Изминатиов викенд во Охрид се одржа долго најавуваното изборно собрание на Едриличарската федерација на Македонија. Од делегатите на клубовите беше избрано ново раководство и нов извршен одбор составен од членови од активните едриличарските клубови, ЕК Снегар И Сирма од Струга, потоа едриличарските клубови Бофор и Пират – Охрид, и Пеликан и Развигор 103 од Скопје. За нов претседател едногласно беше избран Зоран Митрески од ЕК Развигор 103, и за нов секретар Тони Димитров од истиот клуб.
Да се биде предводник на национална спортска федерација во Македонија, во ова современо општество, за мене претставува особена чест, но и одговорност кон потенцијалот што го нуди езерскиот природен амбиент на оваа територија, и потенцијалот на нашата спортска нација – изјави новиот претседател Зоран Митрески.
Со изборот на новиот тим од претежно млади талентирани едриличари и искусни организатори на спортски настани и програми, се отвори можност за ребрендирање и подигнување на стандардите на овој спорт и кај нас. Целта е овозможување на потребна инфраструктура, подновување на постоечките тренинг центри и клубови и создавање на нови капацитети, професионален однос кон клубовите и едриличарите, и препознавање нови таленти. Едрењето е еден од најетаблираните и постарите Олимписки спортови, што значи претстои и создавање на тренерска Олимписка платформа во Македонија во комуникација со државните спортски институции, АМС и МОК и светската федерација ISAF, за пласман на наши професионални едриличари на Олимписките игри. Поволниот ветер во случајов е взаемната тимска работа.
skimacedonia
