skimacedonia

  • Thumbnail“Мавровска тура” 12 Октомври. Должина на патеката, околу 53 км пропратена со одлични пејсажи по течението на Радика, Кораб и селата кои гравитираат кон тој крај.

    Собирно место, Спортски Центар- Борис Трајковски […]

  • Караниколичко езеро и Караниколички врв, 20 јули 2014
    Мирис кој се слуша. Боја толку нежна која тактилно се доживува. Звук во прекрасни бои. Патот до и средбата со Караниколичко езеро е вистинско синестетичко доживување. Не верувам дека е само до периодот во годината кога се цвета и мириса. Ова е можеби едно од помагичните места со кој сум се соочил. Прекрасната Шара, а особено тој дел има во себе скриено вистинска магија, за оние кои ќе се осмелат до тука да стигнат. Во Македонија секако има доста такви места, но тука, Шара, навистина ги растурила сите свои волшепства, по скриените ќошиња, само за најупорните.
    Денот го поминувам во мое Непроштено. Таму и преспивам. Дента секако прошетка и кон Лешок и Лешочкиот манастир. Од Непроштено до Лешок пешки е некој 10-15 минути. Престојот во дворот, во подножјето на Шара и продорниот свеж воздух, ме смируваат. Токму она по кое и сум дојден. Иако тука се случија одвратни ѕверства, мирот и спокојството, по толку векови натопување на ѕидовите на малата црква „Успение на Пресвета Богородица“со молитва, тешко може да се наруши.01 leshocki-manastirУтрото рано, по кратките подготовки од Непроштено се враќам кон Тетово, каде треба да се сретнам со тетовската група и заедно да тргнеме од Тетово, преку Шипковица, Бродец до Вешала. Од другата страна е Вејце, од каде се оди кон Кобилица, а пред нас Бозовце. Ги оставаме возилата на почетокот од селото и полека тргнуваме нагоре. Турата не е воопшто тешка, ниту премногу долга, но е толку богата и раскошна. Најпрвин со многу вода. Има четири-пет добро изградени чешми по патот. Сепак е тоа пат, каде со коњи селаните се движеле кон Косово. Има многу рекички, потоци, водопади. Многу чај. Жолта, бела и ретката црвена ајдучка трева. Жолт и реткиот црвен кантарион и изобилство на мајчина душичка. Премногу боровинки, кој за жал се уште беа зелени.CIMG5302Пополека се движиме кон Караниколичките езера, се до големото езеро на висина од 2180 м.н.в. Од патот скршнавме во десно, нагоре за да видиме дел од магиите на Шара. За кратко се издигнавме до една карпа која на прв поглед изгледа сосема обична, но кога влегов во неа се отвори водопад кој излегуваше од самата карпа. Всушност се работи за понорница која некаде над нас понира и излегува тука во раскошен широк водопад кој ја оплеменува околината. И навистина за кратко пешачење над нас се отвори уште една магија . Таман да се прибереш од претходната глетка уште еден шок. Секако позитивен. Пред нас беше токму местото каде овој водопад понираше и тоа во дупка длабока 15тина метри, која ја поврзуваа два мали камени моста, правејќи подземен водопад. Фасцинантно. Магично. Невидено. Воодушевувачки. Влегов во самата лизгава дупка да го видам одблизу. Којзнае колку ли беше длабока дупката на овој водопад на кат.CIMG5336Откако се соземав од оваа глетка, продолжив понатака, за да по кратко се соочам и со самото езеро. Тиркизно проѕирната вода на огромната тепсија наречена Караниколичко езеро! Воодушувачка глетка, која не е првото но ни последното изненадување за денес. Оттука, идејата беше кој сака да оди и до второто, помало езеро, но кој сака и да остане тука да ужива во благодатите на големото езеро. Да лови риба или да прави скара. Карниворите се определија за оваа опција, а јас секако одам кон врвот Караникола, кој се наоѓа надвиснат над самото езеро. Да стигнам до тука, а да не го искачам врвот, да стигнам до целта, до фокусот на овој предел, каде се собрани сите енергии на ова место, е вистинска бласфемија! Или недај боже да не го видам и второто езеро кое од оваа точка не се гледа. Затскриено е зад еден карпест дел до кој треба да стигнете кога се искачувате кон врвот. Малку се оладив во грч студената вода на езерото и тргнав кон врвот. За кратко бев кај второто помало езеро. Ни приближно елегантно како големото, но сепак достојно за посета. Продолжив понатака и за кратко, точно во моментот кога застанав да земам здив, се завртев назад и што да видам. Поглед од кој ми се одзема здивот, пропратен со извикот „АИ! АИ!“. Точката од која се гледаат двете езера! Уште едно од оние растурени волшепства. Уште малку имаше до врвот па по стрмната падина продолжив нагоре. А за кратко бев на 2479 м.н.в или врвот Караникола, уште едно волшепство пар екселанс.karanikolicko-ezero-11Всушност околу езерото имаше надвиснато три врвови, меѓу кои покрај Караникола, едно помало врвче од лево, а од десно имаше со срт поврзан и уште еден, од кој секако ќе имаше можеби уште поспектакуларен страничен поглед на езерата, па тргнав и натаму. Стапнав на врвот и што да видам. Поглед за милион долари! Испречена цела Лешница, моќна со сите тие карпести кулоари и над неа… ни помалку, ни повеќе Големиот Турчин, најголемиот тука, со сите свои 2747 метри надморска височина. Седнав на една карпа и гледав. Не можев да го одвојам погледот од таа убавина.leshnica-sar-planina-titov-vrvОткако делумно се напоив со тој мир распослан по зелените падини, низ мирисниот етер тргнав малку подолу кон најспектакуларниот поглед кон езерата од каде фино низ мирисното цвеќе, низ тој мед во потенција, се гледаа и двете. Седнав и тука и медитирав во занес некое време. Тешко се покренав повторно надолу кон езерото. Тешко ми беше да се одделам од овие погледи кои маѓепсуваат. Од овие мириси на кои не можете да им одолеете. Кој звучат толку прекрасно, како најмилозвучна музика. Од овие толку нежни бои, кој покренуваат најразлични реминисценции. Од овие звуци кој ве носат на некј други места, некој други сфери. Беше тоа вистинско синестетичко доживување.
     Тони Димитров
     

  • Демир Капија, Миравци, Белиот рај, 4-6 јули 2014
    Кога одиме на планина во Македонија, тоа обично се однесува на големите врвови и планински масиви во западниот дел. Многу и сериозно високи врвови на едно место, па вие избирајте. Секоја од тие планини детално опсервирана, истражна, прошетана. Сите врвови искачени. Од оние наједноставните и најниските, до оние најкомплексните, најграмадните, стрмните, високите. По неколку пати. Што се однесува до истокот, тоа не е случај. Планините се пониски, нема специфични врвови и поради тие причини поретко  не наведува патот натака. Секако тоа не значи дека во тој дел на пребогатата Македонија нема места достојни за нашето внимание, спектакуларни, кои ќе ви го одземат здивот кога таму ќе се најдете.
    Тргнавме кон Демир Капија. Мало место на југо-истокот. Но кое зрачи со мир. Таков е истокот. Неверојатно смирен и бавен. Да живееш таму, ќе живееш сто години. Во Демир Капија не привлекува мирот, свежиот воздух покрај Вардар и Демиркаписката клисура и нејзините неброени карпи. Секако и насоките направени на нив кој привлекуваат многу алпинисти и спортски качувачи. Така и ние тргнавме со таа намера. Да ги качуваме.CIMG5007Се движиме по автопатот кон Гевгелија. И веднаш во тунелот застануваме. Тука се гради новиот автопат Демир Капија – Смоквица. Дел од карпата се буши за новиот тунел.  Ја земаме целата опрeма за качување и се спуштаме веднаш во лево каде не очекува качувачкиот рај. Неколку сектори во тој дел со многу нови насоки со различна тежина. На десната страна, каде исто така имаше многу насоки е небезбедно да се качува поради градилиштето и експлозиите. Качуваме до доцна во ноќта. А наредниот ден не чека уште едно доживување.
    Качуваме и вториот ден. Се ладиме во Јуручка река, притоката на Вардар. Кратки прошетки покрај Вардар, со фасцинантен поглед на самата клисура и дремење под сенката на старите јавори и високите карпести ѕидови. Но кога станува претопло и невозможно за качување, тргнуваме кон уште една авантура. Одиме на југ кон Гевгелија. По Удово скршнуваме  кон селото Миравци. Покрај патот се наоѓа место за кое не ни можете да претпоставите дека таму се наоѓа. Најобичен ридест предел, сосема вообичаен за истокот. Но кога ќе погледнете надолу ве очекува белиот рај! Бројни мали рекички кој прават кањончиња во цврстата црна, од јужното сонце спржена,  гранитна карпа. Мора да требале милиони години за водата да ги направи тие засеци. Многупати сум бил на Кожуф, на рекичката Сифулајка, поточно на „Хипичкио вир“, каде исто така во еден недопрен дол се наоѓаат рекички, бзенчиња и смарагдно зелена бистра вода. Но тоа е една река, а овде се работеше за комплексна мрежа од реки, потоци, притоки, водопади и огромни базени со зелената вода.
    Покрај совршениот поглед, намерата секако ни беше, овој жежок летен ден и  да се искапеме. Тргнавме малку погоре кон една од притоките. Се движевме по работ над реката низ карпестите клисури. Кога по некој 20тина минути движење по тој вонземски предел… пред нас водопад! Тука беше совршениот место да се оладиме. Влеговме во водата, но и тука не нè држеше место па тргнавме нагоре по вертикалната карпа која изискува малку качување и на излезот не очекуваше уште еден подарок. Длабок базен кој всушност се излева во водопадот, совршено место за денешното разладување, каде го поминавме остатокот од денот. Морам да потенцирам дека и наредниот ден по качувањето, повторно дојдовме тука, па просудете за каква привлечност и за какво место се работи. Остатокот од доживувањата со зборови тешко можат да се опишат. За среќа тука се сликите кои можеби делумно ќе можат да доловат  барем парче од тој рајски пејзаж…

