе планинарски друштва ете баш тој ден биле предвидени планинарски тури на Стогово. Оваа расположена екипа од 40 луѓе беше на Бик Дорук, а сигурно уште толку имаше и на Бабин Срт. Во Гари, и на одење и на враќање, одамна не било така весело и полно!
I love hiking, традиционално ги направија сите марифетлаци на врвот!
Се вративме заобиколувајќи го Канеш од јужната страна, по гребенот. Излеговме на маркираната патека која води до Бабин Срт и полека се спуштивме во Гари. Одличен ден, времето не послужи, тогаш кога беше најтопло, облаците и ветрето ни помогнаа, а луѓето задоволни и исполенти се вратија дома. Од оваа голема група, најголем дел прв пат планинареа по Стогово. Во ресторан Маргуле во Гари кај љубезните домаќини, се поткрепивме со по некој залак и пивце и по мрак накај дома.
Белевски Илија
skimacedonia











