Љуботен 2499 м.н.в., 18 мај 2014
Овој викенд тргнав кон родниот крај, тетовско Непроштено. Село сместено во подножјето на Шара. Познато по своите густи костенови шуми непосредно над селото, прекрасните тетовски јаболка и многуте оревови дрва по дворовите, црвениот извор со кисела вода и малиот водопад над него, барем 400 години стариот даб во дворот на црквата Св. Илија, по попот кој рекол „да не ви биде простено“ кога селаните не му дале вода додека поминувал низ селото, според која легенда е добиено името на селото. Но во јавноста можеби најпознато по одвратните настани и ѕверствата направени од сожителите на селото во конфликтот 2001 година, чии последици се уште се видливи.
Село кое од прекрасно живо село, пополека почнува да се гаси како и многу други села со слична судбина, поради причини за кои можеби би зборувал во некоја политичка колумна. Но сепак не овде. Го затекнав селото какво што го оставив кога последен пат бев таму кон почетокот на зимата. Секако видно раззеленето и миризливо од многубројните багреми, густите јорговани и разгранетиот бозел. Ме дочека вековната куќа на баба ми и дедо ми веќе пред распаѓање, како и многу куќи во селото, како ете портата на куќата на комшијата која паднала во текот на зимата. Сепак куќата е со солидни услови да се престојува, па ќе отседнам овие денови во раатот со поглед на Полог, дишејќи го продорниот шарски воздух, пиејќи ја студената изворска вода.
По искачувањето до селските гробишта угоре по скалите над црквата, каде на гробовите на моите предци запалив свеќа, отидов до изворите со кисела вода, или по тетовски киселавода. Малку нагоре кон планината, покрај старата воденица, па по дрвениот мост, долу во долчето обликувано како полу пештера е црвениот извор со кисела вода. Црвен е од железото во водата која благо реже. Над него паѓа водопад, сега видно надојден од снеговите на Шара. По обиколката на овоштарниците близу патот, продолжив да шетам кон житните полиња надолу по Полог. Веќе селото ми се виде премало, па по патеката која ги поврзува селата тргнав кон Лешок, село познато по својот манастир и големата прославата која се случува на Голема Богородица на 28 август. И тоа село, конкретно овој манастир и црквата Св. Атанасиј не се лишени од проблемите и претходно споменатиот конфликт со етнички предзнак. Црквата беше целосно разнесена со динамит и повторно изградена со европски пари за чие сведоштво стои табличката со ѕвездите на европската унија. Црквата не личи на ништо, најмалку на она на што личеше старата црква. Не ми е убаво ни чувството во овој нов објект, ниту лошо насликаните фрески, па отидов во малата црква Успение на Пресвета Богородица (и оваа црква не беше поштедена од оштетување). Клисарот ми го даде огромниот клуч со кој треба да ја отклучам старата дрвена врата. Оваа црква датира од пред најмалку 10 века, а најрано се споменува и во 1326 година. Тука е насликана можеби една од најмоќните сцени на страшниот суд, секако по новооткриената фреска на истата сцена во црквата Св. Ѓорѓи во Лазарополе (која исто така не беше лишена од грабеж).
Лежејќи така на клупите во мирот на манастирскиот двор, погледот ми беше упатен кон Шара, раззеленета во сиот свој раскош, со сè уште малку снегче во горните делови, посакав да сум таму, а веднаш потоа и си помислив зошто и да не го направам тоа? Над Непроштено, низ коштаните, па преку селата Отуње и Сетоле може да се стигне до врвот Плоча. Таму бев есента, едно попладне по собирањето на коштани. Можеше пак. А можеше и на мој Љуботен! Мистериозниот врв кој како совршена пирамида изградена од некоја древна исчезната цивилизација се издига на северозапад, на самиот почеток од Шарскиот масив. Пирамидата која постојано ја гледам кога сум на Водно, а и од мојот балкон. Мојот омилен врв. Можев утре пак да се сретнам со него.
Се разбудив токму кога сонцето со злато ги поли падините на Жеден, а половина Полог сè уште беше во сенка. Грамадните плеќи на Шара љубоморно го криеја. За кратко веќе не можеа да ја додржат тежината, па златото се изли и на другата половина. Сега полог беше златен. Како во месец јули или златец кога житниците се спремни за жетва (како порано имињата на месеците имале смисла!). Според ова денот ветуваше доста, иако самиот врв знае да биде доста променлив и суров. Се надевав дека овој пат ќе ме пречека во добро расположение. И покрај тоа што е доста рано за оваа кратка туричка до Љуботен, тргнав, за да го фатам сончевиот ден по долгите дождливи, а богами и снежни денови оваа пролет. Се понадевав дека зимата ќе престане да ме прогонува. Последен пат врвот го оставив во снег. Тоа беше првиот снег оваа сезона, некаде кон почетокот на зимата. Се понадевав дека нема таков и да го дочекам.