  • Бигорски манастир, манастир Рајчица, врв Голем Крчин, врв Рудина 12-13 јули 2014
    По којзнае кој пат на Голем Крчин и на Рудина. По којзнае кој пат во Бигорскиот манастир или Рајчица. Ама се некако те влече повторно да отидеш таму. Никако доста од тие прекрасни места.
    Последната средба со Голем Крчин не беше баш славна. Групата која се упати кон врвот на традиционалната тура кон почетокот на ова лето, Крчин ја дочека во студ, магла и дожд. Ништо од прекрасниот поглед не можеше да се види. За тргнување кон вториот дел од турата – искачување и на соседниот врв Рудина, не можеше ни да стане збор, поради снегот кој се уште го имаше запоседнато изложениот и остар срт, а секако и поради густата магла. Затоа ете некако повторно се наметна потребата да се отиде натаму. Овој пат дополнето со уште неколку прекрасни места кој се наоѓаат во околината на планината Дешат.IMG_6655 Покрај врвот Голем Крчин и Рудина, целта овој викенд беа и Бигирскоит манастир, женскиот манастир Рајчица, Галичник со галичката свадба, новиот качувачки локалитет во Маврово… Нашиот пат овие денови врвеше токму по границата помеѓу планините Бистра и Дешат или поточно по долината на реката Радика. Од таму беа достапни сите овие места.
    Галичник, Бигорски, Рајчица 
    Во Галичник пристапивме многу рано за свадбата, традиционалниот обред кој таму се случува толку децении (па и векови) наназад. Таа почнува дури вечерта и трае се до наредниот ден. Но не ни беше толку битно да го проследиме настанот, колку да ја почувствуваме атмосферата во селото кога тоа е вака живо и  да ги посетиме црквите кој сега се отворени. Сите мои посети на селото биле по некој а планинска тура, кога тоа е празно, кога нема никој од „селаните“ и ништо не работи. Сега баш вриеше и беше преполно. Играорките го подготвуваа својот настап, странците шетаа наоколу по селото, викендашите бараа паркинг место, а селаните гледаа како на сето тоа да заработат. На црквата се вееше огромното знаме со спонзорите на овогодинешната прослава, а од нејзниниот двор ечеше народната музика од големото озвучување. Немаше ништо традиционално во оваа традиционална прослава. Се беше глобализирано и претопено во само уште еден капиталистички спектакл. Но сепак вредеше да се посети ова село, задно со Лазарополе едно од клучните за нашата култура и воопшто историја. И тоа токму на овој голем ден – Петровден. Набрзо го напуштивме и се упативме по долината на Радика кон Бигорскиот манастир.IMG_6695За Бигорскиот манастир и не мора да се зборува многу. Секој верник, па и атеист, намерен или ненамерен патник поминал од тука, го посетил, престојувал, преспал, или одбдеал некој празник заедно со браќата, сестрите или монасите, ја целивал чудотворната икона на Св. Јован, па уште доколку ја имал таа среќа да ги целива неговите мошти… Небо на земјата или чувство на враќање дома. Тоа е доживувањето кога тука ќе стапнам. Така и овој пат. За среќа сега имав малку повеќе време да останам тука, а не само да поминам. Тоа е вистинскиот начин да го доживеете ова место. Да ја вкусите благословената вечера. Да преспиете во монашките ќелии од каде многу убаво се гледа испречена нашата утрешна цел – врвовите Голем Крчин и Рудуина.
    Така некако и со Рајчица, женскиот манастир, кој се наоѓа малку погоре од Бигорскиот, близу Дебар, во селото Рајчица. Значи близу рајот. Таму се наоѓа црквата „Свети Ѓорѓи Победоносец“. А во неа и моштите на Свети Јован Кукузел и Свети великомаченик Георгиј Победоносец, како и честица од Чесниот Крст. По разговорот со монахињите за историјата на манастирот и црквата, за настанокот на чудотворните икони, за тоа како тука стигнала честицата од Чесниот Крст, тие ќе ви дозволат да ја целивате и мироточивата рака на Георгиј Победоносец. А потоа ќе ве поканат на кафе и локум во гостинската соба. Можете да прошетате по фасцинантно средениот двор во кој шетаат разни птици и растат разни цвеќиња, дрва, па дури и палми. Но тоа не е воопшто чудно. По една посета на тој манастир во доцна есен, почувствував дека климата е малку поинаква. Дека таму сепак се мешаат некој други климатски влијанија. Почувствував, верувале или не,  морски воздух. Можеби ќе го игнорирате тоа, или ќе си кажете дека е само привидение, но сепак кога ќе го поврзете тоа со сите тие палми и морски дрвца ќе заклучите дека не е баш случајно. По повод еден документарец кој го правев за Лазарополе, во еден од разговорите со по старите селани кои добро го познаваат селото ми го долови токму тој момент и ми ја разјасни дилемата во врска со оваа клима. По црн Дрим т.е. по дебарското езеро доаѓа медитеранската клима, која поминува покрај Рајчица и на крај сопира некаде кај падините на Бистра и Лазарополе. Во една од моите зимски експедиции од Лазарополе па се до Маврово, а и честите престои во Лазарополе оваа зима, можев тие промени во климата и сосема практично да ги опсервирам. Додека во Лазарополе беше сончево и топло, никаде трага од снег и лошо време, од другата страна на падината на Бистра, во Галичник и по падините околу Меденица, па и по скијачките терени имаше по можеби 20-50 сантиметри снег. Од таму и погодната клима за овие палми во овој магичен манастир, сместен близу рајот.
    IMG_6693
     Дешат
    Времето совршено за повторна средба со Крчин. Сончево, но не многу топло. Со автомобил пристапуваме од Бигорскиот манастир кон ростушки мост, а од таму до Ростуша, можеби најголемото село во околината. Па од таму и до Битуше. Малку над Битуше, до караулата, на теренчето за фудбал ја оставаме колата, па оттука, покрај реката и по јасно означената маркација постаена од националниот парк, тргнуваме низ буковата шума. Во весела атмосфера                 брзо газиме нагоре по цик-цак патеката се до првата чешма. Пиеме од студената изворска вода и продолжуваме нагоре низ првата ливада, потоа повторно низ шумата, втората ливада, за после следниот дел шума да излеземе на отворено веднаш под карпата која јасно се гледа од Бигорски. Тука некаде е и црквичето Св. Спас, а и втората чешма. Но ние не отидовме до црквата, туку веднаш лево од карпата тргнавме да искачуваме кон врвот, бидејќи доколку одиме кон црквата и тргнеме по маркацијата, а потоа по сртот кон врвот ќе кружиме многу. За вака спремна група сепак беше подобро да скрати директно по стрмната падина кон врвот. Во еден момент групата повторно се подели. Една група отиде од левата/јужната страна, една група ја заобиколи карпата низ тесен премин од десно т.е. од север, а пак трета отиде уште подесно да го искачи врвот по сртот од исток за да го добие прекрасниот поглед кон Кораб. Како и да е сите со различен пејзаж, структура на теренот и стрмнина, по неколкуте искачувања на извесно врвче, конечно за скоро стигнавме до самиот Голем Крчин на 2341 м.н.в.. Уживавме во прекрасниот пејзаж, погледот кон Кораб и неговиот срт Кабаш на север, Бистра пред нас на исток со Галичник, Јанче и Лазарополе со Соколица, малку потаму и Стогово со Биаг дорук и Бабин срт кој убаво се оцртува. Тука беа и темелите на старата црква која сега е поместена малку подолу во седлото и каде секоја година се прославува празникот Богородица кога тука доаѓаат и монасите од Бигорскиот манастир.IMG_6717Од тука требаше да се продолжи надолу по сртот кон Рудина со своите 2238 м.н.в.. најпрвин требаше да го симнеме Крчин и потоа по остриот издолжен срт да стигнеме до карпите низ кои требаше да се помине и искачи врвот. Дел од групата остана на Крчин со намера пополека да тргне надолу, додека другиот дел тргнавме кон следната дестинација вториот врв за денес. Одевме по сртот по кои се отвораше се поубав поглед кон Дебарското езеро. По патот се сретнавме со стадото овци и секако нивните верни компањони – шарковците. Поздрав и разменети пар зборови со овчарот и продолжуваме натаму. Стигнавме до навистина остар срт по кои треба доста да се внимава и кој завршува токму под самиот врв, а  потоа по навистина стрмната страна да се стигне до карпестите кулоарчиња во кои треба да се влезе за да се искачи до самиот врв. За кратко стигнавме горе. Се отвори уште попрекрасен поглед над Дебар и езерото, а и врвот Црвена плоча со 2107 м.н.в., последниот на планината Дешат која потоа завршува надолу во Косоврасти.
    Требаше да се одлучи и од која страна ќе го симнеме врвот. Дали ќе се враќаме назад кон север од каде дојдовме и ќе се спуштиме директно кон бачилото под врвот и назад кон црквата, или ќе одиме сосема од другата страна на југ па ќе заобиколиме по изохипсата кон бачилото. Поради динамика и да искусиме поразлична патека го одбравме подолгиот и потешкиот. Од југ веднаш заобиколивме кон источната страна која е доста стрмна, па едвај некако со лизгање успеавме да спуштиме до патеката која оди до бачилото, црквата и влезот во шумата од каде дојдовме.IMG_6772
    По патеката не заоблачи, почна и да врне. Но тоа не го намали расположението, а средбата со прекрасните шарковци во бачилото уште толку и го зголеми. Беа тоа шест прекрасни бели и меки кученца не постари од 2-3 месеци, кои скокаа и се галеа со нас. Застанавме и кај црквата. Преку кровот на црквата упативме поглед кон Бистра, а од тука за брзо влеговме надолу низ шумата.
    Некаде кон крајот на шумата ги сретнавме и останатите од групата кој останаа горе на Крчин, а кој се движеле побавно надолу и собирале печурки. За кратко бевме на повторно на теренчето за фудбал.IMG_6806Повторната средба со Крчин беше навистина инспиративна, благорарејќи на прекраасното време, доброто друштво, а секако и продуховена со посетите на овие духовни места. По симнувањето долу, дознаваме дека караулата над Битуше која ја одминавме и стои напуштена доста време ќе стане нов духовен центар. Во нејзините руини ќе никне младински духовен центар, а до неа веќе се поставени темели за нова црква посветени на сесловенските просветители Кирил и Методиј. Покрај планинарските аспирации, ете уште еден прекрасен повод за наше многу скоро враќање на оваа планина.
    Тони Димитров


