Магијата на Баба – Ледените езера

Искачување на Пелистер 24-25 мај 2015

Ние Скопјанишчата ретко се упатуваме кон македонскиот југ и неговите убави и високи планини. Пред се затоа што тој дел ни е некако далеку, па претежно го тераме западот како некоја поблиска планинска дестинација. Овој викенд бев Битола, по друга работа. А кога сум веќе таму грев е ако не се качам и до Пелистер.

Така направив. По обврските во саботата во Битола, неделата наутро се упатив кон Нижеполе. Една од точките во околината на Битола од каде започнува искачувањето на планината Баба. Тоа е подолгата рута од каде се оди кон домот и Големото езеро, каде планирав да ја поминам неделата, додека идејата за понеделникот беше да се упатам кон самиот врв. Другата рута е сосема од друга страна, секако пократка и води директно кон врвот Пелистер, од локалните жители наречен антени. Но така ќе го промашите езерото, а со тоа сте пропуштиле и најголем дел од магијата на оваа планина.

Прогнозата за овие два празнични денови беше во ред, но сепак не сјајна. Што значеше тоа за на планина никој не можеше точно да каже. Сè беше оставено во божји раце. Наводно сонце со повремени облаци, додека за понеделник се очекуваше малку посолидно време. Тоа и се случи. Кога тргнав од Нижеполе уште на самиот старт почна да подзаврнува. Облаците доаѓаа и заминуваа. Но за минута две дождот престана. Таман ќе се облечете, дождот ќе престане. Пак ќе подзаврне, пак ќе се облечете, па ќе престане. И така неколку пати по патот дождот лажеше. Брзо напредував кон домот. Патот не е многу стрмен. Прво низ ретката зимзелена шума, прошарана со брези (што е доста ретко за македонските планини), а потоа по голите падини на Баба планина. Чешми има уште веднаш на стартот, потоа уште една и уште една. Која од која со поубава и постудена вода.

Pelister prespkansko ezero (2)

За скоро се најдов и во домот. Прво отидов на средба со големото езеро. Беше делумно покриено со лед, санти кој лебдеа по површината, спојувајќи и разделувајќи се под ударите на силниот ветар. Погледнати од гребенот над езерото изгледаа како мапа на некоја непозната планета, географија која постојано се менуваше. Останав тука некое време, не можејќи да го одвојам погледот од таа фасцинација.

Сакав да одморам час два тука, во домот, кај музејот посветен на Мурато, првиот Македонец што го искачиу Еверест и да одлучам што понатаму. Тргнав без посебен план. Поточно со отворена дилема. Дали да отидам до врвот денес и утредента да одмарам цело попладне, или да уживам денес, а утре рано наутро да го искачам Пелистер. Времето не нудеше баш можности за тоа да го направам денес. Облаците стануваа се потешки, доаѓаа се посиви и помасивни, а што беше потрагично тоа се случуваше баш кон јужната страна каде требаше да се упатам. Со надеж дека утрината облаците ќе попуштат, решив сепак да останам во домот и околината. Да читам, фотографирам, уживам во кристалниот воздух… Сепак искачувајќи се до сртот над домот, чисто да фрлам поглед кон врвот или да фатам мрежа, за да ги извршам нужните обврски кон цивилизацијата, иако нужноста тука е релативна категорија.

Обично брзајќи да се искачи врвот или да се вратите назад, ретко кога се има ваква убава прилика да се помине малку повеќе време на вака магично место. Сум видел доста магични места низ нашата Македонија и верувајте големо езеро е едно од помагичните. Впрочем целата Баба. Тука е големото езеро, а тука е и малото. Тука е и шумата со молика, но и погледот кон Преспа. И самиот дом нуди доста можности. Прво е голем, а тука се и како што кажав, условно, музејот посветен на Димитар Илиевски Мурато, првиот наш Хималаец, со  сите оние фотографии, мапи, текстови и извадоци од весници, а богами и оригиналната опрема со која тој се искачувал на највисокиот! Кога ќе ја погледнете таа опрема, ќе видите која е разликата и тежината да го искачите врвот во осумдесеттите години, а која денес. Тие тешки огромни кондури повеќе наликуваат на опрема за измачување отколку за искачување, тие тенки јакни и панталони и гломазна железарија… Сега е се поинаку од многу аспекти. Слава му!

