Reel Rock 9: Најголемите светски авантури и во Скопје
Осврт за Reel Rock 9 и премиерата на Valley Uprising – Yosemite’s Rock Climbing Revolution, 26 ноември 2014, МКЦ, Џебно кино
За 26ти ноември беше закажана традиционалната REEL ROCK 9 филмска турнеја во Скопје. Како што и самото име кажува тоа е деветтата по ред интернационална турнеја, а прва во Скопје, секако со тенденција да стане традиционална.

Да појасниме, REEL ROCKпретставува документарен филмски серијал кој ги прикажува најголемите достигнувања во алпинизмот, спортското качување, високогорството и сродните авантуристички спортови. За среќа последниве неколку години се чувствува сериозна експанзија на интересот за овие спортови и за аутдор искуствата во Македонија, па веќе се почувствува и потреба за еден ваков настан и во локалниот контекст. И покрај енормниот природен потенцијал на Македонија како планинска земја, за разлика од нашите соседи релативно доцна, дури последниве година-две, се појавија доста качувачки и планинарски клубови, се оклинчија неколку локалитети за спортско качување, се отворија неколку сали за болдер и некоклу продавници за опрема, а тоа поттикна да се појават и доста ентузијасти кој ќе ги шетаат македонските убавини. Токму затоа, Reel Rock како духовен настани каде алпинистите, авантуристите и љубителите на природата се здружуваат за да ја прослават и искусат сржта на авантуристичкиот филм, се појави во вистинскиот миг.
Дел од забавата на Reel Rock настаните покрај филмот околу кој е фокусиран настанот, секогаш се и различните презентации, доделување на награди, присуството на врвни алпинисти, кратки филмови и претставувања, што го имавме и на Скопскиот настан. Конечно како еден куриозитет и од позначајните аспекти во деветтото продолжение на Reel Rock филмската турнеја е што овој пат првпат е вклучено и прикажувањето на долгометражниот документарен филм “Valley Uprising” (Бунтот во Долината), најзначајната нераскажана приказна посветена на Американската контра-култура и алпинистите од Јосемитската долина. Досега Reel Rock беше составен од своевидни прилози или кратки документарни парчиња за најголемите успеси во овие спортови, а сега за првпат е долгометражен документарен филм кој конкретно се однесува на историјата на овој спорт и на историјата и настанувањето на најзначајниот американски, па и светски качувачки локалитет, долината на националниот парк Јосемити, во тоа време небрусен дијамант и незамислив потенцијал за качувачите од целиот свет.
Но да почнеме од почеток… МКЦ беше јадрото каде се собраа локалните авантуристи и каде овој настан се случи. Кога пристапувате кон кино салта на Џебното кино, уште пред самиот влез ве дочекува и изложбата на оutdoor фотографии од репортажите на SkiMacedonia на Христијан Трајчевски и Тони Димитров. Македонските природни богатства и недопрена природа каде тие престојувале или само поминале, претставени на преку шеесетина фотографии. Кораб, Остри врв, Голем и Мал Турчин, Караниколичките езера, Љуботен, Кучибаба, Крчин и Рудина, Стогово и неговите стада и шарпланинци… Овие „места со магичен потенцијал“, како што беше најавено на воведот на изложбата… – „Места каде се спојува светото со профаното. Каде сте поблиску до Бога. За неупатените навидум негостопримливи места од кои треба да се чуваме, но кога тука ќе стигнете, враќање назад нема. Ќе ве повикуваат повторно и повторно да им се навраќате. И секогаш ќе ги доживеете поинаку, ќе видите нешто ново кога ќе се упатите кон врвот. А врвот е светилиште за посветениците кој го чувствуваат повикот на планината. И тргнуваат…“. По ходникот кон салата ве очекуваа уште фотографии, но овој пат од качувачите и качувачките локалитети низ Србија, кој ни ги донесоа Outdoor collective, аутдор ентузијастите од Белград кој беа дел од овој настан уште со неколку аспекти.
Откако ќе влезете во кино салата ве дочекуваат и локалните ентузијасти, авантуристи, планинар, качувачи… Преполната сала која бруи од ентузијазам во исчекување на програмата на првиот REEL ROCK во Скопје. Очигледно интересот беше поголем отколку очекувањата, судејќи според тоа што салата веќе беше полна и едноставно премала да го собере целиот тој ентузијазам и глад за авантура. Со некое столче плус, за кратко започна и самата програма. По отворачката реч на организаторот, воведна презентација даде и културното аташе на амбасадата на САД во Скопје Кеитлин Турк, во врска со потенцијалите на македонската природа кој таа ги искусила, а веднаш по тоа на сцената се појави и Душан Бранковиќ, еден од претставниците на Outdoor collectiveи долгогодишен качувач, кој ја претстави нивната работа поврзана со организацијата на REEL ROCK Белград, а и нивниот ангажман околу аутдор спортовите воопшто. Потоа следуваа и 3 кратки видеа од кој две директно поврзани со српската качувачка сцена. Првото беше интервју со Брејди Робинсон, еден од гостите од Америка, кој го збогатија REEL ROCK настанот во Белград и Ниш, поточно директорот на Access Fund, организација која се грижи за качувачките локалитети и поддржува и претставува 2.3 милиони качувачи низ Америка во сите форми на качување: карпа, мраз, планинарење, болдер… Практично разговорот беше воден во Ниш за време на нивната качувачка екскурзија во најпознатиот Српски локалитет Јелашничката клисура, каде во моментов постојат преку 200 насоки за спортско качување со оцени од 5a до 8b+. Потоа следуваше и проекција на најдоброто качувачко видео во Србија за претходната година „Escape“ (Бегство), а потоа и филмчето “Commit to The Pact” на Access Fund. По овие видеа, презентација имаше и Александар Кирковски од П.К. Македон за неговото искачување на Матерхорн, а сето тоа по повод сто педесетте години од првото искачување на Матерхорн воопшто. Преку оваа презентација публиката детално можеше да се запознае со самата планина, историјата на нејзиното искачување како за и целата алпинистичка авантура на Алек и Бојан кој во наврска го качија Матерхорн.