               
    funpage

  • Почитувани,

    Планинарскиот Клуб „Јелак“, и годинава го организира традиционалното искачување кон Ѓeнов Камен.
    Искачувањето е на 27ми јули (недела), со поаѓање во 07:00 часот од манастирскиот комплекс „Св. Атанасиј“ во с. Лешок.

    Пешачењето воглавно е низ шума, а пред самата цел – Ѓинов Камен (1666 м.н.в.) се одвива на отворено, на пониските пасишни предели на Шар Планина. Патеката долга 6 km., поминува низ с. Варвара, и е идеална за почетници, но е и добра прилика за поискусните планинари.

    По враќањето во Лешок има организиран ручек за сите планинари во манастирскиот комплекс.

    1. Организиран е превоз ( редовна цена ) до с. Лешок во недела, со тргнување во 06:30 од пред ДОМОТ НА КУЛТУРАТА (библиотека) во центарот на Тетово
    * пријавување за превоз, НАЈДОЦНА до сабота попладне (18:00h)
    – 078225034 – Цули
    – 078622059 – Кате

    2. Секој којшто е заинтересиран, може да се пријави за преноќување во сабота, во шаторско сместување, во кругот на манастирот „Св. Атанасиј“. Вечерaта e на сопствен трошок. Во сабота, собирно место е на паркингот пред Веро, во 16:00h, од каде што тргнуваме за Лешок.
    * заинтересираните за преноќување во шатор да имаат вреќа за спиење, топла облека и слично
    * пријавување за преноќување НАЈДОЦНА до петок попладне (18:00h) на истите броеви
    * местата за спиење во шатори се ограничени

    Aleksandar Stojanovski – Culi

    + 389 78 225 034

    aleksandarculi@gmail.com

    watchoutfilmfestival.com

     

  • Discover Krushevo/Откриј го Крушево е целодневен настан кој на 27ми јули ќе ги прикаже трите најубави страни на Крушево: природата, културата и авантурата.

    Посетете го Крушево и откриј те ги сите задоволства кои ги нуди градот, од настап на Суперхикс и Љубојна на Мечкин Камен, до тури со коњ, летови со тандем параглaј…дер и крушевска скара.

