Еден од најдобрите наши натпреварувачи во Алпско скијање и неколкукратен македонски олимпиец, Антонио Ристевски, објави дека става крај на својата натпреварувачка скијачка кариера. После многу години вложен труд низ младоста, посветени на тренинзи и натпревари, Антонио влегува како ментор, тренер на новите генерации алпски репрезентативци.
Антонио веста ја објави преку социјалните мрежи, заблагодарувајќи се на најзаслужните за поддршката што ја добиваше во изминатите години.
„Епа вака така заврши една приказна за мене , една кариера околу 20 години исполнета со многу успони и падови , патувања , дружења , познанства , тренинзи , натпревари и пред се многу скијање. Позади мене се 3 олимпијади (два пати остварена олимписка А норма) , 8 светски првенства , преку 10 старта во светски куп и преку 500 меѓународни натпревари. 29 место во сочи 2014 и 276 место на ФИС ранг листа се најдобрите резултати во оваа “приказна”. За сето ова и за многу други работи за овие 20 години најзаслужен е мојот тренер Иван Лесевски на кого цел живот ќе му бидам благодарен. Голема благодарност и до Скијачката Федерација на Македонија, потоа ски-клуб Работнички, Македонскиот Олимписки Комитет, Агенцијата за Млади и Спорт, Сојузот на Спортови на Скопје…“ – напиша Антонио Ристевски.
Антонио веќе е вклучен како тренер на македонските репрезентативци во Алпско скијање на глечерите во Европа, каде директно ќе го пренесе своето долгогодишно натпреварувачко искуство и знаење.
“Неговите препораки се преку 500 меѓународни ФИС натпревари“ – наведе неговиот поранешен тренер Иван Лесевски, Скијачката Федерација.
skimacedonia