Потоа и филмот кој многумина го исчекуваа. “Valley Uprising” на Питер Мортимер и Ник Росен, во поднаслов Револуцијата на алпинизмот во Јосемити. Филм кој говори токму за тоа. За револуцијата која се случуваше во изминативе 50 години на пространите гребени на Јосемити долината и кој ги поттикна истражувачите и авантуристите да го напуштат материјализмот и да им се препуштат на авантурите низ високите, пусти гранитни плочи. Тоа е паралелна приказна за развојот на американската култура на консумеризмот, почнувајќи од 50тите години па до денес, но и на развојот на контра-културата и бунтот на генерацијата на битниците, а подоцна и хипиците. Токму на ова место, во светски најпознатиот национален парк – се случува епска драма на ривалство, авантура и бунт во текот на изминатиот половина век, помеѓу неколку генерации алпинисти, кој приказната ја раскажуваат преку ривалството, трагедиите и триумфите. Овие храбри момчиња, па дури и девојки, ја развиваат уметноста на алпинизмот на Јосемити над сите очекувања, судирајќи се со авторитетите од националниот парк и остварувајќи ги најсмелите алпинистички потфати на планетава, прекршувајќи ги правилата на нивен начин и заменувајќи го комфорот на припадноста на средната класа со можноста да станат легенди. Тие го прават непоимливото: ги искачуваат 3000 стапки високите, исправени ѕидови на Јосемити на различни начини, секоја генерација подобро и поуспешно од претходната. Секоја генерација додавајќи нешто ново и поекстремно од претходната (одење по јаже – слеклајнинг или пак летање со костим – вингсуит), судирајќи се притоа со физичките законите на гравитацијата и правните закони кој сепак важат во националниот парк. Филмот е приказ и на развојот на националниот парк, кој под притисок на капитализмот и консумеризмот доживува свој трансформации, еднакво како и самата качувачка сцена. Во оваа недопрена природа, желбата за профит ја претвора во туристички локалитет, негостопримлив за нашите авантуристички херои. Тоа ги принудува да се снаоѓаат и да доаѓаат во судир со ренџерите, но секако не ги одвраќа од нивната идеја, да ги туркаат границите на возможното понатаму. Целата оваа промена влијае и на самото качување. Тоа станува „официјален“спорт кој им овозможува на качувачите професионално да живеат од тоа. Тие стануваат ѕвезди. Но сепак, покрај сите овие промени низ декадите, духот на Јосемити останува бунтовен! Токму затоа “Valley Uprising” е незаборавна приказна за оваа смела традиција која секако нема да ве остави рамнодушни, без разлика дали се бавите или ве интересира овој, условно, спорт или сте само обичен авантурист, ентузијаст или пак можеби интелектуалец кој го чита Керуак. Преку дигитално анимираните фотографии од архивите, спектакуларните филмски сцени од денешнината и минатото и интервјуа со великаните од Јосемити, “Valley Uprising” ја раскажува ова носталгична приказната за храбрите момци и девојки кои ги прекршија правилата и ги редефинираа границите на човековите можности во најлегендарниот национален парк во Америка.
Во бурни реакции и извици на публиката при бруталните падови на качувачите и нивните смели (па и трагични) потфати, доста смеење на навистина смешните и чудни сцени, некако набрзина поминаа неверојатните час и четириесет и пет минути предвидени за филмот. Но и покрај тоа што публиката мислеше дека тоа е крајот, тука некаде следуваше и изненадувањето. Овој пат тоа беа наградите т.е. маиците со логото на REEL ROCK 9 кои ја израдуваа собраната публика. Дел од нас кој фатија по една од нив, гордо ќе ја носиме на следните планинарски тури и качувачки подвизи.
Во исчекување на наредниот REEL ROCK настан во Скопје следната година, за сите оние кој не присуствува на овој настан, топло го препорачувам DVD изданието на филмот кој веќе наредниов месец, по завршувањето на светските премиери, треба да се појави во продажба.
Текстот е превземен од Plagij.at
skimacedonia




