
ЗАКОН ЗА ТУРИСТИЧКАТА ДЕЈНОСТ е јасен, и во својот Член 6 јасно стои или можеби не?!
“Член 6
Спортски и синдикални здруженија, културно – уметнички здруженија и друштва, здравствени, социјални и образовни установи и хуманитарни и верски организации можат да организираат туристички патувања за своите членови и членовите на нивното потесно семејство само преку туристички агенции. Лицата од ставот 1 на овој член, не можат јавно да огласуваат и рекламираат туристички патувања од ставот 1 на овој член, освен известување на членовите на овие организации и установи. “
Треба ли во иднина измена и дополнувње на овој закон, каде ќе се дозволи спортските здруженија сами да си ги организираат, легално своите планинарско-ски тури?!
Ако земеме во предвид дека организирањето на планинарски тури, каде покрај основните пешачки тури, влегуваат и други специјализирани тури, алпинизам, турно скијање, планински велосипедизам, а се организираат исклучиво од планинарски или скијачки клубови и здруженија во кои целта на сите овие активности е пред се специјализирана активност на планина. Се поставува прашањето, со што туристичката агенција ќе го зголеми квалитетот или безбедноста на турата?! Дали туристичките агенции имаат познавања на планините во регионот и пошироко или повторно би ангажирале некој од постоечките домашни и странски водичи?! Зошто при организација на планинарски тури дополнително да се оптоварува буџетот на планинарите, искусни и новопечени?

Факт е дека колку повеќе овде се пишуваше изминативе две – три години, толку повеќе луѓе се анимираа и тргнаа на планина, снег и дожд, во потрага по евтина авантура. Но, зошто дополнително би се оптоварувале евтините тури до некој планинарски дом во Бугарија, Грција, Словенија, каде секогаш после напорните планинарско-скијачки активности во зима, би сакале и би посетиле некоја бања, ресторан и место каде што може соодветно да се релаксираме и опуштиме?! Дали тоа треба, одма да биде ставено како туристички аранжман?! Дали ако одиме 5 души не му сметаме на никого, а ако се собереме 50 души им стануваме веќе интересни на туристичките агенции? Веројатно според случајов, да, но тоа не ја решава безбедноста на таков начин како што деновиве се напаѓа ПД Трансверзалец кој во случајов и не е единствен пример каде се организираат планинарски тури надвор од државава.
Со развојот на социјалните мрежи пред се Facebook, многу лесно можете да соберете 50 души и да ги качите на било која планина во Македонија. Ситуацијата е слична и за околните планини во регионот, таа реалност не менува ништо во организација на планинарската тура, освен преминување на границата. Реалната состојба на терен околу планинарските друштва и клубови рапидно се промени, па така, ако до вчера се организираа планинарски тури со по 5 души кои одеа кај сакаат и правеа што сакаат, денес благодарение на социјалните мрежи лесно се договараат меѓу себе 50-на луѓе кои подобро си го чуваат стравот во планина и преферираат планинарење во поголеми групи. Улогата на туристичката агенција не ја гледаме во ништо друго, освен да ја зголеми цената на аранжманот.
Несаканите инциденти и трагедии може да се случат и во мали групи, 5-10 луѓе, каде сите се членови на еден ист клуб, и каде сите тие може да имаат лиценци ( таму и самодовербата е поголема, а со тоа и процентот на превземен личен ризик).
Но, да не должиме многу со работите кажани по социјалните мрежи и дебатните тв емисии минатиов период, каде има многу непознавања на ситуацијата, многу непознавања на планинарската психологија и мотиви. Да наведеме нешто друго важно.

Фактот е следен:
1. Се повеќе луѓе тргнуваат кон планините и кон потребата за авантуристички искуства.
2. Се повеќе луѓе од горенаведените, почнуваат да одат во следни фази од авантуристички искуства. Поголеми и потешки услови и врвови.
3. Во иднина процентот на потенцијални несакани настани, повредени, изгубени планинари и турно скијачи/бордери и фрирајдери веројатно ќе расте.
Што треба да превземеме и колку е нашата држава спремна од тој аспект?
Веројатно конечно треба да се формира еден голем и сериозен спасувачки тим, со свои регионални единици, спасителна организација која ќе ги обедини сите доброволни здруженија и поединци под една капа. Служба која ќе биде опремена со свој, еден или два хеликоптера, моторни санки, АТВ возила, специјални медицински возила, кучиња трагачи, радио врски и станици кои би ги покривале сите планински региони во Македонија. Па освен убави планини на посетителите-туристи можеме како додадена вредност да им понудиме и безбедност, брзи спасителни служби, зошто да не?! Сакаш да ги шеташ планините низ Македонија, купи си специјализирана осигурителна полиса, која ќе ти даде некоја сигурност, ама и ќе обезбеди финасиски средства за оддржување на ваков тип специјализирана служба. Во странство земаат пари за се, ние нашите планини ги даваме за џабе, а низ нив и луѓето си ги губиме за џабе!
Доаѓаат нови времиња, нови типови на туристи и уживатели на планините чии број расте, луѓе кои пред сѐ се независни патувачи, авантуристи кои не сакаат нит агенција, нит хотел, нит мотел, па дури ни водич. Ним пештерите и планините им се најдоброто место каде што би сакале да бидат, а притоа никој да не ги вознемирува. Ние како да не сме спремни за овој предизвик или ќе чекаме уште луѓе да ни гинат?!
Поздрав,
Прецедникот
Х.Т

skimacedonia