The Program
Режија: Stephen Frears
Сценарио: John Hodge, според книгата на David Walsh
Приказната на овој филм, која за да ефектот биде поголем е вистинита, е повеќеслојна, и покажува неколку работи, но најпрвин дека светот во кој живееме не е реален. Тој е лажен. Тоа е свет кој е поттикнат и реализиран од маркетингот и потребите на бизнисот. Свет кој нема допирна точка со некакви вистински вредности. Сè што е вистинито е заменето со негов лажен супститут, правејќи од овој свет симулакрум. Трагедијата е дотолку поголема што овој конкретен случај не го прави светот лажен, туку светот кој е веќе лажен, симулиран и придвижуван од бизнис потребите, подмолно се инволвира во секоја пора на социјалниот живот, па и спортот.
Програма е филм за Ленс Армстронг, најславниот и контроверзен велосипедист, седумкратниот победник на трката Тур де Франс, но и приказна за самиот велосипедизам, успонот и падот на најпознатата велисипедска трка. Филм за жеддта за слава и моќ кои доаѓаат заедно со победата и нејзиниот занес. Тоа е филм каде главниот протагонист е западнат под влијанието на гордоста и бесконечната потреба да се биде прв по секоја цена. Тоа е филмско сценарио реализирано од цел тим кој работи на негова реализација, со тоа што ова е сценариото на неговиот живот.
Спортот, односно во случајот велосипедизмот (верувам ова е случај и со било кој друг спорт), и тоа оној врвниот, е само слика на вистинскиот подвиг, да се извози цела Франција со велосипед. Главниот лик на овој филм, воедно и главниот двигател на трката Тур де Франс со години, е поттикнат единствено од желбата за моќ преку победа, и тоа не бирајќи средства за нејзино постигнување. Тој по случај на околностите запаѓа, во тоа време во сѐ уште полулегални активности, каде се мешаат науката, медицината, спортот и криминалот во едно, менувајќи ги целите, структурата и суштината на спортот во целост. Допингот е средството со кое тој ја постигнува целта, да биде прв, а во целата активност го вовлекува и остатокот од тимот, нови велосипедисти кој работат на неговиот успех.
По седум години негова доминација на трката, ништо повеќе не е исто. Ниту пак ќе биде. Целта на спортот веќе не е како да се победи (бидејќи одамна целта не е да се стигне до целта или недај боже учествува), туку како да не се открие мамењето или просто кажано допингувањето. Човекот станува суперчовек, а победува оној кој го поседува методот како да не биде откриен. Ленс обмамен од неверојатниот успех, кој носи пари, а кој пак носат моќ, не запира во создавањето на лажната слика за себе, со тоа исполнувајќи ги своите егоманијачки аспирации. Околу Ленс се создава мит на недостижност. За него работи цел тим кој тој лажен мит го гради. Неговите победи се проект обликуван со сериозен PR пристап, а во него нема ништо случајно. Една најмала грешка може да направи да изгуби сè. Токму тоа и се случува. Неговата патолошка потреба за моќ, да се биде на врвот и неговата вообразеност поради здобиената моќ, му создава непријатели кој целата таа лажна слика ќе ја откријат, повлекувајќи лавина од реакции, кој конечно во безизлез ќе го натераат и самиот да признае. Клучниот фактор во разотривањето на лажната претстава за Ленс е спортскиот новинар, кој пак веќе некое време ја следи неговата кариера, самата тура и се сомнева во неверојатните и нечовечки постигнувања на спортистите, кој дотогаш воопшто не биле можни и со серија докази, изјави и сведоци, митот за најголемата измама во спортот ќе го разоткрие.
Реалната приказната иако позната од медиумскиот хајп кој ја следеше, филмот дополнително ја доближува преку соодветни интерни пикантерии кој обично не се достапни за јавноста. Доста динамичен, дава една фина претстава за спортот и самиот Тур де Франс, но и целата структура на манипулација, корупција и измама. Но покрај ова, филмот и овој случај не поставува само прости етички прашања, дали допингот во спортот е етички или не, дали резултатите на Ленс треба да се признаат или не, туку покренува и општа дискусија за развојот на спортот воопшто и неговата иднина. И тоа не само од аспект на допингот, туку и за целата пропагандна машинерија, каде победата веќе не е цел и успех на способностите на еден човек, туку добро структурирана и тимски изработена кампања на земјата од каде претставникот доаѓа и за која не се избираат средства за апсолутно постигнување. Треба да се запрашаме и за тоа каков е случајот со другите спортови и спортски активности, каде овие прашања се недоволно регулирани (како алпинизмот на пример), и каде исто така во последно време сме сведоци на екстремни постигнувања и рушење на неверојатни рекорди.
Тони Димитров
skimacedonia