    Купете тикет и добијте можност да летате со тандем параглајдер од најдоброто место за параглајдинг на Балаканот – Мечкин Камен – Крушево. Тикетите се продаваат во сите продажните места на Купи карти за се и на http://www.kupikartizase.com/Events/otkrijte_go_krusevo

    Целиот награден фонд го сочинуваат: 20 летови со тандем параглaјдер, 5 викенди за 2 лица во хотел Монтана, 4 вечери за две 2 во ресторан Шапе и 4 вечери за 2 лица во пицерија Скар.

    Дојдете на извлекувањето во Крушево во недела на 27-ми јули и на 1350 метри надморска висина почувствувајте го недопрениот духот на највисокиот град на Балканот.

    Подолу можете да прочитата повеќе за случувањата кои се дел од програмата на Откриј го Крушево.
    _________________________________________________

    [11-14 часот на Мечкин Камен]

    Незаборавна двочасовна журка за сите генерации со настап на Суперхикс и Љубојна. Суперхикс со своите хитови создавани во текот на 20 години работа, а Љубојна со својот епски проект, Ljubojna Brass Fantasy. Слушнете повеќе од 20 музичари на сцената на Мечкин Камен. Во духот на македонската традиција, за време на журката уживајте во крушевска скара и ладно пиво.
    _________________________________________________

    [9-17 часот на Мечкин Камен]

    Летајте со параглајдер од Мечкин Камен! Крушево е едно од неколкуте места со идеална геоморфологија и клима за летање со параглајдер на целиот Балкански полуостров. На овој ден, сите гости ќе имаат можност да летаат тандем со професионални параглајдеристи од Македонија. Наградната игра ќе овозможи 20 бесплатни летања за оние најсреќните кои ќе купат тикет и на 27 јули ќе дојдат во Крушево. Ако сè уште немате купено тикет за наградната игра, тоа можете да го направите на сите продажни места на Купи карти за сè, преку веб страната http://www.kupikartizase.com и на Мечкин Камен во Крушево на денот на
    настанот.
    _________________________________________________

    [10-12 часот од плоштад Никола Мартиноски]

    Дојдете на тура за разгледување на Крушево со жичара и коњ. Несекојдневна можност да се почувствува и види недопрената природа и долгата историја на Крушево со жичара и коњ. Од жичарата во центарот на градот, со купување на повратен билет кој промотивно на овој ден ќе чини само 50 денари, качете се до врвот на ритчето и оттука со водич и коњ одете до бачилата над градот. Таму, освежете со ладен пијалак, крушевски бакрданик со маштеница или толчени пиперки, дишете чист планински воздух и уживајте во пријатните сончеви зраци.

    Прошетката завршете ја враќајќи се со жичарата до центарот на градот, или испешачете до плоштадот Никола Мартиноски, попатно уживајќи во Крушевското езеро, панорамата на Пелагонија и тристагодишната крушевска корија. На патот кон центарот на градот, посетете ја Спомен-куќата на Тоше Проески, леарницата на оружје или Музејот на Илинден.

    На овој ден ќе имате ексклузивна можност да го прошетате Крушево со двоколка – чеза како што тоа го правеле достоинствениците во минатите векови. Од центарот на градот качете се на двоколката и видете ги најважните места на историското Крушево.
    _________________________________________________

    [10-12 часот]

    Пешачете или возете велосипед по една од четирите новообележани патеки до Мечкин Камен, Св. Спас, меморијалниот крст и ски лифтот. Патеките покриваат повеќе од 40 километри низ недопрената природа на Крушево и се за секаков вид спортисти – рекреативци и професионалци. Ако немате сопствен, изнајмете велосипед во хотелот Монтана и поминете незаборавни мигови во природата околу градот.
    _________________________________________________

    [11-15 часот на плоштад Никола Мартиноски]

    Во центарот на градот пробајте автентична здрава храна од поднебјето на Крушево. Насладете се или купете подарок – мед, слатко од крушевски малини, слатко од крушевски капини, целуфки или локум. Изработени од вредните раце на мајсторите на занаетот, целуфките, локумот, медот и слаткото, ќе ви посакаат топло добредојде на крушевски начин. Целуфките и локумот носат во себе традиција подолга од еден век и се подготвени според рецептите на татковците и дедовците на крушевските мајстори.
    _________________________________________________

    [15-16 часот на плоштад Никола Мартиноски]

    Гледајте како се игра крушевско комитско оро на плоштадот Никола Мартиноски. Комитското оро потекнува од овие надалеку познати револуционерни краишта. Неговата кореографија и симболика се произлезени од македонската историја и од нашата вечна борба за слобода. Гордоста и патриотизмот на комитите се главните мотиви кои во себе ги носи ова оро и кое има за задача да ги зачува и пренесе на идните генерации.
    _________________________________________________

    [10-19 часот во Музеј-леарницата на старо оружје]

    Погледнете ја збирката на оружје од XVIII-XX век во музеј-леарницата која била тајна фабрика за куршуми на востаниците од Илинден. Колекцијата на оружје има и рачно и фабрички произведени револвери и 54 пушки, јатагани кои припаѓале на турските воени чиновници изработени од дрво, метал и слонова коска, потоа војнички штит, војнички бајонет и војнички ножеви-ками. Во леарницата се наоѓа и личното оружје на Претседателот на Крушевската Република – Никола Карев.
    _________________________________________________

    [10-16 часот во работилницата на Миле Бочварот]

    Запознајте традиционален бочвар и слушнете ги приказните за неговата работа. Бочварот Миле е еден и единствен во Крушево и пошироко. Секој љубопитен гостин ексклузивно ќе можe да види и слушнe како се прават буриња, каци и бочви од дрво на традиционален начин кој подразбира уникатни алати и процедури.
    _________________________________________________

