И оваа есен сме во нетрпеливо исчекување на датумите за најголемиот качувачки празник – REEL ROCK филмската турнеја, која стигна до своето единаесетто издание. Голем дел од датумите се одредени, картите веќе распродадени, се појави трејлерот, а конечно се објавени и петте филма кој ќе ви ја дадат овогодинешната доза врвно качување и бескомпромисен алпинизам. Во продолжение на следните недели, до објавување на датумот на овогодинешното локално издание на REEL ROCK 11, со краток опис и галерија со фотографии ќе ги прeтставиме сите филмови од најновата колекција кои ќе ги прикажат најинтересните приказни и најголемите атлети во рамките на спортот, а во меѓувреме секако ќе ја објавиме и локалната програма која и оваа година ќе се осврне на нашите највозбудливи качувачки подвизи. Петте нови филмови ќе ви донесат возбудлива акција, патувачки истражувања низ светот, голема смеа и вистинска инспирација, а вториот кој ќе го уживате во единаесеттата турнеја е филмот:
МОМЦИ ВО ВРЕЌИ
20 мин.
Главни ликови: Мет Сегал, Вил Станхоуп
Споредни ликови/гласови: Седар Рајт
Мет Сегал и Вил Станхоуп се елитни качувачи по пукнатини и смотковци од светска класа. Во ера на елитни спортисти, модерни диети и строги режими за тренинг, олдскул пристапот на Мет и Вил се состои од напорни обиди, доста забава и лекување на болката со неколку ладни… Предизвикот се појавува кога прават обид на зезнатата мулти-пич 5.14 пукнатина која се издига над глечер во Канадската дивина на планината Бугабу. Придружете се на нивниот ролеркостер од смеа и солзи за време на епската, неколкугодишна потрага, да се постави најсилниот кандидат за најтешкото традиционално алпинистичко искачување.
Минатата недела го претставивме првиот филм од овогодинешниот REEL ROCK, филмот Нови дечки.
skimacedonia







