Како помина АЗОТ 2016 МТБ Предизвик

Записи на Велес Бајкинг

Целокупната организација на овој настан не беше само во овие два дена. Целокупната огранизација започна некаде на почетокот на оваа 2016 година ( иако теоретски тоа беше и многу порано), кога полека ги запишувавме  идеите, плановите, активностите. Локацијата остана иста од минатата година, простор за шаторите има, селото е на дланка, се ни е на дланка.. Од јануари до почетокот на  настанот екипата на Велес Бајкинг 10-на пати го посети теренот, вршеше проверки на искорнатите столбови ( има мажи за рушење сеуште), регистриравме  две скинати мапи ( мангупи бе, кинат.. си можат). Нема друго, тие ке  кинат, ние ке создаваме. Да се исконтролираат 52 км планинска патека која на делови е повеќе од екстремна       (знаат оние  60-на бајкери кои го поминаа големиот маратон пред некој ден) искрено, не е лесно, но кога се  сака – се  е можно. Екипата на ВЕЛЕС БАЈКИНГ уредно ја среди патеката во изминатите 5 месеци, и желно ги чекаше  велосипедистите. А нив, во  саботата, а посебно во неделата ги имаше многу…ама стварно многу.. за наши услови јако, јако МНОГУ… Значи, добро сме работеле, знаат луѓето да порепознаат добра огранизација,а богами знаат и да  осетат дека АЗОТОТ  крие  несекојдневни убавини и ПРЕДИЗВИК кој го крева адреналинот до максимална точка…Знаат бајкерите,знаат…. Преку 450 учесници, некаде  околу 60-80 посетители кои сакаа чисто да  бидат учесници на настанот а ниту возат, ниту имаат велосипед – едноставно сакаат да бидат присутни на АЗОТ 2016 мтб предизвик.

13221326_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava

Утрото на 15-ти мај во Богомила беше преубаво. Реки, реки од  автомобили се упатуваа кон школскиот двор  „Петар Поп Арсов“ во Богомила. Регистрацијата течеше малку добро,малку гужва,малку со грешки,ама… ама никој ,ама баш никој не беше дојден за кавга. Сите  уредно си чекаа ред, сите уредно си ги почитуваа насоките дадени од нас , како организатори. За жал имаше и пропусти, секако… некои од нив не добија маички ( уредно ги запишавме  и им праќаме по карго на сите)..стартот  на големиот маратон започна со 10-минутно задоцнување. Оправдано, секако поради многубројното регистрирање на учесниците. По големиот, некаде  пред 10:00 часот тргна и малиот маратон. Базниот  камп за 5 минути се испразни, останаа неколку членови од  организацијата, екипата на најдобрата велосипедска продавница ПРОБАЈК, како и гостите  и мештаните. Бајкерите  веќе ги впиваа зелените бои од  убавините не  Богомила, Нежилово и белите камења на Бабуна….А оние од големиот маратон се  веќе во Црешнево, некои и на Црешневскиот преслап, некои од нив го искачуваат најтешкиот  дел за возење од целата патека. Тешко е горе на Црешнево, тешко.. ама ПРЕДИЗВИК е , вистински предизвик, затоа и е поставена таква патека. Малата тура во меѓувреме го помина Нежилово, од каде  почнуваше  оној вистински off road, оној пат  низ шума од бука, даб со импозантен поглед кон убавицата Солунска Глава. Тука е погледот од МИЛИОН ДОЛАРИ, тука мора секој да се  фотографира. Потоа следна точка се изворите на Бабуна, иако самите извори се на 40 мин од патот. Но предизвикот сеуште трае, маката да се  искачи овој добар, супер off road во должина од 11км и надморско искачување од 700мнв на 1410 мнв е мотив, вистински предизвик, буквално за сите. Некои со малку паузи,некој со повеќе, некои со болки, некои со песна и оро по патот, но сите се качија на Чеплес…е таму,таму е  убавината…на таа височина, а ти со велосипед….нема зборови да се  опише тоа, нема… а по таа мака, по тој успон..доаѓа downhill, се до селото Папрадиште, во должина од 6,5 км.. Овде е  најопасно, овде  имаше  неколку „киксови“ кои за среќа беа минимални..се до Папрадиште.Таму, посета на едно од најубавите села во Македонија.За него може да се пишува цел ден.

13217520_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava

По Папрадиште, следува асфалт спуст кој исто така е со висок ризик. Но, и таму, и на опасните делници беа присутни момците од МАКЕДОНСКИ СПАСИТЕЛ беа на висина на својата професионална задача. И минатата година , и оваа ги добија највисоките оцени. И заслужија. Честитки за нив. Полека малиот паратон завршува, а 18 најхрабри ја поминаа и последната делница од 16км , наречена како „Прилепски пат“. Браво и за нив. Некаде по 15:00 кампот повторно се полнеше со велосипеди. Малку се чекаше гравчето, ама вредеше, вредеше поради највкусното гравче јадено било кога. По паузата следи миење на велосипедите, и полека напуштање на кампот. Последниот гостин не напушти во 19:00. И ние  полека се  припремаме да си одиме, ама не ни се  оди. Сакаме  да си повториме. Не сега, ќе повториме следната година. Третиот по ред АЗОТ 2017 мтб предизвик ке биде уште подобар, уште поброен, уште поубав за возење…а до тогаш, ние  ке се префрлиме на другата страна, ќе бидеме гости на останатите организирани тури оваа година. Ќе одиме  секаде, ќе се дружиме со сите, онака како што сите наши гости беа полни со позитивна енергија во Богомила. Едвај чекаме на следниот настан.

Се гледаме на Дервен, Во Мариово, Алшар, Маврово, Галичица, Беласица,Шарски води…се гледаме  во август на Попова Шапка..и повторно, СЕ ГЛЕДАМЕ  СЛЕДНАТА ГОДИНА ВО БОГОМИЛА !!!!

П.С. Мораме да изразиме благодарност на многубројните помагачи на овој настан.Благодарност до :

Општина Чашка како главен покровител на настанот, USAID Small Business Expansion Project, Македонски Спасител, Мин-Екс, Алкалоид, Екипата на ПРОБАЈК, ООУ „Петар Поп Арсов“ од с. Богомила на чело со нивниот  директор Панче и сите вработени во него, сите жители на с. Богомила, домаќините на пл.дом Чеплес, ЈКП Дервен, Макеоднски Шуми, екипата на „единица за брзо распоредување“ кои ги решија битните проблеми со повредените велосипедисти, тимот од  ЈЗУ Болница Велес, сопствениците на мотел „Зидан Мост“, продавница Роко или „ресторан кај Борис Трајковски “ … Македонски Железници за кабината за велосипедите.

Исто така благодарност на  бајкерските  групи кои организирано дојдоа: Тиквешки точакџии, Macedonian Bike riders, Explore Macedonia,  “Macedonia Mountain FREERIDERS”. ВК „Актив“-Струмица, Преспа Бајк, ВЕЛОЕВРОПА  бројните екипи од Драчево , од Охрид ( дури 12-мина дојдоа), Гостиварската двојка  со најмалиот  учесник од 14 години, Штипско-Виничка-Кочанска микс екипа…и сите, сите  кои дојдоа. Велес Бајкинг ве  очекува и следната година

(фото Андреа Прошев)

12440772_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava 13064636_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava
13220607_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava
13227600_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava 13235522_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava 13244003_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava 13246196_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava13116351_Azot Bogomila Cepmples Jakupica Solunska glava

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки