Врв Меденица 2136 мнв, Бистра, 20 март 2014
Избегнувајќи го трендот да се оди на планина за викенд, во сред недела тргнуваме кон Бистра. Целта начелно беше да видиме каква е ситуацијата, како стои со снег, дали има доволно за последно скијање сезонава , дали би можеле да пристапиме до Галичник или Лазарополе и (секако) да ја посетиме највисоката точка на оваа планина која ја познавам во секој нејзин камен или падинка! Имам воспоставено посебен однос со неа, токму поради моето често и долго присуство на нејзините плеќи, време поминато заедно, во непрестаен разговор додела талкам по сртовите, од едно село до друго, од едно ритче до друго, среќавајќи се со овците, овчарките песови, па дури и мечињата! Има толку многу точки кои можат да се уживаат, има толку многу богатства по тие жолто-сиви, навидум суви падини, секако за оној кој сака да ги види. Овие денови падините беа бели, не целосно, но сепак пределот до кој пристапивме се белееше.
Тргнавме доста доцна, со намера на врвот да го уживаме и зајдисонцето, а по (скоро) полната месечина да се спуштиме назад, процедура која сум ја правел претходно, испраќајќи го сонцето на југо запад точно помеѓу врвовите Црвена плоча и Рудина на планината Дешат, a потоа дочекувајќи ја месечината на исток над Мавровското езеро. Рутата која ја имав замислено е прилично кратка, па можевме да тргнеме доцна (околу 13ч) и да стигнеме пред зајдисонцето, пристапувајќи од првото бачило на Галички пат.
Но непосредно пред точката Царевец не пресретна првиот проблем, заледен снежен дел кој не можевме да го надминеме со кола, па не губејќи време едноставно тргнавме пешки кон бачилото.
Бистра не дочека со прекрасно, мирно, сончево и топло време, токму за вистинско доживување на оваа убавица. Стигнавме до бачилото, го заобиколивме ридот кој се испречува од десно и тргнавме нагоре кон сртот на десната страна на планината расцепена со Галичкиот пат.
Тргнавме директно од лево кон првото врвче обележано со кота, а потоа по сртот директно кон седлото кое требаше да го поминеме. До тука снег немаше или беше проретчен, земјата влажна од растопениот снег, а вегетацијата веќе почнуваше да се буди, но на сртот и долу на седлото снегот се уште беше тука иако видно беше попуштањето на жешкото мартовско сонце. Стигнавме на седлото, онаму каде требаше да биде и она мало езерце во облик на око, каде имаше доволно снег за кондурите да пропаѓаат, па беше паметно да се стават и камашни. На оваа раскрсница постојат две опции за пристап до врвот. Едната е директно преку остриот карпест врв кој се испречува пред вас на југ, а потоа да го спуштите и повторно нагоре да се упатите кон Меденица, што во овие снежни услови, земајќи ја предвид стрмнината на карпестиот врв пред нас, сега не беше баш пожелна опција; или да го заобиколите и по срт да се упатите директно кон Меденца. Иако до сега се пропаѓаше до 10-20 см, по сртот кон Меденица веќе сериозно се пропаѓаше во тешкиот и мокар снег и до половина метар отежнувајќи го пристапот. Иако во пониските делови снегот веќе се губеше, горе целата висорамнина беше совршено бела и покриена со фин слој снег.
За кратко стоев на 2163 метри надморска височина. Не многу високо, но поставен централно, врвот овозможува спектакуларен погледот со сите околни масиви – највисоките и најпространи планини во Македонија. Првиот поглед ви се сретнува со Стогово на југозапад, на запад ве пречекува Дешат со Црвена плоча, Рудина, Голем Крчин и Веливар, потоа и моќниот Кораб на северозапад со сртот кој започнува со Рибничка скала и Кабаш, потоа следува Шара, па долу кон северниот дел на Бистра ве дочекува погледот кон Мавровското езеро, на исток Сандакташ, Вели врв, Соколица и Лазарополе и повторно Стогово со карпестиот, овој пат бел, Биг дорук. Цели 360 степени убавини! Сонцето беше се уште високо над Дешат, па имаше доста време да се помине со Бистра, да се набљудува, сонча, да се отиде до падината од каде се гледа Дебарското езеро.
И покрај снегот турата беше лесна и брза, но убава, го испитавме теренот и го искачивме врвот. Доста по едноставно од турата која ја направив во јануари, кога во тој дел имаше навистина доста снег, а на сртовите и јак ветар. Сепак пролетта пристигна, а сонцето забрзано го топи снегот. Сезоната за скијање привршува (иако на самиот врв се забележуваа траги од скии), но започнува сезоната за искачување и уживање на планината во вистинска смисла на зборот.
А потоа пристигна зајдисонцето и време за враќање назад. Небото почна да се исполнува со ѕвезди.
Тони Димитров