Се разбудив во 6, а веќе во 6,30 бев на пат нагоре. Сонцето силно грееше иако беше доста студено и ветровито. Со голем ентузијазам и возбуда за средбата со Пелистер, за пет минути бев горе на гребенот. Само огромната долина, каде тече реката Шевница беше помеѓу мене и врвот. Треба да ја заобиколам па почнав да се спуштам кон патот, а од таму и кон Малото езеро. Тука имав уште една дилема. Дали да го качувам врвот по гребенот преку Партизанскиот врв и врвот Широко стапало или да се спуштам директно кон Малото езеро и прво да го искачам Пелистер, а потоа да се качам по гребенот и да ги поминам и останатите врвови на Баба. Веднаш одлучив да се спуштам во долината и прво да се сретнам со Малото езеро и врвот.

Golemo ezero Pelister (4)

Се спуштив набрзина и тука се отвори и Мало езеро. Големото и Малото езеро всушност не се наоѓаат едно до друго, како што обично мислат учениците кои само бубале од книгата по географија и никогаш не се сретнале со планината, а и нивните наставници никогаш не го потенцирале тоа. За разлика од општо прифатениот став, тие се наоѓаат на можеби два часа одење едно од друго, со некое благо аматерско темпо, а доколку не сте внимателни и не знаете каде да побарате или погледнете, можете, на патот кон врвот, езерото и целосно да го промашите. Езерото беше делумно покриено со лед. Исто како и големото, со тоа што поради локацијата беше позамрзнато. Само набрзина го поминав и се упатив кон врвот, искачувајќи се нагоре кон котата или антените.

Малку по добро маркираниот пат, малку кратејќи, низ облаци кој ме покрива и си заминуваа, набрзина дојдов до Пелистер и неговите 2601 метри. Честа е и недоумицата планината да се нарекува Пелистер, а всушност Пелистер е самиот врв, додека тој се наоѓа на планината или поточно масивот Баба. Самиот врв е на 2601, но проблемот е што него не можете баш да го искачите. Тука се наоѓа зградата со антените, па не е баш погодно за уживање, па затоа  споменикот посветен на Мурато е поставен малку подолу на 2600, понатаму од зградата и антените кој решив сосема да ги избегнам. Само отидов да го искачам симболично и тој метар и седев метар подолу кај плочата со податоците за Мурато и неговиот цепин.

Може да се каже дека облаците тука беа најжестоки, но сепак поминав доста време. Беше доста рано, доста брзо го искачив врвот и со ова темпо имав време колку сакам. Назад решив да ги поминам останатите врвови, па се спуштив кон гребенот што ја заобиколува долината и поминува над Малото езеро. Најпрвин се искачува врвот Широко стапало, потоа гребенот се спушта и попатно поминувајќи уште неколку врвчиња и коти, повторно се искачува кон Партизанскиот врв (2349 м.). Кога стапнав на Широкото стапало и неговите 2415 метри надморска висина, ме очекуваше уште еден шок. Позитивен секако. Постојано отворајќи се и затворајќи се на јужната страна, не знаев што точно ќе ме очекува тука, но бидејќи веќе се беше ведро, пред мене се отвори погледот со целото Преспанско езеро! Движејќи се по сртот, од десната страна се гледаа Коњско, Стење, островот Голем град, другите островчиња расфрлани по Преспанското езеро, па и Мала  Преспа кон југ.

Од Партизанскиот се спуштив на патот, а од тука се искачив повторно нагоре кон врвот Ветерница, за по гребенот да стигнам над самиот дом и тука да го завршам ова искуство. Се останато погледнете, проценете, почувствувајте од фотографиите. Бедејќи за жал само тоа и преостанува.

Тони Димитров  

Golemo ezero Pelister (2)

siroko stapalo pelister

Pelister prespkansko ezero

Kota Golemo ezero Pelister

Golemo ezero Pelister

Golemo ezero Pelister stado konji

Golemo ezero Pelister Murato Anteni

Golemo ezero Pelister Anteni Murato

Golemo ezero Pelister (5)

Golemo ezero Pelister (3)

 

За skimacedonia

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оди на лентата со алатки