    [10-19 часот во Спомен куќата на Тоше Проевски]

    Ако сè уште не сте ја виделе Спомен куќата на Тоше, објект кој освои светска награда за дизајн и архитектура, ова е вашата шанса. Во куќата автентично се претставени ликот и делото на Тоше, а мноштвото детали од неговиот секојдневен живот ќе ја доближат оваа балканска ѕвезда уште повеќе до вашите срца.
    Во надалеку познатиот амбиент на Куќата на Минѕе посведочете го начинот на кој се прави вкусната крушевска пита и крушевските амајлии и вкусете ги овие традиционални јадења на градот подготвени од вештите раце на крушевските домаќинки. Присуствувајте на презентација на рачно везење и видете ги везовите, ткаенините и облеката со која крушевските жени го восхитија светот. Ќе имате ексклузивна можност да ги видите рачно изработените модели кои се дел од приватната колекција на Сандра Булок или биле дел од понудата на модната куќа Версаче.
    _________________________________________________

    [Цел ден]

    Крушевски чомлек во сите угостителски објекти низ градот. Чомлекот е традиционално јадење направено од месо, кромид, по некоја мирудија и многу мајсторија и љубов. Дојдете во Крушево и пробајте од овој специјалитет кој бил меѓу омилените јадења на Крушевските востаници.

     

  • Инвестицијата е проект на УСАИД за експанзија на мали бизниси, а се реализира во соработка со Општина Крушево, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Воздухопловната федерација на Република Македонија и искусни параглајдеристи од земјата.

    Полетилиштето именувано „Мечкин Камен – Исток” се наоѓа во близина на локалитетот Мечкин Камен.

    На настанот Златко Спиркоски, инструктор по параглајдинг, ќе ја претстави новопоставената опрема на полетилиштето и ќе ја демонстрира нејзината употреба.Krusevo (9)Пред присутните ќе се обрата Џејмс Стаин, директор на мисијата на УСАИД во Македонија, Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево, директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски и претставник од Воздухопловната федерација на РМ.

    Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси оваа година ќе опреми четири полетилишта и слетишта за параглајдинг во Македонија.

    Параглајдингот е популарен кај странските спортисти и кај туристите, кои ги користат услугите на локалните клубови за параглајдинг. Се очекува новата опрема да ги направи овие терени попривлечни за странските и домашните посетители со што ќе ја помогне локалната економија.

  • П.А.О.К. ЕНТУЗИЈАСТ – Струмица ќе организира по четиринаесети пат меѓународна традиционална планинарска средба БАЛКАН БЕЗ ГРАНИЦИ на планината Беласица врвот ТУМБА 1881м.

    Средбата ќе биде на ден 23 – 24 – 08.2014 г.(сабота-недела) на тромеѓето на планината Беласица врвот ТУМБА, каде ќе бидат присутни планинари-љубители на природата од Македонија,Бугарија и Грција.

    САБОТА 23.08.2014 г.
    1.Тргнување од селото Смоларе 10 часот кон планинарски дом Шарена Чешма 1300 м.
    2.Посета на Смоларскиот водопад најголем во Македонија.
    3.Пристигнување на Шарена чешма 13-14 часот.
    4.Ручек од 14 до 15 часот обезбеден од организаторот.
    5.Прошетка од 16 часот до 20 часот искачување до врвот СЕМИР КАЈАС 1877м. и местото ЃАВОЛСКИ МОСТ.
    6.Спиење во шатори (секој да си понесе)

    НЕДЕЛА 24.08.2014 г.
    1.Тргнување од планинарскиот дом Ш.Чешма 06 часот,пристигнување на врвот Тумба 09 часот.
    2.Средбата БАЛКАН БЕЗ ГРАНИЦИ од 09 до 12 часот.
    3.Тргнување од тумба 12 часот кон Ш.Чешма.
    4.Ручек од 15 до 16 часот обезбеден од организаторот.
    5.Тргнување од Ш.Чешма 16 часот пристигнување 18 часот во Смолари.

    Секој учесник доаѓа на сопствена одговорност и лично одговара за сопствена психо физичка кондиција.Секој учесник може да си купи спомен мајица 150 ден.

    Организаторот обезбедува ручек во сабота и недела посета на Смоларскиот водопад (секој учесник да си понесе шатор за спиење и прибор за јадење).Пријавување со име и презиме,матичен број,водич на група најкасно до 21.08.2014 г..Пријавите да бидат испратени на адреса ПАОК ЕНТУЗИЈАСТ Струмица п.фах 76.Тел за контакт (070 535 688 Васко) (070 200 848 Коле) (077 984 499 Душко) (075 626 008 Дано)

    П.А.О.К. ЕНТУЗИЈАСТ – Струмица

  • Драги точакољупци,
    пред два дена, во Софија, официјално започна Ecotopia Biketour 2014. На почеток на Август оваа вело-заедница ќе поминува низ Македонија!

    Секој кој сака да се приклучи, ова се деталите за […]

  • Велосипедски клуб „Свиок “ – Радовиш
    организира
    Планински велосипедски маратон „Плачковица 2014“ 31.08.2014

    27.08.2014 19:30 ч
    Собир на организаторите ,со дружење и музика
    28.08.2014 Празнуваме „СВ Богородица“
    29.08.2014
    Ден за собирање на одпад низ планината и
    средување на патеките за маратонот.
    19:30 ч DJ.Set – Дружење
    30.08.2014 продолжува средување на патеката
    19:30 ч DJ.Set – Дружење
    31.08.2014
    Подигнување на бројки: до 10:00 часот
    Старт: 10:30 часот
    Дружење и средување на природата од целиот настан

    Со претходно пријавување до 26.08.2014 год.
    – Мал маратон – 300 ден
    – Голем маратон – 400 ден
    За тие што ќе дојдат непријавени:
    – Мал маратон – 400 ден
    – Голем маратон – 500 ден

    Пријавување на:
    dragantochak@yahoo.com
    За дополнителни информации:

    072/261 711 – Стојан
    078/ 315 213 – Стојан
    071/253 644 – Драган

    Изненадување за најдобрите !!!

