На барање на владата ќе се прават измени во Планот за управување со Националниот парк „Галичица“, во кои скоро 395 хектари од националниот парк ќе бидат пренаменети во зона за одржливо користење со цел да се овозможи изградба на најавениот ски центар, експресен магистрален пат дел од коридорот 8 и три туристички развојни зони Љубаништа, Отешево и Стење.
За сето ова експертите велат и предупредуваат дека ќе има негативни последици врз целокупната природа, а погодени ќе бидат и неколку ендемски видови флора и фауна кои егзистираат во Националниот парк „Галичица“.
Евентуалната изградба на експресен пат ќе го прекине природното движење и патеки кои ги користат животните, а зголемената фрекфенција на луѓе и возила ќе предизвика бучава и вознемирување на целиот жив свет.
Д-р Трајче Талески, научен работник и експерт “Изградбата на патот на планината Галичица претставува голем градежен проект со големи негативни влијанија врз растителниот и животинскиот свет и врз целиот еко систем на Охрид и Преспа. Тоа е пат кој според еколозите е непотребно голем, широк е 20 метри и има должина од 30 километри. Огромна површина која ќе биде ставена надвор од функција на природата, која всушност ќе претставува граница на национален парк под пат и национален парк над пат, што не може да се случува во национален парк. Со изградбата на овој пат ќе се прекинат комуникации кои сега постојат, односно ќе се попречи движењето на животните кон езерото и низ планината” во изјава за OhridNews.
Познатата алпинистка Илина Арсова, голем вљубеник во природата и одличен познавач на планината Галичица, смета дека изградбата на ски центар во националниот парк е голема грешка и економски неоправдана инвестиција.
-Таму веќе имаме пример за пропадната инвестиција во близина на врвот Лакo Сигној , каде тие жичари профункционирале многу кратко, поради тоа што на тоа место, висина и западна страна снегот не се задржува премногу долго.- рече Арсова.
За Арсова неприфатлива е и идејата ски центарот на Галичица да функционира на вештачки снег со помош на снежни топови кои со вода евентуално би се снабдувале од Охридското Езеро.
-Тоа е огромна инвестиција на погрешна локација и по мене нема да функционира и нема да има ефект, затоа што сите скијачи знаат дека не е исто да се скија на природен и на вештачки снег, а имаме природен снег во изобилие особено на планини кои што не се заштитени и не се национален парк.-вели Арсова.
Според неа многу подобро за развојот на туризмот во Охрид ќе биде да се зачува природата на Галичица и планината да се промовира како дестинација за слободно скијање – „Freeride Ski“, кое е се попопуларно во светот.
-Како туристички работник во последните 10 години со искуство од пет континенти можам да кажам дека новите трендови се се’ повеќе пријателски настроени кон природата. „Freeride“ скијањето не бара голема логистика, односно ски центар, тоа е многу здрава и многу добра физичка и социјална активност, каде луѓето пешки се искачуваат на планина и потоа се спуштаат со скијање од неа. Тоа се огромни трендови, а Македонија е многу атрактивна за таков вид на скијање. Минатата година 5-6 новинари пишуваа за потенцијалите на Македонија за слободно скијање, а годинава исто така ќе дојдат новинари од странство кои се заинтересирани за нашите планини затоа што не се опасни како алпите, туку се умерени, а имаат природен пејзаж и богатство.-вели во изјава за „OhridNews“ Илина Арсова.
Градежниот институт „Македонија“ ја презентираше стратегиската оцена за влијанието врз животната средина на предлог измените на планот за управување на НП Галичица.
Во неа се предупредува на ризиците и последиците врз почвата, подземните води и природните живеалишта, како и на опасноста од нарушување на пејзажноста и автентичниот амбиент и загрозување на културното богатство во регионот. Тука, дополнително се посочува и економскиот бенефит и потребата од реализација на вакви проекти кои ќе го поттикнат економски развој, но и од потребата од дополнителни анализи за измени во паркот.
Загриженост од најавените проекти на Галичица, изрази и УНЕСКО под чија заштита е културното и природното богатство на Охрид. Забелешки нотирани во официјалниот извештај од 38-та конференција одржана во Катар во 2014 година „Сметаме дека планираната изградба на ски центарот на Галичица, ќе има значителни директни и индиректни влијанија врз природата и затоа бараме државата да го запре проектот, се додека не се наприви комплетна стратегиска оцена на влијанијата врз животната средина и истата не се разгледа.“
skimacedonia



