Во Крушево на 22 мај 2015 година свечено беше отворена „Влашка соба“ со што градот ја зголеми својата културно – туристичка понуда, а туристите сега имаат уште едно место кое задолжително мора да го посетат, кога ќе дојдат во „Градот музеј – Крушево“.
– Во нашиот град власите и македонците од секогаш живеат не еден покрај друг, туку еден со друг. Доказ за почитта кон нашите сограѓани од влашко потекло е и самиот факт, што со посебна одлука на Советот на Општина Крушево, влашкиот јазик е прогласен за официјален, со што Крушево е единствената општина во Македонија, каде влашкиот јазик е службен, рече градоначалникот на Општина Крушево, Ѓорѓи Дамчески.
„Влашка соба“ е дел од проектот кој од почетокот на годинава, започна да го реализира општина Крушево. Во текот на јули, ќе биде промовирана брошура за најзначајните податоци за културата и традицијата на Власите во Крушево. Во истиот период ќе се презентираат и автентични влашки носии.
Проектот „Денови на влашката култура“ e финансиран од страна на Европска Унија, а имплементиран од страна на Советот на Европа, а со свои средства учествува и Општина Крушево.

skimacedonia