  • ThumbnailП.К. ,,Бел Камен” Радовиш

    Покана за 8-ми меморијален марш ,,Спасов Костаке – Цоцо – 2014”

    Почитувани планинари !

    П.К Бел Камен оваа година по 8-ми јубилеен пат го организира Меморијалниот

    Марш ,,Спасов […]

  • Деновиве Yeti Cycles го промовираше новиот мтб, моделот SB5 Carbon и со тоа компанијата објави целосно нов дизајн на суспензија наречена Switch Infinity. Целта секако беше да се добие подобра усогласеност, подршка на средниот дел, полесно управување и поволни карактеристики при работа со педалите.

    Yeti-Cycles-SB5c

    Yeti-Cycles-SB5c-1

    Yeti-Cycles-SB5c-5

     

               

  • Планинарска тура до најубавото од 27-те леднички езера на Шар Планина (2.300мнв). Организиран превоз во 07ч од пред супермаркетот ВЕРО во Тетово,цена на превозот 200ден повратна карта. ЗАДОЛЖИТЕЛНО пријавување на следните телефони како и сите подетални информации: 075/465-602 Цветан,078/250-048 Цоци или во коментар на објавата за настанот на официјалната страната на ПК ТЕТЕКС. Однапред ви благодариме на заинтересираноста и учеството! Се гледаме во недела!

    Hiking tour to the most beautiful of the 27 glacial lakes on Shar Mountain (2.300m). Organized transportation 07h in a front of supermarket VERO in Tetovo, the transport cost is 200den round trip ticket. MANDATORY apply on the phones and all detailed information: Cvetan 075/465-602, 078/250-048 Coci or in the comment on the post about the event on the official side of the МC TETEKS. Thank you for the interest and participation! See you on Sunday!

    Karanikolicko ezero

  • Mickaël Bimboes Freerider во Chamonix Франција

     

               

  • Со преку 2000 учесници од 35 земји се одржа дваесеттиот Megaavalanche 2014 во францускиот ски центар Alpe d’Huez

    Видео од целата трка

  • Боговињско езеро и Бориславец, 15 јуни 2014

    Негостопримливиот Бориславец

    Шара. Најголемиот планински масив во Македонија кој се карактеризира како субалпски, што накратко значи своевидна екстензија на алпскиот масив кој започнува во срцето на Европа. Место каде може барем малку може да го почувствуваме здивот на алпските ветришта и грамадноста на алпските врвови. Токму она кое ние овој јунски ден сакавме да го доживееме.

    Прогнозата за утре беше благо очајна. Со надеж дека лошото време ќе почне или подоцна или дека во најдобар случај ќе не заобиколи. Но нашата желба, поточно кажано потреба да одиме таму, беше поголема. Сакавме нешто големо. Нешто покомплексно и потешко. Изборот беше врвот Бориславец, еден од помасивните, пострмните врвови во Македонија воопшто. Кружна тура преку Боговињско езеро. Скратената екипа со која бевме на Кораб, повторно навистина спремна, тргна кон уште едно убаво заедничко доживување и средба со моќниот Бориславец.

    borislavec-sar-planina (2)

    Тргнавме по матно време. Но надежта дека времето ќе се подобри беше се уште тука. По автопатот кон Тетово гледавме дека целата Шара беше во облаци. Таму горе, можеби и врнеше. Ние сепак, итавме кон неа. По Тетово тргнавме кон Гостивар, но скршнавме десно кон селото Боговиње. Огромно село кое опсервирано од горе наликува на град, а секако и е поголемо од одредени места кој се нарекуваат градови во источна Македонија! Поминавме низ селото и продолживме нагоре кон Ново село – уште едно убаво големо планинско село. Патот кој поминува низ селото е доста кривулест со распаднат бекатон па автомобилот го оставаме некаде кон сретсело. Продолживме пеш долж селото кое изобилува со чешми од кој блика прекрасна планинска вода. Полниме вода на една од нив и се исклучуваме нагоре исчезнувајќи од погледот на селаните некаде по шарските ливади во оваа јунска магла.

    Се чувствувам уморно и неволно се движам. Вчера бевме на Меденица од домот во Беличица; ја маркиравме патеката за претстојната забава и тура наредната недела, па целиот тој пат, тргни-застани, повеќе ме умори отколку што би се уморил кога го одел два пати едноподруго. А и маглава некако дополнително ме демотивираше. Се пробивавме низ високата трева. Ги прескокнувавме поточињата и цапавме во вировите. Околу немаше ништо освен белузлаво сивата маса која ги обвиваше врвовите околу нас.

    borislavec-sar-planina (9)

    Како се движевме нагоре, пополека сонцето ги пробива облаците и не огрева. Ја огрева росата во тревата која ја прекршува светлината распостилајќи ја по ливадата како послана со дијаманти. Овој момент го чекавме. Тука некако мотивацијата и ентузијазмот како да пораснаа, па повесели продолживме понатака низ падините околу кои веќе се отворија и околните врвови. Забрзано лизгавме по изохипсата кон езерото. Сонцето повторно се сокри и почна и да врне. Но за кратко, повторно се отвори, таман за да ни го пружи најпрекрасниот поглед кон Боговињско езеро.