Возејќи кон Ново село по патот попознат како Тетово – Јажинце, со едно око го погледнував го небото над Шара, кое за жал не ветуваше многу. Цело небо беше сончево и ведро освен делот над Љуботен! Се понадевав дека додека стигнам до домот Љуботен сонцето ќе ги растера облаците на врвот, иако до таму нема повеќе од час два, па ќе поуживам заедно со него (тука некаде би требало да следува и онаа очајна фраза дека надежта последна умира). По можеби најдобриот регионален пат во Македонија, чија крајна дестинација е Косово, стигнав брзо до ненадејното необележано скршнување влево кон Ново село. Набрзина стигнав и до горе до крајот на асфалтниот патот, чешмата и крајот на селото. Од тука секако преферирам да одам пеш, иако веќе еден џип ме одмина упатувајќи се по макадамот кон домот лишувајќи се од убавината на костеновата и буковата шума во тој дел.
За еден час, по сончевото време, пробивајќи се низ росните букови фиданки и јас бев на 1650 м.н.в., поточно планинарскиот дом Љуботен. Ме дочека празниот дом, секако и домарот Митко кој во кујната спремаше гравче за гостите кој ги очекуваше, а добрата храна е она по кое е надалеку познат. Набрзина испив чај, за што побрзо да се упатам нагоре. Ќе имам доста време по враќањето да одмарам тука. Времето околу домот беше сончево. Облаците над врвот сè уште беа таму. Не ми се чекаше. Немав многу избор, освен да тргнам кон мистериозниот врв.
Почнав да навлегувам во маглата веднаш над домот, која нагоре стануваше се погуста. Малку погоре се појави и снегот. Прво поплиток, а погоре и подлабок. Беше тврд па за среќа не се пропаѓаше како во оној на Солунска глава минатата недела. По првиот тревен дел, следува првото искачување кон сипарот. Но денес поради маглата за промена не одев директно низ сипарот туку по маркацијата која непотребно кружи.
Сепак маглата е можеби најлошото нешто што може да ви се случи на планина. Иако се беше јасно, се гледаа контурите на ридот пред мене, а и патот до овој врв ми беше јасен како да си одам дома, сепак одлучив да направам нешто што и не го правам баш често – да одам по маркацијата. Напати се покажало дека маглата е нешто од што навистина треба навистина да се пазам. Колку сакате бидете сигурни во себе и во теренот, ако падне густа магла и барем малку излезете од својата рута, се свртите или поместите – готови сте. Сигурно можете да завршите на сосема друга страна. Веќе на второто искачување, пресеков директно кон сртот каде ме очекуваше веќе доста длабок снег. Тука веќе не се гледаше ништо пред мене. Само газев во таа празнотија по остриот срт на пирамидата. Баш оној лев раб кој се гледа од Скопје. Иако се пропаѓаше и иако тоа е навистина изложен срт, кој знае да биде доста опасен во зима, не чувствував некоја посебна опасност и сигурно газев напред по цврстиот снег во последниот дел. Сосема брзо напредував. Сртот се стеснуваше, а тоа значеше дека се приближувам кон врвот иако немаше никакви видливи знаци за тоа. Дури и провалијата од левата страна беше исполнета со густата волна.
За кратко бев таму. На наводно 2499 м.н.в.. Кој ли ги измерил тие точно 499 метри?! И дали се точно 2499? Според кажувањата на мојот драг професорот Мухиќ, старите мерења на овој врв мистериозно никогаш не покажувале иста висина, дури и со доста прецизните аналогни методи, па во различни периоди низ историјата имал различна висина. Некои стари австроунгарски мерења покажувале и висина која била до три илјади метри висина на овој врв! Што не е ни невозможно. Но конечно, како официјална висина е земена оваа од 2499 метри надморска висина, со што можеби неоправдано му е одземена титулата највисок во регионот.
Иако сакам да седам или во идеални услови полежам на врвот на пирамидата и да ги апсорбирам енергиите кои циркулираат на овој меѓник, со поглед кон широкиот Полог, па во идеални услови и Водно, или кон планините на Запад во Албанија, сега сето тоа и немаше баш голема поента. Снегот беше насекаде, маглата исто така, погледот затворен. Ми преостануваше да почекам малку таа состојба евентуално да се промени за кратко. Се отворија мали детали од тој космички пазл, кои ми овозможија да сликнам по некоја слика. И толку. Се повторно се затвори. Мистериозниот врв на овој субалпски регион, кон крајот на мај, не беше баш наклонет. Не ми преостана ништо друго освен да одам долу кон домот и да фатам малку од сонцето на падините со темјанушки, што и навистина го направив.
* * *
Лежев и ги набљудував памучните облаци на источниот хоризонт. Можеби само тука во цела Македонија има така отворен хоризонт кој се простира до недоглед. Се друго се ридови и планини. Погледнував и нагоре кон врвот лежејќи на жолто-пурпурниот тепих, не толку за да видам дали се расчистила сиво-белата виулица, колку што размислував што тоа ја прави варијабилна неговата димензија? Зошто колку повеќе сакаме да дознаеме колку е висок, тој толку упорно не ни го дозволува тоа? Погледнував, Љуботен сè уште беше окован во мистерија, која можеби никогаш нема да ни дозволи да ја одгатнеме.
Тони Димитров
tweet
skimacedonia







































