Демир Капија 17-19 април 2015
“The only good reason to climb is to improve yourself” – Ivon Chouinard
Да потполно се сложувам со оваа констатација. Луѓето качуваат од најразлични причини и мотиви, многумина од нив ги хранат своите суети со безвредно внимание од мнозинството на овој грешен свет па качувањето го сведуваат на безмилосен натпревар во тоа кој е подобар. Мене, за разлика од нив, ме води гореспоменатата мисла. Се обидувам од ден на ден да се подобрувам и психички и физички, едноставно да станувам подобар човек…
Таборот на качувачи кој спонтано се одржа во Демир Капија исто така ја потврди гореспоменатата мисла. Спонатано се собравме и качувавме три прекрасни денови. Имаше почетници кои прв пат влегоа во алпинистички смер, а имаше и искусни качувачи кои како вистински уметници танцуваа по смеровите. Се тренираше во секторот “Хамбургер-Берг“, “Градинка“, “Сахара“, “ Јужна стена“… Демир Капија нуди многу, навистина многу во rock climbing-от и во алпинизмот. Има извонредни смерови кои се одлично осмислени за разноврстен тренинг, каде што мора да се усогласат силата и рамнотежата, каде што мора да се разрешат ребуси и енигми како да се поминат одредени делови, таканаречени crux-ови на рутите. Секторот “Градинка“ нуди кратки но тешки тренинг насоки со тежини околу 6a, 6b и вториот ден убаво се “изнатрениравме“ на нив. Веднаш до нив од другата страна на брзата рекичка се наоѓаат и мулти питч насоките кои исто така нудат вистинско задоволство при искачувањето. Некои од нас за прв пат водеа на смерови со тежина 6а, поискусните се пробуваа на 7а па и потешки. Оние најискусните се пробаа и на најтешките алпинистички насоки на Јужната стена како што се “Тулумба “, “Влатчева“ и “Гавранот“. Насмеани лица, искрени совети, релаксирани разговори за качувањето како стил на живеење. Последниот ден иако ни дојде студен бран од север истото не не поколеба па отидовме на секторот “Сахара“ каде што бевме изненадени од импресивната карпа и смеровите со оценки над 7а, 8а и слично. Силниот северен ветер и студеното време не не поколебаа да поминеме уште еден прекрасен ден. Не смееме да го заборавиме и гостопримството на нашиот домаќин извонредниот алпинист Александар Кленов кој ни помагаше со совети и разговори. Се на се одлична дружба која треба во најскоро време да се повтори….
Благој Миленков – Синклер