    bogovinjsko-sar-planina

    Езерото се наоѓа меѓу Брустовец и Мала Смрека на 1936 м надморска висина, во правец југозапад-североисток. Тука некаде на почетокот каде езерото истекува, се сместивме за кратко да поуживаме во ова огромно шарско езеро, пред да продолжиме нагоре директно над него кон Бориславец. За среќа времето ни дозволи да го погледнеме. Средбата со езерото и сонцето кое го опсипуваше ми даде енергија и желба сигурно да продолжам напред. Но таа сончева атмосфера не траеше долго. Облаците со огромна брзина надоаѓаа од долината нагоре кон нас и ненадејно само не одминаа. Бевме сведоци како цел  бел блок помина низ нас. Повторно потонавме во белина. Езерото се изгуби од нашите погледи. Беше време да се тргне понатаму. Ја поминавме реката и тргнавме со искачување веднаш нагоре по доста стрмната падина. Се движевме брзо. Трева, сипар, големи расфрлани камења, беа насекаде околу нас. Езерото под нас. Понекогаш ни дозволуваше да го погледнеме за кратко и пак ќе се изгубеше. Сонцето ќе не огрееше и повторно ќе се сокриеше. Во таква атмосфера газевме по падините на Шара кон Бориславец.

    borislavec-sar-planina (13)

    Крајот на падината изгледа прилично близу, а мислите дека таму е и врвот. Искачувате еден дел кој сметате дека е врвот, а тука ви се отвора уште еден дел кон врвот. Го искачувате и тој дел, па се појавува уште еден. Па уште еден! Бориславец е недостапен и покрај маглата, ни се сокрива и зад ридестите пластови. Се додека низ сипарестиот премин не излезете до сртот, фина висорамнина обележана со кота од камења или она што би требало да е врвот. Но не е. Врвот е сокриен во облаците малку понатаму низ сртот, па продолжуваме уште малку понатаму. Сртот е остар и штета што не се гледа надолу кон падините и останатите врвови на преубавата Шара. По страните на сртот имаше и доста снег. Пред нас се испречи уште еден сипарест премин заглавен во снег, кој требаше да го преминеме за конечно, по толку молење, да се сретнеме со негостопримиливиот Бориславец, кој постојано ја пролонгираше нашата средба. Како да не сакаше да се сретнеме. Како да не му беше баш мило што баш денеска тргнавме да се видиме со него.

    По уште краток разговор, конечно не прими. Бориславец. Со сите свои 2602 метри надморска висина, ете само за еден метар повисок од врвот Пелистер. Не беше многу расположен за разговор. Едвај ни дозволи да се сликаме. Околината обвиена во магла, не ни дозволи да ја погледаме ни за миг. Само што седнавме да одмориме, реши да не избрка. Само толку? Запрашав. Но, без одговор, уште еднаш ни укажа дека денес, не сме добредојдени. Силен дожд почна да паѓа врз нас и без да си кажеме пријатно, не принуди да се пакуваме и со наведнати глави да тргнеме надолу.borislavec-sar-planina (15)

    Паѓаше ситен и многу силен дожд кој можеби беше и град. Олеснителна околност беше што не ни фрштеше во лице туку одзади, па можевме да се симнуваме надоле без да се вртиме да фрлиме последен поглед наназад. Ми ги гореше листовите на нозете со ситните ледени куршуми. Трчав надолу по лизгавата тревната падина од спротивната страна на врвот. Турата беше кружна, нели. Надолу се простираше бесконечна стрмна, но свежо зелена страна која требаше да ја спуштиме. По патот се сретнувавме со овчарите, нивните овци и вистинските шарпланинци. Поминувавме низ нивните бачила, покрај камените скулптури, низ кој понекогаш, кога Шара ќе се смислуваше, ни дозволуваше да го погледнеме бескрајниот Полог рамен и бел како море. За повторно погледот да се затвори. Кај овчарите се распрашавме за насоката. Наводно не зборувајќи македонски, некако успеавме со мавтање да  се разбереме и покрај потокот за кратко влеговме во шумата. Остана само уште да ја поминеме реката.borislavec-sar-planina (29)

    Ја поминавме реката покрај чешмата, целите мокри од високата мокра трева. Дождот одана беше престанал. Сонцето обилно светеше повторно осветлувајќи ја зелената падина. Поминавме покрај браната и покрај бункерите и чешмата каде за првпат скршнавме од селото, повторно влеговме во Ново село, каде наголемо се случуваше некоја прослава, најверојатно свадба. Се пресоблековме и тргнавме надолу кон Боговиње.
    ***
    Бориславец е масивен врв. Убав и раскошен низ целото искачување. Но денес ете, негостопримлив. Едвај ни дозволи да му пристапиме. Едвај по толку молење ни дозволи, барем на кратко да се видиме, иако имавме само најдобра намера. И покрај сè, направивме една прекрасна кружна тура, видовме доволно, иако не сè, со надеж дека наскоро Бориславец ќе биде погостопримлив и дека ќе се видиме убаво во некоја наредна сончева прилика.

     

    Тони Димитров

     

  • ThumbnailПРВ ПОВЕЌЕДНЕВЕН ЕКОЛОШКО-ЕДУКАТИВЕН И ЗАБАВЕН ФЕСТИВАЛ ВО МАКЕДОНИЈА

    Тридневниот фестивал ECO GREEN FESTIVAL MAVROVO ќе се одржи од 11,12 и 13-ти Јули на самиот брег на Мавровското езеро, на познатата локација […]

  • ThumbnailПо повод отварањето на летната сезона познатиот француски центар Alpe d’Huez одлучи да ги израдува сите заинтересирани љубители на скијањето и бордот. Викендов на 5-6 јули ќе биде отворен глечерот Sarenne, кој се […]

  • Во светот на брзините, барем во оние спортови и дисциплини каде секоја стотинка е важна изнаоѓањето на пат до перфекцијата е секогаш низ бројни истражувања, обиди и тестирања. На прашањата кој наклон […]

  • Load More
Оди на лентата со алатки